• понеделник, 23 декември 2024

Дел од раководството пристигна во седиштето на СДСМ, се очекува прес - конференцијата на Ковачевски

Дел од раководството пристигна во седиштето на СДСМ, се очекува прес - конференцијата на Ковачевски

Скопје, 8 мај 2024 (МИА) - Дел од раководството пристигна вечерва во седиштето на СДСМ, по затворањето на избирачките места за претседателските и парламентарните избори, каде се очекува прес-конференција да одржи лидерот на партијата, Димитар Ковачевски. 

Во изјава за медиумите при пристигнувањето потпретседателот на партијата Фатмир Битиќи, Оливер Спасовски, Јован Митрески и Венко Филипче кои беа носители на пратенички листи во изборни единици, не сакаа да коментираат за очекувањата од изборите, туку,  како што напоменаа ќе ги почекаат резултатите од гласањето.

Портпаролката на СДСМ Богданска Кузеска на прес-конференцијата одржана во седиштето на партијата кратко по затворањето на избирачките места на двојните избори што се одржаа во земјава, оцени дека имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден.

-Изборите беа фер и демократски, како што доликува впрочем на земја членка на НАТО со почнати преговори со ЕУ, изјави Кузеска.

Таа посочи дека биле констатирани одредени неправилности, но оти сметаат дека тие биле незначителни за изборниот процес и нагласи дека се во очекување на првичните резултати од гласањето.

-Граѓаните покажаа демократски капацитет, а институциите зрелост, имавме слободни, демократски, мирни и достоинствени избори. Особена благодарност изразуваме до граѓаните кои го дадоа својот глас за СДСМ коалицијата „За европска иднина“ и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму. Во очекување сме на првичните изборни резултати, рече Кузеска. 

На новинарско прашања за тивкиот бојкот во општините со доминантно албанско население, каде гласаа за парламент, но не и за претседателските кандидати, портпаролката на СДСМ посочи дека секоја партија треба да одговара пред себе и пред граѓаните за тоа како настапила и оти СДСМ никогаш не биле кочничари на демократските процеси во земјава.

-СДСМ никогаш не бил кочничар на демократските процеси, никогаш не бил кочничар на кои било процеси коишто ја носат државата напред и затоа денеска излегуваме со една ваква оценка и уште еднаш благодарност до сите граѓани коишто излегоа на гласање и коишто го искористија свето право на глас, подвлече Кузеска.

Во меѓувреме, во прес-салата во седиштето на СДСМ можат да се забележат медиумиските екипи, главно од домашните медиуми, како и дописници на Ал Џазира и на АФП.

Следната прес - конференција од СДСМ ќе ја држи претседателот на партијата Димитар Ковачевски, а за времето на одржување ќе информираат дополнително од партијата. вг/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан