На местото на руинираната зграда на стариот суд ќе се гради Митрополија на Струмичката епархија
- На местото на зградата на Стариот суд, којашто е во руинирана состојба, ќе се гради Митрополија на Струмичката епархија.

Струмица, 25 февруари 2025 (МИА) - На местото на зградата на Стариот суд, којашто е во руинирана состојба, ќе се гради Митрополија на Струмичката епархија.
Ваква одлука денеска едногласно беше донесена од членовите на Советот на Општина Струмица на 48. седница.
Предлог-одлуката за давање на трајно користење на објект на МПЦ-Струмичка православна епархија пред советниците ја образложи градоначалникот Костадин Костадинов.
-Ние сме една од ретките општини, една од ретките епархии, коишто немаат своја Митрополија и тоа мораме да го корегираме. За таа цел одлучивме Стариот суд, за кој што од страна на Општината се обезбедени заштитно-конзерваторски извештаи, подготвен е проект, изготвена е пресметка и за рушење и за градење на Митрополијата и би сакал со нив да ги запознаам и советниците и граѓаните. Потребните средства за урнување би биле 1.404.962 денари, а за изградба на Митрополијата 31.257.631 денари согласно пресметките. Убеден сум дека Струмичката епархија заедно со силна поддршка на Општина Струмица и заедно со многу одговорни компании ќе успееат да го реализираат она што навистина го заслужуваат верниците од Општина Струмица, рече Костадинов.
На денешната седница беа усвоени и предлог одлуките за продолжување на работното време на угостителските објекти за време на карневалските празнувања и за спроведување на превентивна дезинсекција, дезинфекција и дератизација на подрачјето на Општина Струмица за 2025 година, како и други одлуки и решенија од различни области.рт/
Фото: Општина Струмица