• среда, 17 јули 2024

На над десет километри се простира пожарот на Пелопонез

На над десет километри се простира пожарот на Пелопонез
Атина, 11 август 2021 (МИА) – Активното жариште во општина Гуртина во западниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез, претпладнево одново се разгоре, а пожарот, според заменик- префектот се простира на над десет километри, јави дописничката на МИА од Атина. Заменик- префектот на периферијата Аркадија, Христос Ламбропулос за грчката телевизија „Скај“ рече дека ситуацијата е сериозна со оглед на површината на која се протега пожарот и големиот фронт со повеќе жаришта, објасни дека во близина има куќи, но жителите на селата во поширокиот дел веќе се превентивно евакуирани. Додаде дека меѓу куќите има густа шума, а напорите се да се ограничи пожарот и да се спречи дополнително ширење. Ламбропулос рече дека од една страна е оптимист, гледајќи ги многубројните противпожарни сили, но од друга страна изрази загриженост поради ветерот кој не е сојузник во гаснењето на пожарите. Во селата зафатени од пожарот постојат проблеми со снабдување со вода и електрична енергија. Според  заменик- префектот на периферијата Аркадија, процените вчера биле дека изгорела површина од 4.000 хектари и околу 15 домови. Грчките пожарникари заедно со нивните колеги од Велика Британија, Германија и Франција, преку копно и воздух се обидуваат да се справат со пожарот. ср/ссм/

Остани поврзан