• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

27 март 2025 

Скопје – Во најголем дел од училиштата во земјава постои противпожарна опрема, но некаде ќе треба да се дообнови и досреди на што активно се работи, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Прецизира дека противпожарна опрема има во сите училишта, но во некои од училиштата, претежно во внатрешноста, се случува противпожарните апарати да не биле проверени во текот на годината иако има обврска еднаш годишно да се проверуваат.

-Тие ќе се проверат, а треба да се проверат и цревата за хидрантите дали се на соодветното место и дали се исправни. Тоа е сега во тек, а во тоа голема улога имаат општините зашто со процесот на децентрализација за училиштата се одговорни локалните самоуправи, рече Јаневска во одговор на новинарско прашање каква е состојбата со хидрантите и противпожарните апарати  во основните и средните училишта во земјава, при посетата на основното училиште „Партенија Зографски“ во Кисела Вода заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Скопје – За исполнување на минималните услови за секоја општина да може да постапува соодветно потребно е да се вработат уште околу 40 инспектори низ општините, изјави денеска претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Георгиевски. Контроли, нагласи Георгиевски, мора да се направат секаде и тука сите општини ќе си помогнат меѓусебно, а во наредниот период, како што рече, ќе се потрудат во секоја општина да биде вработен соодветен инспектор. 

Оваа состојба не е нова, рече Георгиевски, посочувајќи дека општините и досега меѓусебно соработувале во однос на инспекциските служби. 

Скопје - Од моментот на осамостојувањето, како општество, заеднички се определивме за евро-атлантските и европски интеграции, кои за нас претставуваат не само стратешка цел, туку и извор на внатрешна кохезија и мотивирачка енергија. На патот кон НАТО се соочивме со многу предизвици, но тоа не беше пречка за исполнување на нашите цели кои широко беа поддржани од граѓаните во земјата и од политичкиот естаблишмент, а нашето членство во Алијансата внесе оптимизам и позитивно се одрази во регионот, изјави министерот за надворешни работи и наворешна трговија Тимчо Муцунски.

Скопје - Основниот суд во Кочани постапувал по 22 жалби поднесени од осомничени за пожарот во Кочани од кои одбиени се 19 жалби и за тие лица останува мерката „притвор“, додека за поранешните градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев и поранешна директорка на Државниот пазарен инспекторат мерката „притвор“ е заменета со „куќен притвор“.

- По донесените 24-решенија за определување на мерката притвор, беа поднесени 22-дваесет и две жалби од осомничените. По жалбите постапуваше Совет од тројца судии (од член 25 став 5 од ЗКП) на Основен суд Кочани и одлучи за 19-деветнаесет осомничени жалбата да се одбие и остане определната мерка притвор, додека за 3-тројца осомничени мерката притвор е заменета со куќен притвор,и согласно член 144, чл. 146 став 1 т. 3 од ЗКП е определена и мерка на претпазливост -привремено одземање на патна или друга исправа за преминување државната граница односно забрана за нејзино издавање, појаснуваат денеска од Основниот суд во Кочани.

Скопје - Кога го славиме 27 Март - Светскиот ден на театарот, го славиме симболот на човечката креативност, ја славиме сцената, која е огледало на нашиот дух, на нашите соништа, стравови и надежи. Театарот во својата појавна форма, никогаш не бил и никогаш нема да биде само простор за актерска изведба. Тој е гласот на колективното искуство, жив организам што пулсира во ритамот на времето, соопшти денеска министерот за култура Зоран Љутков.

Тој во својата честитка по повод Светскиот ден на театарот, потенцира дека од античките трагедии до модерните експериментални дела, театарот сведочи за нашата вечна потрага по разбирање. Преку секоја реплика, движење и молк, тој нѐ потсетува дека човечката приказна е најмоќната форма на комуникација.

Скопје - Четворица пациенти кои вчера се вратија од Шпанија се испратени дома во одлична здравствена состојба, додека едниот пациент од Атина е задржан со цел да се утврди во целост неговата состојба, информираа денеска од Министерството за здравство на денешната прес-конференција.

-Кај нас беа двајца пациенти кои беа примени уште првиот и вториот ден беа стабилни, меѓутоа се уште не бевме до крај задоволни од испитувањата кои ги правевме. Вчера беа примени четворица пациенти кои се вратија од Шпанија веднаш беа опсервирани и проверени, сите добија одредена терапија. Денеска на визита повторно ги видовме земаве и токсиколошки и лабораториски анализи повторно сите наоди се во референтни вредности, пациентите се со стабилни клинички параметри и днеска и тие четвоца и тие двајца кои на почеткот ги примивме ги испративме дома во одиична здравствена сиостојба, информира доктор Чабишев.

Скопје - Во касарната „Илинден“ во Скопје, во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата - генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата и претставници од Министерство за одбрана, беше одбележан Денот на Генералштабот на Армијата. Денешното одбележување, што помина во знакот на солидарност и сочувство, започна со минута молк со што се изрази длабока почит кон жртвите на пожарот во Кочани, информираат попладнево од Генералштабот на Армијата.

Лафчиски одал признание на припадниците од Армијата за ангажманот во справување со последиците од трагичниот настан во Кочани. Тој истакнал дека Генералштабот е носечки столб на Армијата, воден од принципите на дисциплина, професионалност и посветеност.

Скопје - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одржа работна средба со директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска и директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски на кој биле разгледан контролниот план за засилени инспекциски надзори, со цел ефикасна примена на законите за заштита на животната средина.

Како што соопшти МЖСПП, министерот Меџити нагласил дека инспекциските контроли мора да се спроведуваат со зголемена динамика, за да се спречат загадувачките активности и да се обезбеди доследна примена на регулативите.

Скопје – Изложеноста на граѓаните на штетни наративи е голема, покажува новата монографија „Наративна стапица: откривање на штетни(те) наративи кај политичарите и медиумите“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС). Според анализата, доколку еден граѓанин ги следи интернет-страниците, порталите и фејсбук профилите на политичките актери, во еден ден ќе биде изложен на 33 штетни наративи. Дополнително, истражувањето открива дека политичарите често користат неологизми во својот дискурс, со цел манипулација и конструирање на јазична реалност.

Во рамките на научниот собир за монографијата што се одржа денеска во Скопје, м-р Јорданка Черепналкова Трајкоска, од ИКС информира дека најчесто штетните наративи имаат за цел да ја поткопаат довербата, да селектираат пристапно, да напаѓаат на лична основа, да поттикнуваат поделби и да шират дезинформации.

Скопје - СДСМ денеска го повика пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ да побара оставка од градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефановски, кој, според СДСМ, бил осуден за продажба на дрога. 

- Бране Петрушевски прво што треба да направи е да ја земе пресудата за дрога на градоначалникот на ДПМНЕ во Гази Баба, Бобан Стефковски, да му ја однесе и јавно да побара оставка од него. Јавноста знае дека со дрога беше фатен и истакнат член на ДПМНЕ од Пештани. Мицкоски го гледавме на слики како седи на иста маса со лице од Грчец уапсено за трговија со 32 килограми дрога, вредна 120.000 евра. За разлика од цело ДПМНЕ, Јон Фрчкоски си поднесе оставка и се повлече од позицијата, се вели во соопштението од СДСМ од каде објавија документи за Стефановски.

Скопје - Проучувањето на историјата на македонската држава, народ и емиграција која постои во европските држави претставува посебен интерес на Државниот архив. Во тој правец е значајно проширувањето на меѓународната соработка со странските архиви и субјекти кои се вклучени во архивската дејност, особено во делот на размена на архивски извори, велат од Државниот архив,

Директорот на Архивот Наташа Котлар-Трајкова и Даниел Долежал, застапник на Одделението/Одделот за архивско и канцелариско работење при Министерството за внатрешни работи на Република Чешка денеска потпишаа Меморандум за разбирање.

Скопје - Во текот на 12. недела од 2025 година - од 17 до 23 март, во државава се пријавени 839 случаи на групни пријави за заболени од грип - заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 38,8 проценти помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 12. недела од минатата сезона е зголемен за 3,2 пати, а во споредба со бројот за 12. недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 52,4 отсто, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје.

Заболените биле пријавени од 20 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје - 292, Тетово - 109, а во останатите, бројот на заболени бил еднаков или помал од сто.

Скопје - Политичката партија Левица денеска преку соопштение реагира што согласно одлуката донесена на координација во Собранието денеска нема седница за пратенички прашања што се одржува последниот четврток во месецот. 

Како што посочуваат од партијата, на координацијата кај претседателот на Собранието присуствувале само пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Вреди и ЗНАМ.

Белград - Уште тројца пациенти повредени во пожарот што се случи на 16 март во Кочани, се пренесени од Универзитетскиот клинички центар на Србија во Универзитетскиот клинички центар Ниш, јави МИА од Белград.

Двајца мажи и една жена се префрлени од УКЦС во УКЦ Ниш и лекувањето ќе го продолжат на Одделот на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.

Тирана - Не само што се иселуваат, туку се повеќе граѓани се откажуваат и од албанските пасоши, што го потврдуваат и податоците на Министерството за внатрешни работи, но и Евростат.

Според податоците на МВР, во текот на минатата година, од албанско државјанство се откажале 900 лица, што претставува највисока бројка досега, во една календарска година. Во споредба со 2023 година, оваа бројка е зголемена за 6 отсто, како одраз на растечкиот тренд на напуштање на албанското државјанство, објави СКАН телевизија.

Загреб – Поради силниот ветер во Хрватска затворени за сообраќај се делници од автопатот А6 и А7, а во прекин се голем број траектни и катамарински линии.

Во Загреб поради силниот ветер падна скеле од втор кат врз две сообраќајни ленти.

Пожарникарите отстрануваа гранки и дрвја откорнати од силниот ветер.

Тузла - Во Тузла, БиХ, во тек е голема потрага откако надојдената река Јала однела двајца полицајци и уште едно лице, јавува „Дневни аваз“.

Смајо Манџиќ, пратеник во Собранието на Тузланскиот кантон, скокнал во надојдената Јала во обид да ги спаси полицајците и цивилите кои паднале во реката.

Како што изјавил, едно од лицата веќе починало. „Веќе беше мртов, реков да го пуштат. За жал, мислам дека еден од полицајците нема да преживее“, изјави Манџиќ.

Анкара – Студентите утрово се собраа во близина на Блискоисточниот технички универзитет во Анкара да прочитаат соопштение, а потоа да маршираат, но полицијата употреби бибер спреј и водени топови за да ги растера демонстрантите.

Протестите во Турција почнаа минатата недела по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главниот ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Имамоглу е во затвор до судењето по обвиненијата за корупција и за поддржување на тероризмот.

Претходно, турскиот министер за правда Јилмаз Тунч изјави дека истрагата против Имамоглу не е политички мотивирана и е „прашање на правосудството“.

Анкара – Министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч изјави дека истрагата против градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу не е политички мотивирана и е „прашање на правосудството“.

- Категорично отфрламе каква било поврзаност на истрагата со претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган и какви било политички мотиви зад истражните дејствија, изјави Тунч, коментирајќи ги наводите на опозициската Републиканска народна партија дека Ердоган стои зад акциите против Имамоглу во обид да го спречи да се кандидира на следите претседателски избори.

Брисел - Европската комисија внимателно ја следи ситуацијата во Србија поврзана со протестите без преседан на кои голем број граѓани мирно протестираат и ги повикува сите засегнати страна на изнаоѓање мирно и политичко решение за излез од сегашната криза, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Гијом Мерсие. 

Одговарајќи на новинарски прашање за повеќе детали за средбата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен со српскиот претседател Александар Вучиќ, што се одржа во вторникот вечерта во Брисел, Мерсие се повика на објавите на европските лидери на Икс дека тоа бил „важен состанок“ и дека се разговарало за реформите поврзани со пристапувањето кон ЕУ што треба да ги спроведе Србија и да преземе решавачки чекори поврзани со слободата на медиумите, борбата против корупцијата и изборните реформи. 

Киев - Руските сили ги засилуваат нападите долж североисточната граница на Украина во обид да навлезат во украинскиот регион Суми, изјави денеска врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски.

Тој на својот Фејсбук профил објави дека ги посетил украинските војници во регионот Суми, објави Укринформ.

Регионот Суми се граничи со рускиот регион Курск, каде што руските сили ги потиснуваат украинските единици од териториите заземени во август минатата година, посочуваат агенциите.

Киев - Украинската служба за безбедност (СБУ) поднесе кривична пријава против Владимир Соловјов, еден од најистакнатите руски државни ТВ водители и пропагандисти, поради поттикнување геноцид и отворено повикување на напади врз украински цивили. Соловјов, кој живее во Русија, не е уапсен бидејќи е недостапен за украинските власти.

СБУ наведува дека против Соловјов се покренати обвиненија според пет члена од украинскиот Кривичен законик, вклучувајќи повреда на територијалниот интегритет на Украина, поттикнување геноцид, оправдување на руската вооружена агресија, воена пропаганда и дејствија насочени кон насилно менување на уставниот поредок.

Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на денешната редовна прес-конференција изјави дека Велика Британија и Франција планираат „воена интервенција во Украина“ под превезот на мировна мисија.

„Сакам уште веднаш да посветам внимание на фактот дека Русија е категорично против такво сценарио, што може да доведе до директен судир меѓу Русија и НАТО“, рече таа, коментирајќи ја иницијативата на некои европски земји да испратат воен персонал во Украина како мировни сили на „коалицијата на подготвените“.

Москва - Руската новинарка Марија Пономаренко, која одлежува казна затвор за ширење „лажни вести“ за војната во Украина, денеска доби дополнителна пресуда за напад на затворски службеници.

Според информациите на медиумот „РусЊуз“, за кој работи Пономаренко, новинарката се пожалила дека била претепана во затвор и дека и биле дадени инјекции со антипсихотични лекови. Таа доби нова казна од 10 месеци затвор, а судот нареди и нејзино задолжително психијатриско лекување.

РусЊуз додава дека Пономаренко негира дека нападнала затворски службеници.

Kaиро - Се стравува дека најмалку шест лица го загубиле животот, а девет се повредени во несреќа со туристичка подморница што утрината потона во Црвеното Море во близина на египетското летувалиште Хургада, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на локални извори. Меѓу повредените четири лица се во критична состојба, а 29 патници се спасени и пренесени во блиските болници. Како што потврдија од Руската амбасада во Каиро, сите туристи на подморницата биле Руси.

Хургада е популарна туристичка дестинација позната по плажите и коралните гребени.

Техеран - Советникот на иранскиот врховен верски лидер, Камал Харази, денеска изјави дека Техеран не ги затворил сите врати за можноста за решавање на сите спорови со САД и е подготвен за индиректни преговори со Вашингтон, пренесоа британските медиуми.

Техеран досега ги отфрли предупредувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека мора да постигне договор или да се соочи со воени последици.

Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи ја нарече пораката на Трамп погрешна, а министерот за надворешни работи Абас Арагчи рече дека разговорите се невозможни доколку Вашингтон не ја промени својата политика за „максимален притисок“.

Торино – Новоименуваниот тренер на Јувентус, Игор Тудор, има намера да ја промени тактиката на гигантот од Торино со цел да се подобрат резултатите.

Хрватскиот стратег ја презеде функцијата од Тиаго Мота, кој доби отказ во неделата по двата последователни порази на Јувентус.

На својата прва прес – конференција во новата улога, 46-годишниот Тудор најави денеска дека Јувентус ќе игра со нова тактика веќе на претстојниот првенствен дуел против Џенова, в сабота.

Пекинг - Маж и жена од Јапонија биле уапсени и депортирани од Кина поради „скандалозно однесување“ за време на нивната посета на Кинескиот ѕид.

Сѐ почнало невино, или барем засегнатите така мислеле, кога сопругот решил да се пошегува па го покажал задникот додека жената го фотографирала. Меѓутоа, тој чин, којшто според кинеските закони се смета за „навреда на јавната пристојност“, предизвика бес и доведе до брза депортација на прекршителите, истакнувајќи го судирот на културните норми меѓу Јапонија и Кина, пишуваат кинеските медиуми. 

Остани поврзан