• сабота, 18 мај 2024

Николовски: Откупувачите ќе потпишат анекс на договорите и ќе ја зголемат цената на тутун на 365 денари

Николовски: Откупувачите ќе потпишат анекс на договорите и ќе ја зголемат цената на тутун на 365 денари

Прилеп, 7 февруари 2024 (МИА) - Oткупувачите во земјава со анекс на договорите ќе ја зголемат откупната цена на тутунот на 365 денари за килограм. Потпишаните aнекси на договорите до утре ќе ги достават до земјоделскиот инспекторат и до Сојузот на земјоделските здруженија. Зголемувањето ги опфаќа и досега откупените количества тутун. Ова е епилогот од денешниот состанок на министерот за земјоделство Љупчо Николовски со откупните фирми во земјава, што се одржа во прилепскиот Тутунски комбинат.

- Не зборуваме за поединечни покачувања на една или две компании, туку начелна согласност добивме од сите дека до утрешниот ден ќе ги потпишат анексите. Треба да ги почекаме и конечните одлуки на компаниите, зашто бордовите на компаниите се и надвор од државата, но генералната слика е дека за сите е прифатлива цената од 365 денари за килограм. Очекуваме и таа да биде просечно постигната цена во откупот. Очекуваме овие анекси на зголемена цена да се однесуваат и на сите досега откупени количества тутун и да не станува збор за дефинирање некои додатоци кои на друг начин ги прават, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Земјоделскиот инспекторат упатува на внимателност кај тутунарите да веруваат само на потпишани анекси.

- Според најавите, компаниите до утре ќе ги достават анексите, потпишани со зголемени цени. Значи, пак ги предупредувам тутунарите да не прифаќаат ништо ако нема пишан документ, изјави Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Сојузот на земјоделските здруженија постави услов до компаниите. Потпишаните анекси ги очекува до утре напладне.

- Потпишаните анекси ги очекуваме до утре напладне. Доколку не стигнат, кај тие компании нема да има откуп на тутунот. Ги очекуваме овие анекси, тоа е сето она што ние го баравме од почетокот на откупот, но компаниите прво се согласија, а потоа не сакаа да ги зголемат цените. Време е да заврши оваа голгота на тутунарите, зашто мора да се подготвиме за новата производствена сезона. За тоа иницираме нова средба и да ги поставиме условите, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија по состанокот во прилепскиот Тутунски комбинат.

Министерот Николовски најави нова средба со откупувачите на 18 и 19 февруари во Министерството за земјоделство зашто се нужни измени во Законот за тутун. ем/ир

Фото: МИА

Остани поврзан