• петок, 22 ноември 2024

Народната банка и ЕИБ потпишаа договор за соработка, поддршка за зелените финансии

Народната банка и ЕИБ потпишаа договор за соработка, поддршка за зелените финансии

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Народната банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ) денеска потпишале Договор за соработка, со кој се обезбедува поддршка во напорите на Народната банка во сферата на зелените финансии.

Договорот биле потпишан од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претставникот на ЕИБ во земјава, Бјорн Габриел, а присуствувале и амбасадорот на ЕУ,  Дејвид Гир, амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, како и дел од тимот на Народната банка.

- Соработката помеѓу двете институции се состои во консултантска поддршка за централната банка за понатамошно унапредување на регулаторната и супервизорската рамка за управување со климатските ризици, како и на капацитетите за известување, собирање и обработката на податоци за зелените финансии. Целта е преку овие активности да се зајакне разбирањето на изложеноста на климатските ризици кај корпоративниот сектор од страна на банките и да се поддржат одржливите практики. Соработката ќе се спроведува во рамки на Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи, се наведува во соопштението.

Гувернерката посочила дека Народната банка почнувајќи од 2020 година презема мерки и активности за поттикнување на финансирањето на зелената трансформација на домашната економија. 

- Досега преземените мерки и активности на Народната банка за поттикнување на зеленото финансирање, како и идните чекори се содржани во првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Спроведувањето на планираните активности од Среднорочниот план е веќе започнато. Во насока на зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем на климатските ризици, Народната банка неодамна усвои Насоки за банките за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени. Првичните анализи за оцена на изложеноста на банкарскиот систем на физички и транзициски ризици поврзани со климатските промени, кои се темелат на тековно расположливите податоци во овој домен се особено значајни, и во наредниот период е предвидено да се продлабочат, а во подготовка е и Преглед со зелени показатели, истакнала Ангеловска-Бежоска.

Според потпретседателот на ЕИБ за Западен Балкан, Киријакос Какурис, договорот со Народната банка се заснова на одличната соработка воспоставена во последните неколку години. Тој ги посочил и другите активности во Северна Македонија, како што е зелената кредитна линија потпишана во 2023 година со Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ), како и проектите за одржлив транспорт, енергетска ефикасност и заштита на животната средина во рамките на Економскиот и инвестицискиот план.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер оценила дека финансискиот сектор игра клучна улога во приближувањето кон одржлива, отпорна глобална економија, која ги зачувува ресурсите.

- Без инвестиции во климатската отпорност, не може да има одржливи економии во иднина. Затоа, климатската акција е основен столб на германската надворешна политика. Благодарна сум на Европската инвестициска банка и на Народната банка на Северна Македонија што се наши партнери во ова, рекла Дрекслер.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, со обезбедување приспособена техничка помош за Народната банка на Северна Македонија и локалните комерцијални банки, оваа програма ќе помогне во развојот на ефикасно зелено кредитирање и инвестиции во земјата, а со тоа ќе придонесе за климатските цели на државата.

На средбата, како што информира Народната банка, било заклучено дека меѓуинституционалната соработка, координираниот национален пристап и градењето системи за поголема отпорност и ублажување на штетите, се од суштинско значење во справувањето со климатските промени. 

Програмата на ЕИБ за зелени финансиски системи обезбедува техничка помош за градење финансиски системи кои се отпорни на ризиците кои произлегуваат од климатските промени, со крајна цел поддршка на приватниот сектор во процесот на насочување на расположливите средства во климатски и еколошки одржливи инвестиции. Програмата е финансирана од Меѓународниот фонд за климатска иницијатива на ЕИБ, во име на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности. Таа претставува заеднички придонес на германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности и Европската инвестициска банка кон работата на NDC Partnership, а пред се' кон иницијативата „Поддршка за подготвеност за зелени централни банки“ и Национално утврдените придонеси на РСМ. бак/лв/

Фото: Народна банка

 

Остани поврзан