• понеделник, 08 јули 2024

Натпревар за развивање игри „Game Jam Plus“ викендов во Охрид

Натпревар за развивање игри „Game Jam Plus“ викендов во Охрид
Охрид, 14 октомври 2022 (МИА) - Во старт-ап центарот касарна Хаб во Охрид од денеска до недела ќе се одржи интернационален маратон за развивање игри „Game Jam Plus“ во организација на касарна Хаб, здружението Тактус и Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА. Во рамки на настанот, како што соопшти организаторот, ќе се одржат два натпревара, а учесниците ќе може да присуствуваат физички или да се приклучат виртуелно. - Првиот натпревар е класичен 48-часовен game jam хакатон кој се случува во исто време низ целиот свет, се развиваат игри на исти теми, а победниците ги избираме на ниво на Македонија. Најдобрите игри, односно 1/3 од игрите продолжуваат во фаза на инкубација каде што ќе работат со ментори од меѓународни компании, информираат организаторите. Тие игри, како што е наведено, во март 2023 година ќе се натпреваруваат на европското полуфинале во Лисабон, Португалија, а понатаму и на глобалното финале во Рио де Жанеиро. Вториот натпревар, додаваат, е насловен „Креирај игра за планетата” и на учесниците им дава можност да се натпреваруваат за награда од 1.300 евра со тоа што ќе креираат игра за мобилни телефони на тема „Климатските промени и животната средина“. - Натпреварот е под покровителство на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко- свест Скопје, a финансиски е поддржан преку проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“, финансиран од Владата на Шведска, стои во соопштението. Северна Македонија првпат учествуваше на Game Jam Plus 2021-2022, како земја со најголем број учесници покрај домаќинот Бразил. - Во октомври 2021 година на настанот се вклучија 153 учесници и се формираа 23 тима од кои пет продолжија во фаза на инкубација, а со тоа и кон полуфиналето. Играта Paint the Thing на тимот The Side од Охрид се пласираше во финалето и ја доби наградата Best Game Europe, соопшти организаторот. Натпреварот содржи шест фази кои треба да се реализираат во периодот од октомври 2022 до јуни 2023 година. сс/мд/

Остани поврзан