11 јуни 2025
Скопје - Забрануваме 173 нови нелегални приредувачи на онлине игри на среќа, објави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на неговиот Фејсбук профил.
- Апелирам до досегашните играчи, во најбрз можен рок да ги повлечат сите депонирани средства и да не се подведуваат на лажните и манипулативни е-маил пораки кои ги наведуваат да ги користат овие нелегални страници на несигурен и небезбеден начин. Никој не може да нè заштити ако не се заштитиме сами!, порача на ФБ министерот Андоновски. Како што за МИА појаснија од Министерството, станува збор за нов налог што е добиен од страна на Државната лотарија со нелегални приредувачи на Онлајн игри на среќа и истиот е проследен до АЕК за понатамошно постапување преку телеком операторите.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски го охрабри Обвинителството да работи понатаму и да утврдува дали уште некој друг има одговорност во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која животите ги загубија 62 млади луѓе и околу 200 беа повредени.
По вчерашното одредување мерка притвор од 30 дена за вистинскиот сопственик на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, кој е поврзан со трагедијата во Кочани, прашан какви конекции има Нацев со партиските структури и раководство на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски кажа дека Нацев бил функционер на влада на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016-2017 година.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ја слушнал изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче дадена во Атина, во која вели дека нашата држава е авторитарна и изрази жалење што лидерот на опозицијата има такво чувство.
-Јас па напротив мислам дека поголема слобода во општество, во оваа една година, која што е и во медиумите, не постоела. Можеби треба да го прашате врз основа на кои критериуми, кои параметри, тој носи ваков заклучок. Но, јас не мислам дека тоа е така, дури и ако ги гледате извештаите од реномирани меѓународни институции, дури и од Репортери без граници ќе видите дека во рамките на слободата ние напредуваме. Ние назадуваме во рамките на рефлектирањето на лажни вести и обидот да се спинуваат одредени вистини, изјави Мицкоски.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека до моментов нема потврда дека ќе има средба на македонска и бугарска делегација на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, овој месец, но напомена дека деновиве лично ќе стапи во контакт со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за да се информира дали има одговор од другата страна.
-До овој момент таква потврда немам, но планирам деновиве лично да се слушнам со претседателот на Европскиот совет, Кошта, бидејќи тоа беше негова идеја, ние ја прифативме без резерва, за тоа дали има некаков одговор од другата страна, рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во Владата по свечената церемонија за доделување на национално признание за врвни достигнувања во спортот.
Скопје - Завршниот збор на Обвинителството го ценам како контрадикторен сам по себе, бидејќи на некој начин директно го опиша планот и дејствијата на останатите обвинети, со кои Обвинителството докажува дека овие луѓе имале претходно разработен план, односно дека од првото грабнување се откажале и ги појаснија причините зошто се откажале и дека реализацијата на планот е завршена во понеделникот, изјави бранителот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ, по денешното судско рочиште за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, каде Основното јавно обвинителство го даде својот завршен збор.
Туфегџиќ нагласи дека никаде не е спомнат таткото Александар Ѓорчевски, ниту пак било каква конекција со него во врска со извршувањето на кривичното дело. Посочи дека не бил изведен ниту еден доказ од страна на Обвинителството во целата судска постапка со кој би се докажало дека Александар имал комуникација со првообвинетиот Љупчо Палевски.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска информира дека еден дел од процедурата за формирање на Инспекторатот за македонски јазик е веќе завршен.
Тој на денешната прес-конференција по посетата на универзитетска библиотека „Св. Климент Охриски“-Скопје рече дека она што важи за сите инспекторати, ќе важи и за овој.
Скопје - Министерството за економија и труд објави четири јавни повици за финансиска поддршка на деловните субјекти, со цел поттикнување на претприемништвото, зголемување на конкурентноста и унапредување на стандардите за квалитет кај микро, малите и средните претпријатија, како и кај занаетчиите.
Повиците се дел од реализацијата на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2025 година, како и од Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2025 година.
Скопје - Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора, во која има 22 членки, промовира Етички кодекс чија цел е подигнување на основните стандарди за функционирање.
На прес - конференција во Комората, претседателот на групацијата Никола Јошевски изјави дека со утврдениот Етички кодекс се подобрува услугата кон клиентите и се зголемува одговорноста при кредитирање на клиенти.
Скопје - Владата на вчерашната седница ги отпочнала првите чекори за реализација на Договорот со Велика Британија и веќе е формирано Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, информираше заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што се наведува во соопштението денеска од Министерството за транспорт, покрај вицепремиерот Николоски, членови на координативното тело се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија, за енергетика, минерални суровини и рударство, за дигитална трансформација и за здравство, како и директорот на Македонски железници-Инфраструктура, генералниот секретар на Владата и државниот првобранител, а телото може да кани и други гости по потреба, кои ќе ја следат реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија.
Скопје - Како дел од акцијата „Шилд“ на Европол, Царинската управа успешно спречила два меѓународни канала за нелегална трговија со анаболични стероиди, при што биле запленети 600 килограми супстанции штетни за здравјето на граѓаните. Во соработка со Бирото за јавна безбедност (БЈБ) се запленети и речиси 200 килограми марихуана.
Помошник директорот за контрола и истраги на Царинска управа, Влатко Лакордов, денеска на настан организиран од БЈБ соопштил дека од октомври 2024 до сега, поднеле 65 кривични пријави за криминални дела со употребувани возила коишто може да бидат употребувани и во криминални дејствија доколку нема евиденција при нивниот увоз.
Скопје - Во Северна Македонија 57.2 отсто од мајките и само 5.4 отсто од татковците се вклучени во активности на учење преку игра со своите деца на возраст од 3 до 4 години. Активностите опфаќаат читање книги, раскажување приказни, пеење песни, излегување надвор со детето, играње со детето, именување на нештата, броење или цртање заедно, покажуваат податоците што ги објави УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден на играта.
Оваа несразмерност, како што посочуваат од УНИЦЕФ, укажува на итна потреба да им се помогне на родителите и старателите – особено на татковците –со знаење/вештини и поддршка за вклучување во раниот детски развој преку игра.
Скопје - Под мотото „Биди херој на херојот!“ од денеска до 15 јуни 2025 година на пет различни локации во Скопје ќе се одржува четвртиот Инфјужн - Фестивал на инклузија. Фестивалот ќе биде отворен со танцовиот перформанс SKIN на австралиско – германското дуо Роланд Валтер и Рене Шадлер во Театар Комедија, кои утре ќе одржат и работилница „Танцување без умереност“.
Како што информира Здружението за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост „Икуалити“, фестивалот ќе се одржува во паркот „Македонија“, Музејот на современата уметност, Театар Комедија, Домот на култура „Билјана Беличанец“ и кафулето „Амигос“. Во рамки на фестивалот ќе има перформанс, уметност, музика, спорт и гејминг.
Атина - Цените на производите во вообичаената кошница за домаќинствата во грчките супермаркети се пониски отколку во супермаркетите во Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија, Португалија, Германија и Романија, покажуваат резултатите од истражувањето на грчкиот Институт за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од ИЕЛКА, во истражувањето била направена споредба на вкупно 40 категории на производи, односно над 6.000 цени на производи во 44 различни синџири на супермаркети во вкупно осум земји.
Приштина - Владата на Косово во оставка потврди дека е подготвена на соработка со САД за прифаќање и привремено преселување на државјани од трети земји во Косово, во согласност со утврдени услови, изјави денеска портпаролот на косовската Влада, Перпарим Криезиу.
- Во период од една година, до педесет лица можат привремено да се преселат, со цел да се олесни нивното безбедно враќање во нивната земја на потекло. Владата изрази подготвеност да се ангажира, со можност за избор на лица од предложената листа, под услов да исполнуваат одредени критериуми поврзани со владеењето на правото и јавниот ред, наведе Криезиу.
Тирана - Поранешната директорка на албанскиот државен Институт за статистика (ИНСТАТ), Инес Нурја предупредува на влошување на структурата на населението во Албанија, нагласувајќи дека земјата се соочува со забрзано стареење и масовно иселување на младите луѓе.
- Албанија денес старее со многу брзо темпо. Најголемиот број лица кои заминуваат во странство се на воизрањст од 20 до 39 години, што претставува 54 птоценти од населението што заминало, наведе Нурја во емисијата „Лог“ на „Њуз24“, додавајќи оти таквиот феномен е широко распространет низ целата земја.
Москва – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека протестите во Лос Анџелес поради имиграциската политика укажуваат дека САД се во длабока внатрешна криза.
- Го цитирам актуелниот американскиот претседател: САД се наоѓаат во најдлабока криза, наведе Захарова.
Хелсинки - Финското Министерство за надворешни работи го повика на разговор највисокиот руски дипломат во Хелсинки поради наводно нарушување на финскиот воздушен простор од руски воен авион – втор таков инцидент во последните три недели.
Според финските власти, руски воен авион навлегол во воздушниот простор на Финска во близина на крајбрежниот град Порвоо, на Финскиот Залив. Граничната служба започнала истрага за инцидентот, а Министерството за надворешни работи соопшти дека денеска го повикало дипломатскиот претставник на Русија за објаснување.
Москва - Советникот на рускиот претседател Владимир Путин и шеф на руската преговарачка делегација со Украина, Владимир Медински, изјави дека доколку Киев не ги прифати условите на Москва за прекин на војната, ќе загуби уште делови од својата територија.
Во интервју за американскиот весник „Волстрит џурнал“, Медински изјави дека „со Русија не може да се води долга војна“, повикувајќи се на историскиот пример со Големата северна војна (1700–1721) против Шведската империја, која, според него, покажува дека Русија издржува и победува во долготрајни конфликти.
Вашингтон - Милијардерот Илон Маск денеска изјави дека жали за некои од неговите минатонеделни објави на социјалните мрежи за американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи оти отишле „предалеку“.
- Жалам за некои од моите објави за претседателот Доналд Трамп минатата недела. Отидоа предалеку, наведе Маск на Икс.
Тајпеј - Силен земјотрес со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во југоисточниот дел на Тајван.
Земјотресот е регистриран во округот Тајтунг, на длабочина од 31,1 километар. По земјотресот не беше издадено предупредување за цунами.