• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

16 мај 2025 

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски очекува Предлог законот за сајбер безбедност до крајот на месецов да ја помине владината процедура и на почетокот на јуни да влезе во собраниска процедура. Очекува новото законско решение да биде поддржано од сите пратеници зашто, како што вели, не станува збор за политички закон, туку за закон кој ќе значи безбедност на целокупното општество.

-Имајќи во вид колку сајбер нападите сега се насочуваат кон критичната инфраструктура и колку на удар може да бидат системите за производство и снабдување со електрична енергија од исклучително значење е ваквиот самит на кој ќе се дискутираат политиките на дигитализација во смисла на енергетиката, изјави Андоновски пред почетокот на Националниот самит за дигитална енергетска и безбедна критична инфраструктура.

Скопје - Делегација на Министерството за образование и наука, предводена од државниот секретар Елена Ивановска, присуствувала на 24-от состанок на заедничкиот комитет на Централноевропската програма за размена во областа на универзитетските студии (CEEPUS), кој се одржа во Будимпешта во организација на Министерството за култура и иновации на Унгарија и Централната CEEPUS канцеларија во Виена.

МОН информира дека на состанокот се дискутирало за досегашната ефикасност и перспективите на програмата, можностите за проширување на квотите за мобилност на сегашните земји потписнички, како и за проширување на програмата со нови земји учеснички.

Скопје - Веќе постапува Инспекторатот за животна средина кој е надлежен за терен и спроведување казни, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити во врска со  хаваријата во населбата Пинтија во Кисела Вода каде што вчера од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор се излеале хемикалии користени во производствениот процес. 

На новинарско прашање што е преземено во врска со работењето на фирмата, Меџити денеска упати на информации кај раководителот на Инспекторатот кој сега функционира во рамки на Министерството. Град Скопје вчера информираше дека на месотото на хаваријата биле пратени екипи на  ТППЕ Скопје за изолирање на инцидентот, а инспекторите од Град Скопје изготвиле записник за хаваријата.

Скопје - Во моментов Владата има стабилно мнозинство и веќе има ист број пратеници и по заминувањето на Таравари. И во албанскиот дел има легитимитет и ист број, и без Таравари имаме 13-14 пратеници, изјави претпладнево првиот вицепремиер Изет Меџити и соопшти дека се преговара со пратеници од Европскиот фронт „кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.

На новинарско прашање дали тие ќе дејствуваат како дел од пратеничката група на Вреди, Меџити одговори дека дел се од мнозинството и од Европскиот фронт и, рече, „ќе бидат поддршка за Владата“. Соопшти дека деновиве се „во преговори за повеќе политички опции“ за ресорот здравство по заминувањето на Арбен Таравари „и врз основа на тоа“ ќе  дадат нов предлог за министер.

Скопје - Институтот за судска медицина до Основното јавно обвинителство Куманово го достави обдукцискиот наод за починатиот Ведат Адеми, соопшти денеска Јавното обвинителство. Оттаму посочуваат дека наодот се разгледува во корелација со други докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Кумановското обвинителство веќе отвори предистражна постапка за случајот на 32-годишниот кумановец Ведат Адеми, кој почина на 17 март во градската болница. Адеми починал откако примил терапија во болницата. Неговото семејство обвинува дека причина е лекарска грешка и дека му бил даден лек на кој бил алергичен.

Скопје - Прометот во индустријата, вкупно, е зголемен за 1.8 проценти во март годинава во однос на март минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во март годинава во однос на февруари годинава прометот во индустријата, вкупно,  е зголемен за 9.1 процент,  а во првиот квартал годинава споредено со истиот период лани за 2.9 проценти. Во вкупниот промет, во март годинава во однос на март лани има зголемување од 5,3 проценти кај Производство на прехранбени производи и од 8,8 проценти кај Производство на метали, додека пад од 10,7 проценти е регистриран кај Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место.

Скопје - Пристапувањето кон СЕПА претставува историски напредок на патот кон Европската Унија и потврда за реформите што ги предводеше Народната банка за исполнување на високите европски регулативни барања и стандарди во доменот на плаќањата, констатирале гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и директорката за Западен Балкан при Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија Валентина Суперти.

На состанокот, како што соопшти централната банка, било посочено дека Народната банка ќе продолжи да работи на одржување на макроекономската стабилност и на надминување на предизвиците во сите области на делување заради овозможување усогласеност со европските стандарди.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје по спроведена истражна постапка поднесе обвинение за силување против 37-годишен скопјанец.

Како што соопшти денеска Јавното обвинителство, на 21 февруари вечерта, со умисла и на сила, спротивно на јасно изразената волја на жртвата, ја присилил на полов однос. Делото го извршил во автомобил, на паркинг во Сопиште, така што најпрво без согласност започнал да ја допира жената, а потоа станал и насилен кон неа затоа што го одбивала.

Анкара - Во Истанбул почна првиот состанок помеѓу САД, Украина и Турција, изјави неименуван извор од турското Министерство за надворешни работи.

Во Истанбул пристигна и американскиот државен секретар Марко Рубио, при што се предвидени низа состаноци во различни формати - трилатерални разговори меѓу САД, Украина и Турција, како и Русија, Украина и Турција. На состаноците Турција ја претставува министерот за надворешни работи Хакан Фидан.

Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама денеска се сретна  со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во Тирана во рамките на Самитот на Европската политичка заедница.

Рама сподели снимки од средбата во неговиот кабинет на социјалните мрежи, објавувајќи дека се фокусирале на понатамошно зајакнување на улогата на Албанија во Алијансата, безбедносните предизвици во регионот и активен придонес на оваа земја во НАТО.

Атина - Меѓународната награда за квалитет „Сино знаме“ оваа година ја добија 623 грчки плажи, 17 марини и 17 туристички јахти, со што Грција ја задржа втората позиција меѓу 52 земји од целиот свет по сини знамиња за квалитетот на водата за пливање, заштитата на животната средина, организацијата и безбедноста на посетителите, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкото друштво за заштита на природата што воедно и организацијата која управува со меѓународната програма „Сино знаме“ соопшти дека во Грција континуирано се зголемува бројот на наградени места, а и ова година наградите се над 600. Од вкупно 52 земји учеснички во програмата, Грција има 15 отсто од наградените плажи. Регионот Крит го задржува првото место меѓу регионите со 153 знамиња, а Халкидики е на првото место меѓу грчките префектури со 93 знамиња.

Анкара - Директорот на одделението за планирање на политики во Стејт департментот, Мајкл Антон ќе ги претставува САД на денешните разговори со руската делегација во Истанбул.

Состаноците се дел од поширок дипломатски напор во Турција за наоѓање начин за завршување на војната во Украина, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа изјави дека договорот за прекин на огнот меѓу Украина и Русија може да се постигне само преку директни разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, јави ДПА.

Зборувајќи пред планираните денешни разговори меѓу украинската и руската делегација во Турција Рубио за „Фокс њуз“ изјави дека единствениот начин да се постигне пробив е Трамп и Путин да седнат на маса еден спроти  друг.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ја разгледува можноста за продажба на главната зграда на Гласот на Америка (ВОА) во Вашингтон, како дел од напорите за намалување на владините трошоци, јави Блумберг.

Федералната зграда „Вилбур Џ. Коен“, што е седиштето на Гласот на Америка, е дел од поширок план за намалување на обемот на федералната влада.

Вашингтон - Додека во Истанбул се одржуваат средби за ставање крај на војната во Украина се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп.

- Време е едноставно да го направиме тоа. Ќе го завршиме, истакна Трамп. Тој додаде дека сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин што е можно поскоро. Трамп вчера изјави дека значителен напредок во преговорите е малку веројатен сè додека тој и Путин не се сретнат лице в лице.

Газа - Цивилната одбрана на Појасот Газа објави дека во израелскиот напад врз палестинската енклава загинале најмалку 50 луѓе.

- Билансот на израелското бомбардирање врз Појасот Газа е најмалку 50 загинати, изјави директорот на Цивилната одбрана Мохамед ал Могаир, додавајќи оти продолжува потрагата по преживеаните под урнатите.

Остани поврзан