• сабота, 13 декември 2025

Наградени дваесет најуспешни наставници и стручни соработници од основните училишта од Општина Кисела Вода

Наградени дваесет најуспешни наставници и стручни соработници од основните училишта од Општина Кисела Вода

12 декември 2025 

Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска ги додели наградите на дваесетте најуспешни наставници и стручни соработници, кои се препознаени за својот посветен труд и значајниот придонес во воспитно-образовниот процес. Комисијата ги избра наградените врз основа на зададени критериуми кои ја оценуваа професионалноста, посветеноста и влијанието на наставниците врз развојот на учениците.

Наградите се парични, но, како што истакна градоначалничката, нивната главна вредност е во симболиката и признанието за посветеноста на наставниците:

-Овие награди, иако парични, се пред сè симбол на признание за вашиот труд и професионалност. Тие ја потврдуваат важноста на вашата посветеност и влијанието што го имате во воспитно-образовниот процес. Вие, како наставници и стручни соработници, создавате средина каде децата учат, растат и веруваат во себе. Како градоначалник, лично ќе се залагам за подобри услови за работа во нашите училишта. Сакам да имате простор, опрема и поддршка за да го дадете својот максимум. Општина Кисела Вода ќе продолжи да инвестира во инфраструктура, современи наставни средства и проекти кои ја олеснуваат вашата работа и ја поддржуваат вашата професионална реализација. Ви благодарам за посветеноста, трудот и енергијата што ја вложувате во образованието на нашите деца. Вие сте вистински столб за идните генерации и заслужувате сета почит и признание-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Настанот, кој се одржа во Во Домот на култура „Билјана Беличанец“, беше збогатен со музички и сценски точки од учениците на Основното училиште „Невена Георгиева Дуња.

Општина Кисела Вода

Остани поврзан