
27 март 2025
Скопје - Децата учат во безбедни училишта. Јавноста и родителите да бидат спокојни, нема простор за паника и страв. Оправдана беше нивната паника и страв, но децта се во сигурни раце и ние сме гарантит за сето тоа, изјави денеска претседателот на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.
Во наредниот период, посочи Георгиевски, ќе се заложам задолжително да биде најмалку еднаш во годината согласно закон да мора да се вршат редовни контроли, а не да се остава на добрата волја на градоначалникот или службите.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во обраќањето по повод петгодишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО, на работната средба со амбасадорите на земјите-членки и партнери на Алијансата, уште еднаш упати голема благодарност за дадената и понудената помош од сите нив, за итното згрижување на младите пациенти настрадани во неодамнешната трагична несреќа во Кочани, каде загинаа 59 млади лица а повеќе од стотина беа повредени.
-Вашиот брз одговор ја покажа силата на солидарноста, која е главната карактеристика на нашиот сојуз, а која во овој случај беше демонстрирана од се срце. Овој случај уште еднаш ја покажа важноста на солидарноста која треба целосно и заеднички да ја негуваме како наш главен столб во нашите односи. Ви благодариме уште еднаш за сета поддршка и изразите на сочувство за еден од најтешките моменти за нашата земја, рече Муцунски.
Скопје - Следните денови ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со честа појава на повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, за кратко време над 20 литри на метар квадратен, со појава на грмежи и силен ветер, над 70 километри на час.
Како што информира УХМР, в понеделник попладне на планините ќе има услови врнежите да преминат во снег.
Анкара - Турција денеска ја отфрли меѓународната „осуда“ за апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу и протестите кои следеа, а властите соопштија дека уапсиле речиси 1.900 луѓе поради учество во демонстрациите.
Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој имаше предност во некои анкети, беше уапсен во неделата и приведен во очекување на судењето поради обвиненија за корупција.
Бања Лука - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, откако по него беше распишана меѓународна потерница, денеска од Израел изјави дека продолжува злоупотребата на судството на Босна и Херцеговина (БиХ) за политички цели.
-Ништо необично, злоупотребата на судството продолжува, муслиманите од Сараево се обидуваат се да сторат, а противуставното Обвинителство и Суд на Босна и Херцеговина да го инструментализираат тоа, рече Додик во Ерусалим, каде што учествува на Конференцијата за антисемитизам.
Брисел - Европската Унија ќе продолжи да бара решенија преку преговори, водејќи сметка за своите економски интереси, порача претседателката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во писмена изјава по повод најавата на Вашингтон за воведување царини за увозот на возила во САД.
- Како голема трговска сила и силна заедница од 27 земји членки, заеднички ќе ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи во нашата Европска унија, нагласи Фон дер Лајен, изразувајќи „длабоко жалење“ поради одлуката на САД „да воведат царини за европскиот извоз на автомобили“.
Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп пред денешниот состанок во Париз за Украина, на кој присуствуваат претставници на околу 30 земји и украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопшти француското претседателство.
Макрон и британскиот премиер Кир Стармер денеска се домаќини на денешниот состанок на која ќе се разговара за зајакнување на воената поддршка за Украина, како и за безбедносните гаранции за земјата кои западните сојузници би ги дале во случај на мировен договор со Русија.
Moсква - Русија очекува исполнување на договорите постигнати со САД во Ријад, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа нагласи дека консултациите меѓу руски и американски експерти ќе продолжат.
„Очекуваме дека сите постигнати договори ќе бидат спроведени и очекуваме дека, благодарение на американската помош, ќе се деблокира извозот на руски земјоделски производи, како и дека режимот во Киев ќе престане да ја прекршува 30-дневната забрана за напади врз енергетските капацитети“, рече Захарова на прес-конференција.
Брисел - Европската комисија подготви Стратегија за подготвеност насочена кон поддршка на земјите членки и зајакнување на способноста на Европа во спречување и реакција на новите закани, со цел да се подобрат можностите на блокот „за соочување со се покомплексните кризи и предизвици кои не можат да се игнорираат“.
- Од растечките геополитички тензии и конфликти, хибридните и кибер безбедносните закани, странските манипулации и дезинформации, до климатски промени и зголемени природни катастрофи, ЕУ треба да биде подготвена да ги заштити своите граѓани и клучните општествени функции, кои се клучни за демократијата и секојдневниот живот, соопшти Еврокомисијата.
Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави денеска дека Европската одбранбена унија веќе не е прашање „дали“ туку „за колку брзо“ таа ќе биде формирана.
На конференцијата „Европа 2025“ за европскиот суверенитет, Бербок рече дека европската одбранбена индустрија сè уште има национален карактер и поради тоа е „многу неефикасна“.