• понеделник, 01 јули 2024

Мицотаки: Јуни беше тежок месец, но летото ќе биде особено опасно за пожарите

Мицотаки: Јуни беше тежок месец, но летото ќе биде особено опасно за пожарите

Атина, 1 јули 2024 (МИА) – Јуни беше исклучително тежок месец во однос на временските услови, со голема суша и невообичаено силен ветер за овој период од годината, но треба сите да бидеме внимателни и во текот на летото, кое според прогнозите ќе биде особено опасно, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, осврнувајќи се на ситуацијата со пожарите во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис посочи дека „државата е присутна од првиот момент во стотина жаришта на целата територија“, додавајќи дека овој пат координацијата е значително подобрена. 

-Верувам дека овие денови видовме многу подобра координација, видовме многу навремена интервенција на противпожарната служба, за првпат ја видовме големата важност на дроновите за рано откривање на пожарите. Мислам дека видовме подобра координација на полицијата, локалната самоуправа и волонтерите и мислам дека резултатот од овој напор беше што, и покрај тешките услови, изгорените површини и штетите беа ограничени во однос на големината на заканата, истакна Мицотакис. 

Како пример, ги спомена податоците од двата големи пожари во близина на Атина во текот на викендот и рече дека сепак изгореле помалку од 100 хектари, а паралелно порача дека за време на сезоната на пожари, неопходна е помошта од граѓаните, особено во делот на превенцијата. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан