• четврток, 21 ноември 2024

Милановиќ го осуди нападот на израелските сили врз членовите на мировната мисија на ОН во Либан

Милановиќ го осуди нападот на израелските сили врз членовите на мировната мисија на ОН во Либан

Загреб, 15 октомври 2024 (МИА) – Хравтскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ги осуди нападите на израелските одбранбени сили (ИДФ) врз припадниците на мировните сили на Обединетите нации во Либан и рече дека нема оправдување за таквите напади.

Кабинетот на Милановиќ соопшти дека претседателот на Републиката ги осудува нападите кои го прекршуваат меѓународното право и ги загрозуваат животите на членовите на УНИФИЛ чија мисија е одржување на мирот и безбедноста во областа.

„Нема никакво оправдување за нападите врз членовите на УНИФИЛ, а единственото нешто што завојуваните страни, вклучително и израелските одбранбени сили, мора да го направат е веднаш да прекинат со каква било форма на напад и притисок врз мисијата на УНИФИЛ“, се наведува во соопштението од кабинетот на Милановиќ.

Оттаму посочуваат дека, како што предупреди Советот за безбедност на ОН, членовите и објектите на мировните сили на ОН никогаш не смеат да бидат цел на напади.

„Задачата на членките на УНИФИЛ е да го бранат меѓународниот мир и безбедност во оваа област, односно да обезбедат целосна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, усвоена во 2006 година со цел да се зачува мирот меѓу Либан и Израел. Членовите на УНИФИЛ се трудат да спречат ескалацијата на конфликтот, додека нападите на израелските одбранбени сили врз нив, за жал, ги попречуваат напорите на УНИФИЛ и директно придонесуваат за ширење на тој конфликт“, се додава во соопштението. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан