• понеделник, 23 декември 2024
На денешен ден
23 април 2021 (МИА)   - Денеска е Светски ден на книгата и авторското право 1564.- Во Стратфорд е роден Вилијам Шекспир, англиски поет и еден од најголемите драмски писатели во светот. Во своите многубројни драмски дела уметнички силно ги прикажал универзалните човекови дилеми и заплети. Најпознати негови дела се „Хамлет“, „Магбет“, „Ричард Трети“, „Кралот Лир“, „Ромео и Јулија“ и „Отело“. Умрел во Стартфорд, на 23 април 1616 година. 1792.- Создадена била француската химна „Марселеза“ која не ја компонирал професионален музичар, туку инженерскиот капетан Руже де Лил и тоа како марш. Химната ја пееле револуционерните војници на маршот од Марсеј до Париз. 1858.- Во Кил е роден Макс Планк, германски физичар, основач на Квантната теорија, хипотеза дека енергијата се емитува и се апсорбира само со дискретни количества. Работел и на теоријата за хемиска рамнотежа и на формулирањето на термодинамичките принципи. Во 1918 година ја добил Нобеловата награда за физика. Умрел во Гетинген, на 4 октомври 1947 година. 1891.- Во Сонцовка е роден Сергеј Сергеевич Прокофјев, руски композитор и пијанист, еден од најоригиналните советски музички творци. Творештвото му е проткаено со руска национална музика, но во исто време и со модерна според стилот на тонското изразување. Негови познати дела се балетите „Ромео и Јулија“, „Пепелашка“ и „Приказни за камениот цвет“. Умрел во Москва, на 5 март 1963 година. 1897.- Роден е канадскиот државник Лестер Боулс Пирсон, шеф на дипломатијата од 1948 до 1957 година и премиер на Канада од 1963 до 1968 година. Добитник е на Нобеловата награда за мир во 1957 година. 1938.- Судетските Германци, побарале полна автономија во рамките на Чехословачка. Бидејќи автономијата не ги задоволувала, со Минхенскиот договор - со несакана согласност на западните демократии Велика Британија и Франција, во септември 1938 година тој дел на Чешка бил припоен кон Германија, со што во март 1939 година Чехословачка била целосно окупирана и распарчена. Од остатокот на Чешка бил формиран протекторатот Чешка и Моравска. Прикарпатска Русија (Украина) била припоена кон Унгарија, како и јужните делови од Словачка со што била формирана таканаречената независна Словачка. 1941.- Грчката војска во Втората светска војна капитулирала пред трупите на Германија, а кралот и владата ја напуштиле окупираната земја. 1945.- Советската армија во Втората светска војна ги ослободила германските логори Сексенхаузен и Равенсбирк. 1972.- Во Скопје бил поставен камен-темелник на Соборниот архиепископски храм на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“, кој е осветен на 12 август 1990 година. 1975.- Последната сајгонска (јуужновиетнамска) влада поднесла оставка, а претседателот на САД Џералд Форд едноставно признал дека Американците претрпеле пораз во Виетнамската војна. 1986.- Умрел американскиот филмски режисер од австриско потекло Ото Премингер, пионер во примена на „широкото платно“ кој внел длабока смисла за анализа на човечките карактери. Филмови: „Лаура“, „Ангелско лице“, „Кармен Џонс“, „Река без поврат“, „Човекот со златната рака“, „Св. Јованка“, „Бура над Вашингтон“, „Добар ден таго“, „Анатомија на едно убиство“, „Егзодус“, „Кардинал“. 1989.- Во Скопје умре проф. д-р Владимир Картов, професор на Правниот факултет во Скопје, истакнат научен работник, особено во областа на историјата на македонскиот народ. Роден бил во селото Смоквица, Гевгелиско, во 1934 година. 1990.- Кинескиот премиер Ли Пенг допатувал во Москва, во прва посета на Советскиот Сојуз како премиер на Кина после 26 години. 1992.- Умрел индискиот филмски режисер Сатјаџит Рај, еден од најголемите филмски творци на 20 век. Негови најпознати филмови се „Непобедливи“, „Апуов свет“, „Каменот на мудроста“, „Салон за музика“, „Рабиндранат Тагоре“, „Три девојки“, „Метропола“ и други. 1996.- Лансиран бил петтиот и последен модул на руската вселенска станица „Мир“ - научната лабораторија „Природа“, опремена со многу уреди, вклучувајќи оптички инструменти за истражување на ресурсите на Земјата. 1997.- Претседателите на Русија и на Кина, Борис Елцин и Џанг Цемин, потпишале декларација со која се спротивставиле на доминацијата на САД по завршувањето на студената војна. 1998.- Умрел грчкиот државник Константин Караманлис, претседател на Грција од 1980 до 1985 година, основач на партијата Нова демократија. Првпат станал претседател на владата во 1955 година, и на таа функција останал до 1963 година, кога доброволно емигрирал. Повторно составил влада во 1974 година, по падот на воената хунта, одигрувајќи клучна улога во обнова на демократијата во Грција. 2003.- Демаркациската линија под контрола на Обединетите нации која од 1974 година го дели Кипар на јужен грчки и северен турски дел била отворена за населението по цели 30 години. За само една недела околу 150.000 луѓе престојувале на територијата на другата етничка заедница. 2007.- Починал Борис Елцин, првиот руски претседател по распаѓањето на Советскиот Сојуз - од 1991 година до крајот на декември 1999 година. Роден бил на 1 февруари 1931 година во селото Бутка, во Талицкиот реон на Свердловската област. Автор е на книгите „Исповед на дадена тема“, „Записи на претседателот“ и „Претседателски маратон“. 2015.- На 76-годишна возраст почина актерката Сузан Максут, доајен на НУ Турски театар. Од 1962 година е член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите каде што има одиграно голем број улоги се до пензионирањето во 2001 година. Попознати актерски остварувања се Дездемона во „Отело“, Мерима во „Омер и Мерима“, Катрин Хауп во „Мајка храброст“, Ширин во „Легенда за Љубовта“, Медеа во „Медеа“, Ајше во „Цвеќарот Али“. Добитник била на наградите Актер на годината на весникот „Бирлик“и Награда на Град Скопје „13 Ноември“. Учествувала во голем број телевизиски, филмски и радио-проекти. Играла во филмовите „Најдолгиот пат“, „Исправи се, Делфина“, „Време, води“ и „Македонска сага.   ###

Остани поврзан