• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

5 јуни 2025 

Скопје - Полицијата изутринава го лиши од слобода бизнисменот Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби кои се проценуваат на околу 15 милиони евра.

Крмзов е уапсен по налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. 

-Почитувани, од страна на полициски службеници по насоки од јавен обвинител од ОЈО за ГОКК лицето Р.К. е лишено од слобода, потврдија за МИА од МВР.

Кавадарци - Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски утрово потврди за МИА, дека денеска ќе го потпише решението за формирање комисија за стручен надзор при МЗ, во врска со детето од Кавадарци кое почина пред неколку дена.

 - Докторите се повикани за веднаш да почнат со работа, подвлече Андовски. Во петокот, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат рекоа за МИА дека при инспекциските надзори, не се констатирани недостатоци од надлежност на ДСЗИ, во врска со починатото тригодишно дете.  

Скопје - Вчера во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.

Како што соопшти Генералштабот на Армијата, повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенирал екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекле и имобилизирале повредениот.

Скопје - Полицијата го лиши од слобода Александар Нацев, сопственикот на Агенцијата, која ја обезбедувала дискотеката „Пулс“, во која во пожарот на 16 март годинава загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

Од МВР за МИА потврдија дека лицето А.Н. е лишено од слобода, по претходно извршени претреси на две локации во Скопје и Пробиштип.  

-Почитувани, МВР во координација со јавен обвинител по наредба на судија на претходна постапка изврши претреси во две локации во Скопје и Пробиштип, во врска со агенција за обезбедување при што лишено од слобода е лицето А.Н., нагласија од Министерството.

Скопје - Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за - тешки дела против општата сигурност. За лицето се обезбедени докази дека е одговорно лице, реален сопственик на осомниченото правно лице - Агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје. Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани. Лицето е приведено и за него ќе биде побарана мерка притвор.

-Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека „Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје, републичко јавно обвинителство.

Лицето раководело со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител, како и со овластеното лице на подружницата во Кочани.

Битола - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ќе престојува во работна посета на институциите од областа на културата во Битола.

За време на посетата на Центарот за култура, Заводот за заштита на спомениците на културата и Народниот театар, министерот Љутков ќе се запознае со текот на реализацијата на проектите на овие институции, соопшти Министерството за култура и туризам.

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека стана првата јавна институција која има целосно пристапна веб-страница за лицата со попреченост, во согласност со Европската директива EN 301 549 и стандардите WCAG 2.1.

-  Ова претставува  историски чекор кон дигиталната инклузија и еднаквост. Со поддршка на тимот од AccessWay, овозможивме веб- страницата на министерството да стане  достапна за сите корисници, вклучително и за лицата со визуелна, моторна или когнитивна попреченост. Ова исклучително достигнување испраќа силна порака - Инклузијата започнува од пристапот!, се вели во соопштението.

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави нови чекори за зајакнување на надзорот на ЕУ против измами и на прекуграничната соработка во кривичните постапки поврзани со активностите на лобисти на субјекти од трети земји. 

- Го задолжив комесарот за правда Мајкл Мекграт да размисли за областите во кои на Европското јавно обвинителство ќе му бидат потребни повеќе овластувања за истражување и гонење на прекуграничниот криминал, наведува Фон дер Лајен во допис до Групата за борба против корупција на Европскиот парламентот, со кој одговара на нејзиното барање од март годинава за итен преглед на регистарот на лобисти на ЕУ.

Киев - Украинските одбранбени сили изминатата ноќ го нападнале аеродромот Саваслејка во Нижниновгородската област на Руската Федерација, пренесоа денеска украинските медиуми, повикувајќи се на објава на Фејсбук од Генералштабот на украинските вооружени сили.

Во соопштението е наведено дека ноќта на 9 јуни, единиците на украинските сили за специјални операции во соработка со припадници на други родови на украинската војска го нападнале аеродромот Саваслејка.

Токио - Кинескиот носач на авиони „Лјаонин“ за прв пат пловел источно од јапонскиот остров Иво Џима во Тихиот Океан, изјави денеска портпарол на јапонската влада.

Јапонија ќе го засили набљудувањето и ќе ги собере потребните информации, нагласи главниот секретар на Кабинетот, Јошимаса Хајаши, на својата редовна прес-конференција во Токио.

Сеул - Новоизбраниот претседател на Јужна Кореја, Ли Џае-Мјунг, и јапонскиот премиер, Шигеру Ишиба, за време на телефонски разговор се согласија да ги зајакнат односите меѓу двете земји, изјави денеска портпаролот на јужнокорејскиот претседател, Канг Ју-џунг.

Портпаролот наведе дека двајцата функционери се договориле да се состанат лично, како и дека Ли истакнал дека сака да продолжи со добрите односи со Јапонија и Соединетите Американски Држави.

Токио - Четворица јапонски војници се повредени во експлозија во магацин за складирање неексплодирана воена муниција во американската воена воздухопловна база „Кадена“ на јужниот јапонски остров Окинава.

Според локалните власти, повредените имаат рани на прстите. Тие ги добиле додека работеле во складот, сопственост на префектурата Окинава, каде што се чувале неексплодирана муниција од Втората светска војна, откриена на островот.

Лос Анџелес - Најмалку 56 лица се уапсени во центарот на Лос Анџелес поради учество на протестите против рациите на имигранти, соопшти полицијата.

Полицијата наведе дека демонстрантите се уапсени бидејќи не ги послушале предупредувањата да се разотидат откако собирите во центарот на Лос Анџелес беа прогласени за незаконски, пренесе Ен-Би-Си. Се истакнува дека меѓу уапсените е и лице кое наводно фрлило молотов коктел врз полицаец, како и едно лице за кое се тврди дека со мотоцикл удрил во кордон полицајци, при што еден од нив е повреден.

Куала Лумпур - Најмалку 15 студенти загинаа во автобуска несреќа што се случи утрово на автопат во Малезија.

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим нареди да се спроведе истрага за несреќата што се случи во малезиската држава Перак, пренесе локалниот телевизиски канал CNA. Според прелиминарната истрага, автобусот удрил во задниот дел на комбе пред возачот да изгуби контрола и да излета од автопатот, изјавија претставници на полицијата за локалните медиуми.

Остани поврзан