• понеделник, 23 декември 2024

Научен собир во Прилеп: Истражувањата и фактите се во основата на заштитата на културното богатство

Научен собир во Прилеп: Истражувањата и фактите се во основата на заштитата на културното богатство

Прилеп, 26 мај 2022 (МИА) - Научните истражувања и фактите мара да се дел од конзервацијата и реставрацијата на културното богатство. Мора да се доистражува и одговорно да се однесуваме спрема културните добра, инаку може неповратно да ги загубиме. Ова меѓу другото го нагласија еминентните научници, учесници на тридневниот научен собир кој почна денеска во Прилеп во организација на Институтот за старословенска култура.

Дваесетина еминентни научници денеска говореа на темата „Методологија на научноистражувачката работа користена при истражувањето на културното наследство во нашата држава“.

Според Александар Василески од Институтот за старословенска култура од Прилеп, мора да се применат начини и методи да се зачува ликовното и фрескоживописното наследство зашто долго време е подложно на уништување, на кражби и несоодветен третман.

- Научноистражувачката работа е интегрален дел на она што подоцна треба да биде заштита, односно во онаа првична фаза, барем во документирање, потоа во интерпретација и во валоризирање на сите уметнички предмети што ги имаме, како и фрескоцелините. Станува збор за голем фонд на уметнички предмети и стотици и илјадници метри квадратни фрескоживопис кои мора да бидат соодветно третирани, рече Василески.

Весна Петроска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“-Скопје смета дека итно е потребна дигитализација на аудиофондот на снимки, касети и плочи за нематеријалното богатство.

- Мора да се дигитализира големиот фонд на аудиоматеријал, снимки од магнетофони, од касети и плочи кои со текот на времето нормално се оштетуваат и се бришат. Може да дојдеме во ситуација да ги загубиме, рече Петроска.

Професорот Димитар Пандев од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ истакна дека сето она што сме го почнале треба само да го доуточниме и нам ни треба понатамошна разработка на сите тие ракописи. Потребни се институти во повеќе градови за проучување на локалната писменост.

- Во сите наши градови, Охрид, Струмица, Куманово, Штип мора да се отворат институти за проучување на регионалните писмености кои дале свој влог во историјата на македонскиот јазик и во комплетирањето на завршната слика на кодификацијата на македонскиот јазик, изјави Пандев.

Посебна приказна е културниот и археолошки комплекс Трескавец кој сѐ уште е недооткриена приказна. Отец Калист, единсвениот жител на Манастирот, смета дека многу значи соработката помеѓу Црквата и науката.

- Недооткриена е приказната за Трескавец. И за античката населба Колобаиса, и за „златното јаболко“, и за ранохристијанскиот период. Се надевам дека соработката помеѓу Црквата и науката ќе може наскоро да ја комплетира приказната наречена Трескавец, рече отец Калист.

Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура, посочи дека целта на научниот собир е да се покаже дека приодот кон културното наследство треба да биде со факти и научни сознанија, а не со патетична интерпретација на минатото.

- Свесни сме дека постои тоа, но, од друга страна, очекуваме стручно-научната јавност, општествената стварност да ги испочитува нашите, рационални, сериозни, методолошки сознанија, рече Ристески.

Научниот собир утре продолжува на темата „Сеопфатна заштита на материјалното, културно наследство засновано врз мултидисциплинарни научни сознанија“, а в сабота ќе се одржи работилница на манастирот Трескавец. ем/хс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан