• понеделник, 23 декември 2024

Презентација на резултати од иницијативи во рамки на Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ

Презентација на резултати од  иницијативи во рамки на Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) - Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир и Методија Димовски, генерален секретар на Владата денеска во Скопје ќе го отворат Саемот за граѓанско општество за презентација на резултатите од 49 успешни иницијативи спроведени во рамките на Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ (ЕУ МГО).

На настанот што ќе се одржи во салата на Филхармонијата, како што најавуваат од Делегацијата на ЕУ, ќе следи презентација на резултатите од овој механизам во форма на дигитална изложба и преку информативни материјали. 

ЕУ MГО обезбедува поддршка за малите граѓански и локални организации со цел да се спроведат акции во корист на локалните заедници низ целата земја и да се зајакне отпорноста на граѓаните при чести општествени промени. Во рамки на МГО поддршката, ЕУ додели 0,9 милиони евра за поддршка на 49 иницијативи на граѓанското општество спроведени во текот на 2023/2024 година. Поддршката им овозможи на овие граѓански организации да преземат ефективни активности за навремено да одговорат на итните потреби во нивните заедници и да ја зајакнат отпорноста на граѓаните. Тие, исто така, ги информираа граѓаните за придобивките од процесот на пристапување во ЕУ и поврзаните секторски реформи во секојдневниот живот на граѓаните.

-Овие граѓански иницијативи служат како катализатори за трансформација, кои влијаат на локалните политики и промовираат прашања како што се човековите права, родовата еднаквост, зајакнувањето на младите, културната и еколошката свест и заштита, социо-економскиот раст и создавањето работни места. Иницијативите придонесоа за поинклузивно, праведно и зајакнето општество, позитивно влијаејќи на животот на локалните заедници, наведуваат од Делегацијата на ЕУ.

Поддршката на ЕУ МГО се спроведува во рамки на проектот финансиран од ЕУ „Техничка помош за подобрување на поволната средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“(https://eu4cr.mk/) вг/лв/

Фото: МИА Архива

 

 

 

Остани поврзан