• петок, 06 септември 2024

Муртезани во Европскиот парламент во Брисел на средба со Ќучук

Муртезани во Европскиот парламент во Брисел на средба со Ќучук

Скопје, 5 сепетември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Европскиот парламент во Брисел оствари средба со претседавачот на Комитетот за правни работи (ЈУРИ), Илхан Ќучук, член на парламентарната група „Renew Europe“, со цел размена на мислења за важни теми поврзани со соработката со Европскиот парламент во делот на евроинтегративниот процес.

Како што соопштија од Министерството за европски прашања, Муртезани се заблагодарил за, како што рекол, конзистентната принципиелна поддршка на Европскиот парламент во контекст на политиката за проширување на ЕУ со земјите од ЗБ, нагласувајќи ја одличната соработка со Собранието на Република Северна Македонија преку дијалогот Жан Моне, кој претставува важен елемент на севкупниот ангажман на ЕУ за нашето европско досие.

Европратеникот Ќучук ја реафирмирал цврстата поддршка за напредувањето на Северна Македонија кон ЕУ и го нагласил значењето на континуираниот дијалог и конструктивниот ангажман како на билатерално, така и на европско ниво.

Била отворена и темата за именувањето на новиот известувач за Северна Македонија во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) во Европскиот парламент. На состанокот се разговарало и за можностите за зајакнување на билатералниот дијалог, со акцент на решавање на отворените прашања и промовирање на добрососедските односи. сст/лв/

фото Министерство за европски прашања

Остани поврзан