• сабота, 21 декември 2024

Шеста годишна изложба „Сè што ни е заедничко“ во МСУ - Скопје

Шеста годишна изложба „Сè што ни е заедничко“ во МСУ - Скопје

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Во Музејот на современата уметност – Скопје, вечер, во 20 часот ќе биде отворена меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“, составена од дела на уметници кои се во потрага по заемни мрежи на поддршка, исклучително потребни во состојби на општа несигурност, со намера да го отстранат прекаријатниот општествено конструиран дискурс и неговите манифестации во контекст на глобалните сегашни и историски неправди. Кураторкa на изложбата е Јованка Попова.

Како што наведуваат од МСУ, уметници чии дела ќе бидат изложени во оваа поставка се: Дарко Алексовски (Северна Македонија) , Мерием Бенани (Мaроко/САД)  и Ориан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада /Франција), Илија Прокопиев (Северна Македонија/Словенија), Зорица Зафировска (Северна Македонија), Дриант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија).

-Изложбата третира теми од низа историски и современи случувања, вклучувајќи глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните, здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на кршливост и кревкост. Ставен е нагласок на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво, вели кураторката Јованка Попова.

Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас, другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние кои допрва доаѓаат.

Во она што се нарекува шок од антропоцентричност, уметниците размислуваат за генерирање на нови политички аргументи, нови наративи, нови јазици и нови начини на уметничко ангажирање, за итно преиспитување на човечкиот и нечовечкиот живот надвор од воспоставените стандарди за вреднување и однесување.

Како резултат на тоа, изложбата има за цел да го истражи „колаборативниот опстанок“ развиен преку уметнички дела во кои антропоцентричното размислување се помирува во имагинација и наратив за преживување, следејќи различни форми на поврзување, зависности и симбиози за заемно спасување.

Истовремено, ја испитува грижата како интимна врска што ги вкрстува социјалното и политичкото, субјективноста и солидарноста во рамките на емоциите, политиката, екологијата и заедницата.

Дизајнот на плакатот е на Илиана Петрушевска, инспириран од типографијата „Архетип отворена форма“ на Христина Иваноска.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство на култура на Реоублика Северна Македонија и Тиквеш. вг/са/

Фото: МСУ

Остани поврзан