• сабота, 21 декември 2024

Министерот Тошковски во работна посета на полициските службеници на СВР - Охрид

Министерот Тошковски во работна посета на полициските службеници на СВР - Охрид

Охрид, 30 август 2024 (МИА) – Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска беше во работна посета на Охрид, каде оствари средба со претставници на СВР – Охрид и на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ .

Притоа како што информираше тој, оваа година од страна на службениците на Станицата се откриени и запленети околу 450 парчиња мрежа со вкупна должина од вкупно 27 километри, алат со кој е вршен незаконит излов на риба од Охридското Езеро.

- Запленетиот алат ќе биде соодветно складиран и уништен. Ова особено го потенцираме оттаму што еколошкиот криминал ќе биде еден од таргетите на чија сузбивање ќе се фокусираме, во рамки на препораките што ги добиваме од ЕУ. Поради тоа давам значение на она што е постапено, а во иднина најавувам дека посериозно и повеќе ќе се посветиме во справувањето со тој вид криминал. Со идната систематизација на МВР ќе предвидиме и посебно одделение што ќе постапува по тој вид кривични дела, рече Тошковски.

Министерот беше и во обиколка на Сообраќајната полиција во рамки на СВР – Охрид, каде беше информиран за околу двеста сообраќајни незгоди во реонот.

- За жал има и една жртва, но тоа сепак е за 50 проценти намалување споредбено со претходната година. Во иднина ќе се фокусираме исто така во тој дел на посветување на соодветни човечки и технички ресурси, со цел посоодветно да се бориме против сообраќајните прекршоци, рече тој.

Тошковски ја искористи можноста да се сретне и со претставниците на Полицијата на Република Србија, кои беа дел од мешаните полициски патроли што изминатите денови спроведуваа заеднички патроли на подрачјето на Охрид.

- Огромна благодарност до полициските службеници од Србија. Ме информираа дека поминале доста професионален ангжман овде. Особено сум радосен што немало потреба од посериозни интервенции. Тоа е добра пракса така што ќе гледаме наредната година нивниот ангажман да е зголемен, да се опфати целата сезона, рече тој.

Министерот изрази задоволство што преку слична соработка има присуство и на припадници на полицијата на Република Албанија во Струга, притоа најавувајќи слични иницијативи со присуство на македонски полициски службеници во Црна Гора и во Хрватска.

Припадниците на српското МВР од своја страна истакнаа дека од 19 август од кога пристигнаа во Македонија, било работено на позорнички реони пред се во централното подрачје на Охрид, за среќа без потреба од некои посериозни интервенции. аб/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан