Младински форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените
- Младински форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените денеска се одржува во Европската куќа (Europe House Skopje), во организација на Здружението „АРНО“ од Македонија и Институтот за економска демократија од Словенија.
Скопје, 19 јуни 2025 (МИА) - Младински форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените денеска се одржува во Европската куќа (Europe House Skopje), во организација на Здружението „АРНО“ од Македонија и Институтот за економска демократија од Словенија.
Програмскиот директор во Организацијата за социјални иновации „АРНО“ Марјан Ицоски изјави дека овој форум е дел од пошироката слика на социјална економија во Европа, на Западен Балкан и во Македонија. - Завршен настан од еден „Ерзамус плус“ проект, во кој се обидуваме да донесеме искуства од Словенија за сопстственост на вработените и за економска демократија. Тоа се нови модели кои даваат сопственост на самите вработени во компанијата и имаат еден модел на транзиција, односно на продавање на компаните на вработените. Се почесто фамилијарните бизниси не сакаат да се наследуваат, обично децата или другите роднини, вработени сакаат да се занимаваат со други бизниси. И останува една голема празнина каде тие мора да згаснат или да се продадат, што не е секогаш најдобра опција. Вработените како дел од компанијата многу години знаат таа како работи и можат да ја преземат цела работа. Тоа е идејата од проектот, изјави Ицоски пред почетокот на Форумот.
Учиме, како што рече, од словенечки искуства, а кај нив веќе е во процедура закон, каде сето ова ќе се олесни и ќе ги мотивира компаниите да го прават. Додаде дека кај нас се уште нема ваков закон, имаме правна регулатива, но, како што рече, не е доречена во однос на овие работи и токму тоа се трудиме.
Тој потсети дека пред некое време во нашата држава имаше случај кога конфекција од Штип им била дадена на работниците за да ја управуваат и да работат. - Тоа беше голема вест. Овој модел е помодерен, понов, за разлика од тоа што нуди еден модел на управување компании што е подобен за младите. Зошто зголемува продуктивност и мотивација, а компаративни искуства од други земји од Европа ни кажуваат дека во случај на криза, на пример во ковид-кризата вакви ЕСОП-компании, така се вика моделот, не отпуштаат вработени, немаат загуби, имаат повеќе солидарност, работниците сами одлучуваат како ќе работат, што ќе работат, итн., рече Ицоски.
Себастјан Пикл, коосновач на Институтот за економска демократија од Љубљана, Словенија изјави дека се занимаваат со сопственост на работниците и со економска демократија.

- Пред неколку години подготвивме модел кој се вика ESOP – Employee Stock Ownership Plan и сакаме да го воспоставиме овој модел во Словенија и во ЕУ. Се работи за економски легален модел со кој би можеле компаниите да се преструктурираат во работничка сопственост. Тоа го работиме веќе пет-шест години и оваа година во Словенија ќе биде донесен закон, кој ќе овозможи работничка сопственост во компаниите преку задруги. Поради законот ќе има и некои даночни ослободувања и можности за финансирање кои досега ги немаше, изјави Пикл. мд/вј/
Фото: МИА