• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

4 јуни 2025 

Скопје - Тековната макроекономска стабилност е приоритет што треба и понатаму да се одржува и унапредува преку добро усогласени и координирани политики, констатираа на денешната средба министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и новоизбраниот гувернер на Народната банка Трајко Славески.

Димитриеска-Кочоска и Славески, како што информира Министерството за финансии (МФ), разменија мислења за тековните економски предизвици и изразија заложба за продолжување и натамошно зајакнување на координацијата меѓу Министерството за финансии и Народната банка во насока на донесување политики што ќе бидат одржливи и во интерес на граѓаните и на стопанството.

Скопје - Судството во првите три месеци од годинава не било ажурно и биле решени 137.725 предмети, ова беше кажано во образложението на 524-та седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија.

По точката за разгледување и оценување на тримесечните извештаи за работа на судовите за 2025 година, односно за периодот јануари-март беше констатирано дека повеќето судовите биле неажурни. Почетокот на годината судовите го започнале со 133.882 предмети, а примиле во работа 148.588 предмети, што значи дека вкупно за работа имале 282.470.

Брисел - На предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Предлог-извештајот за земјава за 24 јуни. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Вајц во образложението на предлогот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.

Скопје - Се движиме кон дигитално општество, но не смееме да бидеме следбеници на трендовите, туку треба да ги креираме заедно со развиените држави. Ова прашање не познава граници, секоја земја, дури и најмалата, ако има добар ИТ потенцијал кај кадарот и добри навики кај граѓаните, како и ако гради дигитална инфраструктура, може да прави квантни чекори напред, изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски пред почетокот на конференцијата што ја организира Блумберг Адриа.

Андоновски ја гледа Македонија целосно дигитализирани во 2030 -2035 година. Тоа, напомена, е стратегијата на Владата.

-Нашата стратегија е се што е процес во позадина во јавната администрација да биде дигитализиран за да понуди добри услови за водење бизнис, за раст на економијата и за благосостојбата на граѓаните, потенцира Андоновски.

Рејкјавик - Поранешниот претседател на Исланд, Гудни Јоханесон преку летото работи како водич во Националниот парк Тинвелир.

Јоханесон беше најмлад претседател во историјата на Исланд, а неговиот мандат беше од 2016 до 2024 година. Тој изјави дека поголемиот број туристи не го препознаваат како поранешен шеф на држава.

Келн - Во германскиот град Келн почна најголемата евакуација во врска со бомби од 1945 година, откако беа откриени три американски бомби од Втората светска војна.

Како што јави ДПА, голем дел од центарот на градот се затвора за да може да се деактивираат направите. Во зоната за евакуација во областа Дојц, на источниот брег на реката Рајна, засегнати се повеќе од 20.000 луѓе

Ријад - Околу 1,4 милиони аџии пред претстојниот муслимански празник Курбан Бајрам, на 6 јуни, денеска ја посетија Мека. Аџиите денеска седумпати ќе свртат околу Каба, најсветото место во исламот, а потоа ќе се упатат кон Мини каде „ќе го каменуваат ѓаволот“, а потоа на молитва на планината Арафат, каде се верува дека пророкот Мухамед ја одржал последната проповед.

Саудиските власти ги засилија мерките против жештината, како што е обезбедување дополнителна сенка и климатизирани шатори, за да не се повтори минатогодишниот исход, кога 1.301 лице почина кога температурата на воздухот се искачи до 51,8 степени Целзиусови. Годинава мобилизирани се повеќе од 40 владини агенции и 250.000 работници за да го намалат бројот на смртни случаи поврзани со топлината.

Газа - Најмалку 10 лица, меѓу кои и деца, загинаа во израелскиот воздушен напад врз училиште во Кан Јунис, во кое се сместени раселени Палестинци.

Израелската армија ги засилила воздушните и артилериските напади во градот Кан Јунис, а вчера преку летоци ги предупреди жителите да го напуштат градот и да се упатат кон запад, поради претстојната операција против Хамас и другите милитанти.

Техеран - Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, порача дека американскиот предлог за нуклеарен договор е во спротивност со националните интереси на Техеран и оти земјата нема да се откаже од збогатувањето ураниум.

Прашањето за збогатување ураниум е спорна точка во преговорите меѓу САД и Иран. - Збогатувањето ураниум и понатаму е клучно за нуклеарната програма на Исламската Република, рече Хамнеи.

Остани поврзан