• вторник, 05 ноември 2024

Изложба „Цртеж, Експериментален цртеж" на ДЛУМ во куќата на Борко Лазески

Изложба „Цртеж, Експериментален цртеж

Скопје, 25 април 2024 (МИА) - Изложбата „Цртеж, Експериментален цртеж", во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе биде отворена вечер во 20:00 часот во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески.

Изложбата ќе ја отвори Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во земјава, а е дел од официјалната годишна програма на ДЛУМ. Според еснафското здружение на ликовните уметници, изложбата се организира по осми пат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје.

-Изложбата има за цел да овозможи простор за презентација на дела каде границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми. Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците кои се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи кои ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да откриваат нови можности на ликовна креација, наведуваат од ДЛУМ.

Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување, а цртежот, се посочува, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и користат нови материјали и техники.

-Имаме посебна чест, што изложбата „Цртеж, Експриментален цртеж“ оваа година се реализира во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески. ДЛУМ дополнително ја воведува и темата – можност за осврт кон делото на Борко Лазески со идеја да се поттикнат современите автори за истражување и создавање на сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност. Уникатна можност за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел нашиот великан Борко Лазески чие творештво останува да инспирира и поттикнува, потенцираат од ДЛУМ. вг/са/

Фото: ДЛУМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан