• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

6 мај 2025 

Скопје - Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ утре ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.  Предвидено е Милановиќ да има средба со својата домаќинка - претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и со други македонски официјални претставници.

Поради посетата на хрватскиот претседател Милановиќ, во Скопје утре ќе има посебен режим на сообраќај во поширокото централно подрачје. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.

Скопје - Интензивна соработка помеѓу двете министерства во областа на даночната политика и борбата со финансискиот криминал е договорена на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со турскиот министер за трезор и финансии Мехмет Шимшек, на која присуствуваа и директорите на УЈП Елена Петрова и на Управата за финансиска полиција  Слободан Ивановски, соопшти денеска Министерството за финансии.

Даночните управи, како што било договорено на состанокот во Министерството за финансии на Турција, ќе работат на директна размена на информации за даночни ризици, заеднички даночни контроли и слични заеднички активности за мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници што може да влијаат врз плаќањето на даноците во двете земји.

Скопје - Зајакнување на царинската соработка помеѓу Македонија и Турција за што ќе се потпишат и меморандуми за соработка, воспоставување директни комуникациски канали помеѓу Секторите за контрола и истраги, размена на информации во реално време и креирање заеднички профили на ризик за специфични стоки.

Ова било договорено на вчерашната средба во Анкара со министерот за трговија на Турција Омер Болат и директорите на Директоратите за царина и царинска контрола и истраги, на која директорот на Царинска управа Бобан Николовски, како дел од делегацијата на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, имал свое обраќање.

Скопје - Преговараме со „Виз ер“ да ја отвори линијата Будимешта -Охрид. Сметаме дека таа е поатрактивна бидејќи охридското крајбрежје има што да понуди за туристите. Во меѓувреме развиваме нов модел на привлекување на нови авиолинии и сметаме дека тој модел ќе донесе најмалку десет, а потенцијaлно и дваесет нови дестинации, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во утринското интервју на Радио Лидер.

Според Николоски, сегашниот модел на субвенции на патници во доаѓање дава резултати, како што вели, има десет нови линии за неколку месеци. Со новиот модел се планира да се зголемат субвенциите.

Белград - Потпретседателот на Владата на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека нема причина за распишување вонредни парламентарни избори во Србија, јави дописникот на МИА од Белград. 

„На Србија и е потребна политичка стабилност и континуиран економски развој. Според мене, нема причина за никакви вонредни парламентарни избори. Владата има стабилно парламентарно мнозинство“, изјави тој за ТВ Пинк.

Атина - Преку анонимен повик во полицијата и во грчкиот информативен портал „Зугла“, непознато лице рано утро пријавило дека е поставена бомба во суд во Атина, но по извршените проверки од полицијата се покажа дека станува збор за лажна дојава, јави дописничката на МИА од Атина.

Во анонимниот повик, непознатото лице предупредило дека бомбата ќе експлодира за два часа, по што полицијата го затвори просторот, превентивно ги евакуираше објектите и деталано ги провери, но не беше пронајдено ништо сомнително.

Атина - Во април годинава цените на производите во супермаркетите во Грција, минимално се зголемиле споредбено со истиот период во 2024 година, зголемување од само 0,23 отсто, согласно податоците од Институтот за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина.

Од истражувањето што било спроведено во големи супермаркети, произлегло дека во текот на 12-месечниот период од мај 2024 до април 2025 година се забележува намалување на цените од 0,34 проценти, додека пак во април 2025 година во споредба со претходниот месец цените се за 0,79 отсто пониски.

Белград - Универзитетот во Белград апелира до државните власти да создадат услови за продолжување на учебната година, чие редовно завршување е сериозно загрозено, преку дијалог со студентите и исполнување на нивните барања, се нагласува во Платформата за дискусија на високообразовната институција со надлежните органи и институции, јави МИА од Белград.

Таа Платформа беше презентирана и на средбата што делегацијата на Универзитетот во Белград, предводена од ректорот Владан Ѓокиќ, ја имаше со премиерот Ѓуро Мацут на 30 април.

Букурешт - Претседателот на Романија во заминување, Илија Боложан, го назначи Каталин Предоиу за вршител на должноста романски премиер.

Боложан денеска го потпиша указот за назначување на Предоју за вршител на должноста премиер на Романија, кој ќе ги извршува службените должности до формирањето на нова влада, откако вчера Марсел Чолаку поднесе оставка на премиерската функција, соопшти кабинетот на претседателот, пренесе Аџерпрес.

Берлин - Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел беше меѓу неколкуте специјални гости кои од галеријата на парламентот го следеа изборот на конзервативецот Фридрих Мерц за канцелар, јави ДПА.

Меркел и Мерц - двајцата членови на Христијанските демократи (CDU) - се скараа откако Меркел го доби водството на партијата во 2002 година, а Мерц постепено се повлече од политиката за да продолжи кариера во корпоративното право пред да се врати по пензионирањето на Меркел во 2021 година.

Њујорк - Првиот заменик на постојаниот претставник на руската мисија при ОН, Дмитриј Пољански, денес изјави дека Русија поддржува ревизија на Обединетите нации и порача дека бирократијата на светската организација мора да работи за земјите членки.

- Секогаш се залагаме за ревизија и контрола, не само ние, туку сите. Бирократијата на ОН исто така мора да сфати дека работи за земјите членки. А ако се појават проблеми, мора да сфатат дека тоа се нивни проблеми, а не само проблеми на земјите членки, рече Пољански за РИА Новости.

Лондон - Британскиот премиер Кир Стармер синоќа разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон за Денот на победата, Украина, Газа и самитот Велика Британија-Франција, што ќе се одржи подоцна оваа година.

„Стармер на почетокот од разговорот рече дека е почестен што е дел од настаните по повод Денот на победата, вклучувајќи ги и комеморативните настани што се одржаа вчера“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

Мадрид - Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска изјави дека Европската Унија е мировен проект, но дека мирот без одбрана е „илузија“.

Во интервју за шпанската емисија „Денес за денес“, тој истакна дека е потребно ЕУ да одржува добри односи со САД бидејќи, како што оцени, алтернативата е „хаос“.

Москва - Руските сили за противвоздушна одбрана во текот на изминатата ноќ уништија и пресретнаа 105 украински беспилотни летала од авионски тип над регионите на Русија, соопшти Министерството за одбрана во Москва.

- Во текот на изминатата ноќ од 21:00 до 04:00 часот по московско време, дежурните системи за противвоздушна одбрана уништија и пресретнаа 105 украински беспилотни летала со фиксни крила: 32 над територијата на Брјанската област, 22 над територијата на Воронешката област, 19 над територијата на Московската област, се наведува во соопштението.

Париз - Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денеска го осуди израелскиот план за нова офанзива врз Појасот Газа, обвинувајќи ја владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за кршење на меѓународното право.

Баро „строго го осуди“ Израел поради планирањето „напад од големи размери“ и „раселување на поголемиот дел од населението“ во палестинската енклава, пренесува Фигаро.

Рим - Кардиналите кои учествуваат на конклавата што почнува утре, 7 мај, според правилата, не треба да водат „предизборна кампања“, но неколку групи кардинали беа видени на вечери и собири, пренесува италијанскиот весник „Ла Република“. 

Правилата наведуваат дека кардиналите мора да се воздржат од каква било форма на преговори, договор или ветување, но правилата не ја спречуваат „размената на идеи за избори“. 

Берлин - Фридрих Мерц денеска не беше избран за следен канцелар на Германија во првиот круг гласање во парламентот, бидејќи не освои апсолутно мнозинство.

Конзервативниот лидер доби 310 гласа во 630-члениот Бундестаг, шест помалку од потребното мнозинство. Како што јави ДПА, шокантниот резултат е голема непријатност за Мерц, чија идна коалиција – составена од Христијанските демократи (ЦДУ), баварската Христијанска социјална унија (ЦСУ) и централно-левичарските Социјалдемократи (СПД) – има 328 места во 630-члениот Бундестаг, долниот дом на германскиот парламент.

Дака - Поранешната премиерка на Бангладеш, Каледа Зија, денеска се врати во земјата од Лондон по четиримесечно лекување, зголемувајќи го притисокот врз привремените лидери во земјата за одржување избори.

Бангладеш има влада предводена од добитникот на Нобеловата награда за мир, Мухамед Јунус, откако поранешната премиерка Шеик Хасина беше соборена од власт во август минатата година. Зија, главниот ривал на Хасина, и нејзината Националистичка партија на Бангладеш (БНП) вршат притисок врз владата на Јунус да одржи национални избори уште во декември.

Вашингтон - Извршниот директор на „СпејсИкс“, Елон Маск, изјави дека приоритет и дава на својата визија за живот на Марс, додека неговиот мандат во Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) привршува.

Во интервју за Фокс Њуз, Маск ги сподели резултатите од истражувањето на тимот на Одделот кој се занимаваше со владините „измами“, а потоа ја прошири својата идеја за колонизација на Марс како „животно осигурување“ за човештвото.

Варшава - Полска се соочува со невиден обид на Русија да се меша во претседателските избори во земјата, изјави денеска министерот за дигитализација Кшиштоф Гавковски, јавија британските медиуми.

Првиот круг од претседателските избори во Полска е закажан за 18 мај.

Стразбур - Европската Унија јасно стави до знаење дека е подготвена да разговараа со САД за изнаоѓање заемно корисни решенија за трговските односи, со почитување на европските интереси и регулаторна автономија, но останува на Вашингтон да покаже подготвеност за постигнување фер и балансирано решение, изјави еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчовил во обраќањето на дебата во Европскиот парламент посветена на одговорот на Унијата на царините и трговските мерки воведени од страна на Американската администрација.  

- За да ги започнеме овие преговори, ја разгледуваме можноста за намалување на бариерите, а не за нивно зголемување, вклучително и преку предлагање договор за „нула-за-нула царини“ за сите индустриски стоки, вклучително и за стратешките индустриски сектори како што се автомобилите и автомобилските делови, за заедничко решавање на глобалната пазарна заситеност во стратешките индустриски сектори, како што се челикот и алуминиумот, за заедничко зголемување на отпорноста на синџирите на снабдување во сектори како што се полупроводниците и фармацевтските производи, за обезбедување на трансатлантската трговија без бариери и за заживување на нашата соработка, додаде Шефчович.

Ерусалим - Израелскиот министер за наследство Амихај Елијаху изјави дека палестинските цивили во Појасот Газа треба да бидат изгладнети до смрт, јави Анадолија.

Во разговор за телевизијата Канал 7 во Израел Елијаху рекол дека е потребно бомбардирање на складиштата за гориво и храна во Појасот Газа.

Остани поврзан