• петок, 26 април 2024
МИА Флеш

19 април 2024 

- Нашата економија е жртва на постојаните циклични политички кризи на поларизацијата, на чувството на секоја политичка партија дека од нив почнува економијата, од нив почнува државата, а бидејќи влегуваме во период на преговори со ЕУ, државата мора покрај државен консензус за ЕУ, да постигнеме и економски државен консензус по однос на општите параметри, смета претседателскиот кандидат на Европскиот фронт предводен од ДУИ и актуелен шеф на дипломатијата Бујар Османи. 

Османи, изјавата ја даде пред состанок во Стопанска комора на Северна Македонија, како дел од серијата средби што ги има како кандидат за претседател со економските чинители и останатите стопански комори, посочувајќи дека ќе информира и за глобалните случувања и нивното влијание врз економијата во земјава.

- Вкупните кредити, во март, забележаа месечен раст од 0,3 проценти, поради зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“. Годишниот раст изнесува 6,1 процент и се должи на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, објави денеска Народната банка. 

Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,5 проценти на месечна основа, при годишен раст од 6,8 проценти. Месечниот и годишниот раст, посочува НБ; се резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.  

- Кандидатите за пратеници од листата на СДСМ за шестата изборна единица денес во Тетово со брифинг за новинари и прес-конференција ја почнаа кампањата. Носителката на листата Славјанка Петровска од прес-конференцијата рече дека листата со 20 личности се различни по етничка и верска припадност, возраст и пол но лојални на државата и европските вредности околу кои се обединети.

-Подготвени сме професионално, одговорно и посветено да ги исполниме сите ветувања кои во форма на мерки и политики се напишани во нашата програма за европска иднина. Подготвени сме и нема да се откажеме сè додека Македонија не стане дел од Европската унија и сè додека не обезбедиме минимална плата од 600 евра, а просечна плата од 1.100 евра. И нема да се откажеме сè додека не ги исправиме грешките кои сме ги направиле во изминатите 7 години, а се однесуваат на погрешна кадровска политика, слаби резултати во овозможувањето на правдата и воочени слабости во системски процеси, истакна Славјанка Петровска.

- Бојан Јовановски – Боки 13 денеска поднесе барање за повторување на кривична постапка во врска со случајот „Рекет“ во кој тој беше осуден на единствена казна затвор од деет години за примање награда за противзаконито влијание и пеерење пари и други приноси од кривично дело.

Според Јовановски, со оваа судска пресуда не се утврдила материјалната вистина за овој кривично правен настан, туку, пресудата послужила само како инструмент за политичко препукување и придобивање на политички поени на штета на осудените лица.

- Синдикалната организација на а.д. Водостопанство на РСМ од Владата бара да им префрли средства за плати и трошоци за гориво, електрична енергија и резервни делови за да ги подготват и одржуваат каналите за наводнување и одводнување, цевководите за достава на сурова вода за да може да отпочне и да ја заврши сезоната 2024.   

На мирен протест на вработените пред дирекцијата на а.д. Водостопанство и воедно во сите 14 подружници на ова акционерско друштво, синдикалните претставници соопштија дека не ја добиле платата за март и информираа за проблемот со ненаплата на водните услуги од општините корисници, кои им должат 240 милиони денари, и дека тоа го толерира нивниот менаџерски тим.

- Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави петтиот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), што претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во март 2024. Институтот за комуникациски студии нагласува дека кандидатите за претседател на државата не се предмет на овој мониторинг.

- Слично како и претходните месеци, најмногу штетни наративи се нотирани кај ВМРО-ДПМНЕ (43), потоа кај СДСМ (29) и  кај Левица (27). Кај ДУИ се забележува зголемување на штетни објави во споредба со претходните месеци, а од опозициските партии на етничките Албанци во земјата, најмногу штетни наративи се забележани кај Алтернатива, се наведува во извештајот објавен од ИКС.

-  Професорката од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје Гордана Алексова до 24 април 2024 година ќе одржи шест часа на две теми од областа на македонскиот јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

Алексова својата работна посета ја остварува преку мрежата Словенска филологија и нејзиниот културен контекст на програмата за мобилност CEEPUS, како гостин предавач на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.

 - Време е за подобро и повеќе, за имплементирање на европските стандарди во сите сегменти на живеењето, порача носителот на листата од Изборната единица 2 од СДСМ, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција во Куманово.

Заедно со кандидатите за пратеници од Куманово, тој рече дека
државнички е утврдена визијата за иднината на државата, за што нема откажување. Фокусот, истакна, одново е ставен на граѓаните, а мерките и политиките се одговор на нивните потреби. 

- Граѓаните во Србија знаат многу малку или ништо за судството како една од трите гранки на власта, покажува истражувањето спроведено од Здружението на судии на Србија, со поддршка на Високиот судски совет и во соработка со Бирото за Социјални истражувања – БИРОДИ, јави Бета

Истражувањето покажало и дека на имиџот на судството не влијае искуството пред судовите, па дури ни успехот или неуспехот во постапките, туку дека на перцепцијата на граѓаните најмногу влијае она што политичарите и јавните функционери велат за судството и што велат медиумите за судството.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира да побара дополнителна воена поддршка за одбрана од Русија на денешниот вонреден состанок со министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, јави ДПА.

На состанокот на Советот НАТО-Украина, организиран како видео-конференција, се очекува да стане збор за прашања во врска со тоа дали сојузниците наскоро ќе можат да и предадат дополнителни системи за противвоздушна одбрана на земјата.

- Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика Иран, Израел и нивните сојузници да се воздржат од натамошни дејствија на Блискиот Исток.

„Апсолутно е неопходно регионот да остане стабилен и сите страни да се воздржат од понатамошни дејствија“, рече Фон дер Лaјен за време на посетата на Лапенранта со финскиот премиер Петер Орпо, на околу 25 километри од руската граница. 

- Борците на терористичката организација „Исламска држава“ вчера убија 28 сириски војници и провладини борци во два напада врз областите под контрола на владата во земјата разурната од војна, пишува денеска Гардијан.

„Во еден напад, 22 редовни армиски војници и борци од провладините сили беа убиени кога припадници на ИД отворија оган врз воен автобус во источната провинција Хомс“, соопшти невладината Сириска опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон.

- Европската унија треба да преземе мерки за да и помогне на Финска да го спречи протокот на мигранти преку Русија, изјави денеска финскиот премиер Петери Орпо.

„Подготвуваме сопствен закон, но ни требаат и мерки на ЕУ“, рече Орпо по посетата на границата на оваа нордиска земја со Русија заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

- Администрацијата на Бајден разгледува опции за нови договори за испорака на оружје од над милијарда долари за Израел, вклучувајќи тенковска муниција, воени возила и минофрлачки гранати, се наведува во извештајот на Волстрит журнал, кои се повикуваат на американски официјални претставници.

Официјалните лица велат дека се разгледуваат договори што вклучуваат „700 милиони долари во тенковска муниција од 120 мм, 500 милиони долари во тактички возила и помалку од 100 милиони долари во минофрлачки куршуми од 120 мм“ и ќе треба да бидат одобрени од Конгресот.

- Меѓународни авиокомпании ги откажаа летовите кон и од Тел Авив, неколку часа по извештаите за израелски напад врз иранска воздушна база.

KLM, Swiss Air, Austrian Airlines и Lufthansa ги откажаа денешните летови до и од Израел,  јавија израелските медиуми.

- Групацијата на Светската банка објави амбициозен план за поддршка на земјите во обезбедувањето квалитетни, достапни здравствени услуги за 1,5 милијарди луѓе до 2030 година.

Планот беше претставен на пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Групацијата на Светската банка, што се одржува од 15 до 20 април во Вашингтон.

 

Остани поврзан