13 јуни 2025
Скопје - Нашите односи со пријателите продолжуваме да ги градиме на уште повисоко ниво. Посветено работиме на реформските процеси, државата ја упатуваме во вистински правец на просперитет, а процесите се силно поддржани од нашите партнери Владата на Унгарија, истакнал вицепремиерот Алекандар Николоски утрово на средбата со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Како што соопштија од Министерството за транспорт, министерот Сијарто, кој е во работна посета на Македонија, во име на Владата на Унгарија денеска ќе го потпише Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Македонија и Унгарија.
Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции. Исто така упати апел до сите македонски државјани да се воздржат од какви било патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба.
-Согласно добиените информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов воздушниот простор над Израел и Иран е затворен, како и аеродромите во Тел Авив и Техеран, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, нагласува МНРиНТ во соопшението.
Скопје - На Клиниката за ортопедски болести при ТОАРИЛУЦ успешно се изведени две сложени трансплантации на коска од починати донори, со што продолжува примената на современи и високоспецијализирани медицински интервенции во областа на ортопедија и трауматологија во нашата земја.
Како што информира Министерството за здравство, во првиот случај е извршена операција на коскена циста кај 45-годишен пациент. Интервенцијата ја спровел стручен тим, во состав: проф. д-р Милан Самарџиски, доц. д-р Александар Трајановски, д-р Билјана Лазарова, специјализант по ортопедија, анестезиолог д-р Марина Темелковска, инструментарка с. Кристина Реџеп, помошник инструментар д-р Оливера Лазаревска, сестра анестетичар Гордана Захариева и болничарка Снежана Тодоровска.
Скопје - Од утре (14 јуни) до 17 јуни на полноќ е првото електронско пријавување во јунскиот рок за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта во државава за учебната 2025/2026 година.
Пријавувањето на учениците е со електронско аплицирање, преку линк до системот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со посебна најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk Откако ќе заврши електронското пријавување, ученците на 18 јуни (од 8 до 19 часот) и на 19 јуни (од 8 до 17 часот) треба да ја достават потребната документација до училиштата.
Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Фондот за население на Обединетите нации и Хелсиншкиот комитет за човекови права, со финансиска поддршка на Британската амбасада во Скопје, ја одржало првата еднодневна обука наменета за членовите од мултисекторските тимови составени од стручни лица од центрите за социјални работи, полициските службеници, здравствени рaботници и граѓански организации.
Како што денеска соопштија од Министерството, првата обука од вкупно планираните пет, вчера се одржала во Штип, а останатите четири ќе се организираат во Скопје, Битола, Куманово и Тетово.
Анкара - Земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала ја погоди денеска централната турска провинција Сивас, соопшти Турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (AФАД).
Епицентарот на земјотресот бил во близина на градот Гурјун на длабочина од седум километри.
Никозија - Веќе е активиран специјалниот национален план „ЕСТИА“ за прием и репатријација на странски државјани преку Република Кипар, соопшти утрово портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за план на кипарската Влада што се активира при вонредни состојби или кризи, а се однесува на прием, евакуација и репатријација на странски државјани од кризни подрачја преку територијата на Република Кипар.
Рим - Италијанската премиерка Џорџа Мелони свика за денеска попладне видеоконференција со министрите и раководителите на националните разузнавачки служби во врска со најновиот напад на Израел врз Иран, пренесуваат италијанските медиуми.
Како што наведуваат извори од италијанската Влада, Мелони со најголемо внимание го следи развојот на кризата во Иран, пренесе италијанската агенција Нова.
Техеран - Земјите ширум светот реагираат на израелските напади врз Иран, при што неколку изразија загриженост, а други го критикуваат потегот.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека немало вмешаност или помош на САД во нападите. Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија изјави дека „бесрамната израелска агресија“ го поткопува „суверенитетот и безбедноста“ на Иран и претставува јасно кршење на меѓународните закони и норми.
Бејрут - Претседателот на Либан, Џозеф Аун денеска остро ги осуди израелските напади врз Иран, посочувајќи дека нападите „не се насочени само против иранскиот народ, туку и против меѓународните напори за одржување на стабилноста на Блискиот Исток и соседните земји“, пренесува либанска новинска агенција.
Аун предупреди дека таквата агресија има за цел да „ги поткопа тековните иницијативи за посредување кои постигнаа значителен напредок кон постигнување реални и праведни решенија за да се избегне заканата од регионална војна“.
Техеран - Иран побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за да се разговара за израелските напади врз земјата, изјави иранската мисија во ОН за Си-Ен-Ен.
Во израелскиот напад врз неколку локации во Иран утрово загинаа бројни команданти, научници и цивили, соопшти иранската агенција. Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека над сто дронови биле лансирани од Иран кон Израел и дека израелските воздухопловни сили работат на нивно пресретнување.
Kaиро - Египет внимателно ја следи ситуацијата во регионот по израелската воена операција во Иран, изјави египетскиот премиер Мостафа Мадбули, цитиран од весникот „Ал Масри Ал Јум“.
Тој додаде дека во координација со гувернерот на Централната банка, Хасан Абдула, и министерот за финансии, Ахмед Кучук, се работи на зголемување на залихите на стратешка стока во земјата.
Тел Авив - Израелскиот Национален совет за безбедност ги повика Израелците во странство да бидат дополнително претпазливи поради стравот од одмазднички напади како одговор на воздушните напади на Израел врз иранските нуклеарни и воени објекти.
Советот ги повикува луѓето да избегнуваат јавно прикажување израелски или еврејски симболи, да избегнуваат големи еврејски или израелски настани и да не споделуваат планови за патување преку интернет, објавија израелските медиуми.
Стокхолм - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека е „клучно да се работи на деескалација“ по израелските напади утрово врз воени и нуклеарни цели во Иран.
-Ова е очигледно брзо развивачка ситуација и ова е еднострана акција од страна на Израел, рече Руте за време на состанокот со шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Париз - Франција ги повика „сите страни да покажат воздржаност и да избегнат каква било ескалација што би можела да ја наруши регионалната стабилност“ по израелските напади врз Иран.
„Многу пати ја изразивме нашата силна загриженост во врска со иранската нуклеарна програма. Од витално значење е да се користат сите дипломатски канали за намалување на тензиите“, напиша францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на „Икс“.
Москва - Русија ја осудува острата ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран и изразува загриженост по израелските напади врз Иран, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од локалните медиуми.
„Русија е вознемирена и ја осудува острата ескалација на тензиите“, рече Песков. Тој додаде дека по наредба на претседателот Владимир Путин, Министерството за надворешни работи на Русија наскоро ќе објави соопштение за ситуацијата, која потоа ќе биде дистрибуирана до ОН.
Пекинг - Кина изјави дека е „многу загрижена“ од големите израелски напади врз Иран, критикувајќи го она што го нарече кршење на иранскиот суверенитет. Пекинг изрази подготвеност да помогне во ублажувањето на тензиите.
-Кина е многу загрижена поради израелскиот напад врз Иран, изјави Лин Џијанг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи. Тој предупреди дека овој потег може да доведе до „сериозни последици“.