• четврток, 09 април 2026

Стратешка енергетска соработка: Божиновска на средба во Белата куќа со советник на Трамп и висок функционер од Националниот совет за енергетска доминација на САД

Стратешка енергетска соработка: Божиновска на средба во Белата куќа со советник на Трамп и висок функционер од Националниот совет за енергетска доминација на САД

Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Во рамките на официјалната посета во Соединетите Американски Држави, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба во Белата куќа со Jarrod Agen, заменик-советник на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД.

- Средбата се одвиваше во отворен и суштински дијалог, со јасно дефиниран фокус на стратешките приоритети и конкретните насоки за унапредување на соработката, при што од двете страни беше оценета како особено продуктивна и корисна - велат од Министерството.

Jarrod Agen, додаваат, е висок функционер со значајна улога во креирањето и координацијата на енергетските политики на САД, со директен увид во стратешките приоритети и развојните процеси во секторот. Неговото искуство и познавањето на глобалните енергетски текови претставуваат важна основа за развој на идни партнерства и проекти.

- На средбата беа разменети ставови за унапредување на двостраната соработка во енергетскиот сектор, со акцент на енергетската безбедност и стабилност на снабдувањето, диверзификацијата на енергетските извори, како и развој на стратешки инфраструктурни проекти од заеднички интерес - се вели во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Министерката Божиновска ја истакнала подготвеноста на Северна Македонија за продлабочување на соработката и реализација на конкретни иницијативи нагласувајќи дека партнерството со САД претставува значаен фактор за долгорочна стабилност и развој на енергетскиот сектор.

Извршниот директор на Националниот совет за енергетска доминација на САД, Аген, истакнал дека меѓу двете земји постојат толку многу можности за соработка што може да го променат енергетскиот пејзаж во регионот со децении.

Соговорниците се согласиле дека постои јасен потенцијал за интензивирање на соработката, со фокус на проекти што ќе донесат конкретни резултати и ќе придонесат за економски развој и енергетска сигурност на двете земји.

Од Министерството велат дека оваа средба е дел од серијата билатерални средби на министерката Божиновска, која како дел од високата владина делегација на втората сесија од стратешкиот дијалог меѓу двете земји, каде што се разговара за унапредување на соработката со САД во повеќе клучни области: енергетика, економија, безбедност и технологија. сст/вг/

Фото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан