• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски со градоначалникот на Јегуновце Костадиновски на увид на водовод во изградба во Жилче

Мицкоски со градоначалникот на Јегуновце Костадиновски на увид на водовод во изградба во Жилче

Тетово, 22 април 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“ направија увид на изградба на водоводна мрежа во населеното место Жилче. Обезбедувањето чиста и здрава вода за пиење е децениски проблем за регионот, кој сега се надминува, потенцираше градоначалникот.

-Од проектите кои беа реализирани во изминатиот период од повеќе од една година, најголем и најзначаен проект беше изградбата или обезбедување чиста и здрава вода за пиење за населените места Жилче и Шемшево. Ова беше децениски проблем со кој се соочуваа населени места Жилче и Шемшево и мое задоволство ете што успеав за овој краток период заедно со администрацијата, заедно со жителите од овие населени места, посебно со Јавното комунално претпријатие на Општина Јегуновце да успееме сами да го изработиме тој проект, да го реализираме и да обезбедиме чиста и здрава вода за пиење. И мислам дека тоа е историски и суштински проект, а во иднина ќе продолжиме такви проекти да реализираме и во другите населени места на територија на Општина Јегуновце, истакна градоначалникот Костадиноски.

Градоначалникот информираше дека воедно во училиштето во Жилче е завршена реконструкцијата на внатрешниот дел, замена на постоечкото загревање со поставување парно со топлинска пумпа. Тој потсети дека беше пуштена во употреба градинка во населеното место Прељубиште, а ќе почнат  парк во Туденце, оградување на библиотеката во Прељубиште и локален пат во населено место Вратница.

-Тече постапка и е завршена за неколку подрачни училишта во Копанце, Сиричино исто за поставување на топлинска пумпа и за реновирање на внатрешниот дел на училиштата кои се надевам дека успешно ќе ги завршиме.  Во овој период имаме исто одобрено средства за асфалтирање на патот кој води во Жилче и Ратае кој ќе почне за многу брзо од сега да се реализира. Исто и во Ратае ќе започнеме со поставување на дел од фекална канализација на делот од селото, каде ќе биде реконструиран патот, истакна Костадиноски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека импозантно е што се реконструираат училишта, се пуштаат градинки, се градат улици, канализации, паркови.

-И навистина од сето ова кое што го слушнав можам да кажам дека дури и она кое што било ветувано и повеќе имаме можност нормално до крајот на мандатот на градоначалникот на Општина Јегуновце да го реализираме, па дури и она кое што не било ветувано со идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Убеден сум дека можеме тоа да го направиме бидејќи тука се работи чесно, посветено, храбро и мислам дека ако вака се продолжи, а нема зошто да не се продолжи, јас сум убеден дека вака ќе се продолжи и со идната влада наместо да опструира, ќе помага, ќе може да се реализира и повеќе од тоа кое што било ветувано.  Сакам да му честитам на градоначалникот, на тимот кој тука работи, на луѓето од администрацијата, на советниците во Општина Јегуновце и да им посакам уште многу вакви проекти бидејќи ова се проекти кои што се значајни за сите жители во Општината, истакна Мицкоски.

Лидерот на опозицијата истакна дека со идната влада на ВМРО-ДПМНЕ уште многу работи ќе бидат реализирани и нема да има заборавени места на 25 илјади квадратни километри во државата. ас/вг/

Остани поврзан