• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден

13 октомври 2024 (МИА) 

 


54.- Умрел римскиот цар и историчар Клавдиј I Тибериј Друз од отровни печурки кои му ги подметнала четвртата сопруга на Јулиј Агрипин со цел на престолот да го донесе синот од претходниот брак со Нерон.

1792.- Претседателот на САД Џорџ Вашингтон го поставил камен-темелникот за изградба на официјалната претседателска резиденција - Белата куќа во Вашингтон. 

1822.- Во Венеција умрел Антонио Канова, италијански вајар, најголем мајстор на италијанскиот класицизам. Влијаел врз целокупното европско вајарство. Меѓу неговите најпознати дела се вбројуваат скулптурите „Амор и психа“, „Паолина Боргаз како Венера“, „Персеј“ и Наполеоновата биста во Фонтенбло. Роден бил во Венеција, на 1 ноември 1757 година. 

1869.- Умрел францускиот писател Шарл Огистен Сент Бев, најистакнат претставник на француската книжевна критика. Дела: „Живот“, „Книжевни портрети“, „Пор-Роајал“, „Понеделнички разговори“.

1884.- Меридијанот што поминува низ Гринич (предградие на Лондон) бил усвоен како универзален (нулти) меридијан, од кој се пресметуваат географските должини на точките и времето на Земјата.

1911.- Роден е Андре Навара, француски виолончелист, професор на Парискиот конзерваториум од 1949 година, уметник со интернационално реноме. Извесно време имал предавано во Скопје, а бил чест и многу значаен учесник во програмата на Охридско лето. Умрел во 1988 година. 

1921.- Роден е францускиот актер и пејач од италијанско потекло Иво Ливи, познат како Ив Монтан, кој светската слава ја стекнал во филмот „Надница за страв“. Други филмови: „Хероите се уморени“, „Вештерките од Салем“, „Големиот син пат“, „Го сакате ли Брамс“, „Ајде да се сакаме“, „З“, „Признание“. 

1923.- Турскиот парламент ја прогласил Анкара, бивша Ангора, за престолнина на Турција. 

1925.- Родена е биртанската државничка Маргарет Хилда Робертс, позната како Маргарет Тачер, која во 1979 година станала првата жена премиер во историјата на Велика Британија. Во 1990 година со одлука на раководството на нејзината Конзервативна партија морала да поднесе оставка. Маргарет Тачер се памети по својата одлучност повеќе од кој било друг политичар од тоа време. Позната е по блиските односи со американскиот претседател Роналд Реган. За нејзиното владеење Британија влегува во Фолкландската војна со Аргентина, поради спорот околу Фолкландските острови 1982 година. Починала на 8 април 2103 година. 

1943.- Под притосок на сојузничките водачи, италијанскиот крал Виторио Емануел III и неговиот премиер Бадолјо и објавиле војна на Германија, па на тој начин Италија, барем оној дел кој бил под сојузничка контрола, се придружил на антихитлеровската коалиција. До објавувањето на војната дошло дури по паѓањето на фашистичката влада на Бенито Мусолини и по капитулацијата на Италија. 

1952.- Во издание на Државното книгоиздателство излегла од печат „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески. 

1964.- По 24 часа од полетувањето на бродот „Васход 1“, безбедно се приземјиле тројца советски космонаути, членови на првиот вселенски екипаж во историјата на вселенските летови. 

1970.- Познатиот борец за црнечки права Анџела Дејвис била уапсена од агентите на ФИБ. Апсењето предизвика бура протести во целиот свет. 

1984.- Во Скопје умрел Илија Зафировски, македонски новинар. Тој е во редот на првата повоена генерација новинари. Работел во весникот „Борба“, а најголем дел од својот новинарски век го поминал во весникот „Нова Македонија“, во кој бил и главен и одговорен уредник. Смртта го затекнала како директор и главен и одговорен урадник на весникот „Трудбеник“. Роден бил во Охрид, во 1927 година.

1990.- Во московската црква „Свети Василиј Блажени“ на Црвениот плоштад, 73 години по Октомвриската револуција, одржана била првата православна литургија 

1992.- Во Лос Анџелес умрел Ентони Перкинс, познат американски филмски актер. На љубителите на филмската уметност ќе им остане во сеќавање како симбол на актер за хорор улоги. Најпозната од тој жанр е неговата улога на сопственик на мисетриозниот хотел во филмот на Хичкок „Психо“. Роден бил во Њујорк, на 4 април 1932 година. 

1993.- Република Македонија била примена за полноправен член на Меѓународната организација за поморство, со седиште во Лондон.

1993.- Во Крањ, Република Словенија, фудбалската репрезентација на Македонија го одиграла првиот официјален пријателски натпревар, откако нашата држава стана самостојна, суверена и независна. Домаќин била фудбалската репрезентација на Република Словенија. Репрезентацијата на Република Македонија победила со 4:1.

1995.- Во Скопје, делегациите на Република Македонија и Република Грција потпишале Меморандум за практична примена на Привремената спогодба потпишана во Њујорк, на 13 септември 1995 година.

1997.- Британски суперсоничен автомобил прв на земја успеал да го пробие звучниот ѕид, развивајќи брзина од 1.222,7 километри на час. 

2003.- Во Скопје починал Ѓорѓи Колозов, еден од најпознатите актери во Македонија. Дипломирал на тогашната Академија за драмска уметност, на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1973 година. По дипломирањето, тој е во постојан работен однос во Македонскиот народен театар. Неговата популарност била резултат на неговото долгогодишно искуство и мошне популарната македонска ТВ-серија „Македонски народни приказни“ засновани на збирките народни приказни издадени во XIX век од собирачите на македонски народни умотворби како Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓорѓија Пулевски и други. Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, лингвистиката, националната историја и за правото и моралот на Македонците. При Драмата на Македонскиот народен театар остварил позначјани улоги во претставите: „Од многу ум“, „Андрокле и лавот“, „Госпоѓа министерка“, „Чорбаџи Теодос“, „Женидба“, „Воена тајна“, „Мрестење на краповите“, „Слободни врски“, „Валпургиска ноќ“, „Рекламна бајка“ и други. Настапил во повеќе играни филмови, меѓу кои: „Македонскиот дел од пеколот“, „Тетовирање„ и други.

2016.- На 88-годишна возраст починал Бумибол Адулиадеј, кралот на Тајланд. Тој бил монарх со најдолг „стаж“ на престолот и во Тајлад бил почитуван како фактор на стабилност на земјата. На престолот го наследил неговиот син, 63-годишниот принц Ваиралонгкорн. Починатиот крал бил роден во САД, во градот Кембриџ во сојузната држава Масачусетс. На престолот бил од 9 јуни 1946 година, по смртта на неговиот постар брат кој немал директен наследник.

2016.- Американскиот пејач, текстописец и рок легенда Боб Дилан (75) станал добитник на Нобеловата награда за литература која му била доделена за „создавањето нови поетски изразувања во рамките на големата американска поетска традиција“. Боб Дилан е роден во 1941 година како Роберт Ален Цимерман.

2020.- На 76-годишна возраст почина хрватската музичка легенда, Крунослав Кичо Слабинац, пејач, гитарист, композитор и аранжер. Кичо Слабинац беше еден од најпопуларните пејачи во Хрватска и поранешна Југославија, а песните „Поклони ми један дан“, „Због једне дивне црне жене“, „Три слатке ријечи“ – се некои од неговите најголеми хитови. Во младоста се занимавал и со глума. Со евергринот „Плавуша“ од 1971 година, на натпреварот за Песна на Евровизија го освои 14-то место.

###

Остани поврзан