• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

7 мај 2025 

Скопје - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, од денеска до 9 мај ќе предводи собраниска делегација во официјална посета на Италијанската Република. Во составот на делегацијата се членовите на пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Италијанската Република, Благица Ласовска и Димитар Ковачевски, потоа пратеничката Мимоза Муса, член на Комисијата за европски прашања, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Согласно програмата, соопшти денеска собраниската прес-служба, предвидени се средби со Лоренцо Фонтана, претседател на Долниот дом на Парламентот на Италијанската Република, со сенаторката Ема Паванели и членовите на билатералната група за соработка со државите од Балканот, со претседателот на Комисијата за надворешна и европска политика, Џулио Тремонти и членовите, како и со претседателот на Комисијата за ЕУ политики, Алесандро Џиљо Виња, и членовите.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, упати честитки до сите полициски службеници ширум државата, истакнувајќи ја нивната клучна улога во обезбедувањето на јавната безбедност. Тој оддаде почит и на сите припадници на МВР кои го загубиле својот живот во рамките на службата.

- Овој ден е посветен на вас, на сите полициски службеници ширум Македонија, на луѓето кои секојдневно професионално се грижат за безбедноста на граѓаните, порача министерот, нагласувајќи дека да се биде полицаец не значи само носење униформа, туку и посветеност на заштитата на татковината.

Скопје - Амбасадата на Италија во Скопје известува за можноста за добивање  стипендии за македонски државјани од Владата на Италија за академската 2025-2026 година.

Како што објави МОН, кндидатите може да аплицираат за следните категории на студии во Италија: напредни курсеви за усовршување на јазикот за студенти по италијански јазик (три месеци); втор степен на универзитетски студии (две годишни постдипломски); студии за високо образование од областа на ликовната уметност, филмска и драмска уметност, музичката уметност и танцот; докторски студии и истражувачки проекти.

Скопје - Стопанската комора, по дојава од членки извозници за задржување на македонски камиони кои транспортираат прехранбени производи на територија на Косово, под изговор дека задржувањето е поради чекање резултати од лабораториски анализи, со официјален допис до надлежните институции во државата, бара итно преземање на неопходните мерки и нормализирање на протокот.

Во соопштението од Стопанската комора се посочува дека според информациите што ги добиле од домашните извозни компании, на косовската страна на границата се задржуваат камиони од Северна Македонија, без соодветно образложение, предизвикувајќи економски штети и нарушување на трговската размена. Бидејќи се работи за прехранбени производи, кои мора да бидат во согласност со здравствените и безбедносните стандарди, како што нагласуваат од Комората, протокот треба да биде без застој за да не се наруши континуитетот на домашните извозници, што може да предизвика и финансиски импликации.

Скопје - Во 09:30 часот сообраќајот на регионалниот пат Прилеп-Крушево, кај село Врбјани Општина Кривогаштани, е пуштен во двата правци, информираа од АМСМ.

Од 09:10 часот сообраќајот беше блокиран во двата правци, откако во 08.50 часот започнал ненајавен јавен собир на регионалниот пат. Граѓани протестирале поради изведување градежни работи на патот со кои треба да се руши мост поради што во овој период ќе им се отежни работата на земјоделците.

Скопје - На маргините на Форумот на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), на кој од денеска започнува Претседателството на Северна Македонија со Стратегијата и Јадранско-јонската иницијатива, министерот за европски прашања Орхан Муртезани остварил билатерални средби со министерот за кохезија и регионален развој на Словенија, Александер Јевшек и со Жил Кител, раководител на одделот за Инструментот за претпристапна помош и проширување при Генералниот директорат за регионална политика на Европската комисија.

Како што соопшти МЕП, на средбата со словенечкиот министер Јевшек, се разговарало за тековната подготовка на Претседателството на Северна Македонија со ЕУСАИР и за поддршката во рамки на новиот проект Facility Point.

Скопје -  Во 08.50 часот започнат е ненајавен јавен собир на регионалниот пат Прилеп-Крушево кај село Врбјани, Општина Кривогаштани, информираа од АМСМ.

- Граѓани протестираат поради изведување на градежни работи на патот со кои треба да се руши мост поради што во овој период ќе им се отежни работата на земјоделците. Од 09:10 часот сообраќајот е блокиран во двата правци, соопштија од АМСМ.

Белград - На железничката пруга Неготин-Зајечар, помеѓу Брусник и Рготина, ноќеска излетале од шини шест вагони-цистерни натоварени со фосфорна киселина, но немало истекување, испарувања и нема опасност по човечки живот или животната средина. Сообраќајот во моментов е во прекин на тој дел од железничката пруга, се наведува во соопштението од „Србија карго“. Излетувањето од шините на вагоните-цистерни на компанијата „Еликсир“ се случило во 1:45 часот по полноќ.

Товарниот воз имал 12 вагони-цистерни и патувал од Прахово до Шабац. Во тек е  утврдување на причината за таа несреќа од страна на надлежни органи, се вели во соопштението.

Москва - Русија ги повика Индија и Пакистан на воздржаност во екот на сè посилната воена конфронтација меѓу двете нуклеарни сили.

- Русија е длабоко загрижена поради ескалацијата на воената конфронтација меѓу Индија и Пакистан. Ги повикуваме страните во индиско-пакистанскиот конфликт да покажат воздржаност со цел да се спречи понатамошно влошување на ситуацијата во регионот, соопшти руското Министерство за надворешни работи на Русија.

Дамаск - Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денеска ќе отпатува во Париз, во својата прва посета на Европа од падот на поранешниот претседател Башар ал-Асад, за да побара меѓународна поддршка за напорите за обнова на стабилноста во својата земја.

Шара, кој е предмет на санкции на ОН поради неговата претходна улога во исламистичката група Хајат Тарир ал-Шам (ХТС), поранешна филијала на Ал Каеда, доби одобрение од светската организација за патување во Франција.

Киев - Најмалку две лица загинаа во Киев во текот на ноќта кога остатоци од дрон погодија станбени згради, предизвикувајќи пожари во неколку области, соопштија денеска агенцијата за цивилна заштита и градоначалникот Виталиј Кличко.

Жртвите биле пронајдени додека пожарникарите се обидувале да ги изгаснат пожарите во становите кои избувнаа откако делови од дрон паднаа на петкатна зграда. Во меѓувреме, сирените за воздушна тревога и утрово продолжија да се огласуваат во главниот град, а Кличко ги упати жителите да се засолнат.

Њу Делхи/Исламабад - Индија и Пакистан се нуклеарни сили во актуелен судир, а секоја поседува околу 180 нуклеарни боеви глави. Што би се случило доколку конфликтот ескалира до употреба на нуклеарно оружје?

Научници од Универзитетот Рутгерс во САД пред неколку години спроведоа анализа на можните последици од нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан, предупредувајќи дека таков конфликт би можел да има катастрофални последици не само за двете земји, туку и за целиот свет.

Сана - Аеродромот на главниот град на Јемен, Сана, прекина со работа поради израелски напади.

Управата на аеродромот соопшти дека летовите се прекинати поради „значителната штета“ нанесена од израелското гранатирање.

Исламабад - Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф изјави дека неговата земја има „целосно право“ на „силен одговор“ по индиските воздушни напади во текот на ноќта, кои ги опиша како „чин на војна наметнат од Индија“.

-Остро реагираме на овој воен чин, рече Шариф, без да прецизира за природата на тој одговор.

Стразбур - Во неделата кога одбележуваме 80 години од крајот на Втората светска војна, уште еднаш се наоѓаме во одлучувачки момент во историјата на Европа, кога од начинот на кој ќе запре војната во Украина ќе зависи како ќе биде обликуван нашиот континент за генерациите што доаѓаат, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европарламентот посветена на поддршка на ЕУ за постигнување праведен, одржлив и сеопфатен мир во Украина. 

Според Фон дер Лајен, од тој мир ќе зависи иднината на Украинците, но и на Европа, бидејќи постигнувањето лош мировен договор би можел да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин подоцна да се врати и да се обиде да освои повеќе територија.

Њу Делхи - Бројот на цивилни жртви во последното прекугранично гранатирање на индиска страна се искачи на 10, потврди висок функционер на индиската војска за Би-Би-Си.

Сите смртни случаи се во областа Пунч, која се наоѓа во близина на Линијата на контрола – границата меѓу Индија и Пакистан.

Вашингтон - Поранешниот американски претседател Џо Бајден во своето прво интервју откако ја напушти Белата куќа изјави дека притисокот на неговиот наследник Доналд Трамп врз Украина да ѝ предаде територија на Русија е форма на модерно попуштање кое никогаш нема да ја задоволи Москва. 

Во интервју за Би-Би-Си објавено денеска, Бајден рече дека рускиот претседател Владимир Путин верува дека Украина е дел од „мајка Русија“ и дека секој што мисли „дека тој ќе престане е едноставно наивен“. 

Њу Делхи - Нападите на Индија врз Пакистан беа насочени кон „терористички кампови“ кои служеа како центри за регрутирање и места за стационирање, каде што се складира оружје и има објекти за обука, соопшти индиската војска. 

„Разузнавањето и надзорот на терористичките модули со седиште во Пакистан покажаа дека претстојат нови напади врз Индија, поради што беше неопходно да се преземат превентивни напади“, рече Викрам Мисри, главен секретар на индиското Министерство за надворешни работи. 

Сана - Јеменските бунтовници Хути се согласија на прекин на огнот со САД и ветија дека ќе се придржуваат кон договорот, доколку Вашингтон го стори истото, изјави синоќа портпаролот на Хутите, Мохамед Абдел-Салам за телевизијата Ал-Масира, пренесува ДПА.

„САД се вмешаа за да го поддржат израелскиот ентитет со напаѓање на Јемен. Значи, ако тие ја прекинат својата агресија, ние ќе престанеме да одговараме. Доколку [САД] не се придржуваат кон договорот на кој било начин, одговорот ќе биде фатален“, рече Абдел-Салам.

Вашингтон/Тел Авив - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека бројот на живи заложници во Газа се намалил од 24 на 21, додека претставници на израелската Влада веднаш повторија дека официјалниот број на заложници за кои се верува дека се живи е сè уште 24.

-Денеска бројот на живи заложници е 21. Тројца од нив починаа, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, но не даде детали за тоа како починале тројцата заложници, пишува „Тајмс оф Израел“.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повика на „значително поголем притисок“ врз Москва по смртоносните руски напади врз Киев во текот на ноќта, во кои загинаа најмалку две лица, јавија француските медиуми.

Рускиот напад се случи непосредно пред тридневниот прекин на огнот, еднострано договорен од Кремљ, кој требаше да стапи на сила вечерва во 21 часот по локално време.

 

Остани поврзан