Министерот Тошковски во Будва на средба со министерот за безбедност на БиХ, Нешиќ
- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Будва во рамки на Министерскиот Форум ЕУ-Западен Балкан за внатрешни работи остварил билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ.
Скопје, 29 октомври 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Будва во рамки на Министерскиот Форум ЕУ-Западен Балкан за внатрешни работи остварил билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ.
- На средбата ја нотиравме одличната соработка помеѓу двете министерства која во последниот период добива на засилен интензитет преку сите меѓународни и регионални канали во рамките на пропишаните и прифатени стандарди на ИНТЕРПОЛ. Тоа подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија, односно редовно постапување по барања упатени од двете држави за различни видови на проверки во сите форми на организиран криминал, објави на неговиот фејсбук профил министерот Тошковски.
Тој напиша дека разговарале и за миграциските текови и нелегалните движења бидејќи и двете земји се наоѓаат на патот на Западно-балканската рута што претставува континуиран заеднички предизвик со кој се справуваат и двете држави.
- Унапредување на нивото на соработка ќе се оствари во следниот период со потпишување на Протокол помеѓу двете министерства за соработка во областа на форензичките испитувања и вештачења, побаран од босанска страна со цел размена на професионални искуства во воспоставувањето и функционирањето на различни сегменти на форензички активности, пружање поддршка во унапредувањето на методите на работа, едукација на кадри и научни истражувања, објави министерот Тошковски. цр/са/
Фото: фејсбук на министерот Панче Тошковски