• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

7 мај 2025 

Скопје - Државата не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членството во ЕУ. Вие добивате многу совети, од вашите соседи, од меѓународната дипломатија, од ЕУ, не се сите тие совети паметни, ниту корисни за вас... Вие сте тие, кои ќе одлучите што е важно за вас. Само немојте да бидете жртва на некаква уцена или изнудување, кога станува збор за вашето членството во ЕУ, порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

-Тука не мислам да полемизирам, ниту мислам на вашата соседна држава Бугарија, тие имаат свои идеи како тоа треба да изгледа. Правилата се јасни, треба консензус, треба едногласност. Се додека некој е против Македонија за жал не може да напредува на тој пат. Единствено е прашањето дали тоа за вас и за вашите граѓани се уште е најважната работа на овој свет вредна во животот или има некои други работи кои може државата да ја дефинираат како успешна и реализирана заедница. Но тука јас немам совет, тоа е ваша одлука, рече Милановиќ.

Скопје - Стабилна, просперитетна и интегрирана Европа е невозможна без полноправно членство на целиот регион, потенцираше премиерот Христијан Мицкоски по денешниот работниот ручек со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој е во официјална посета на Северна Македонија.

Како што се посочува Мицкоски во објава на Фејсбук, со хрватскиот претседател разговарале за можностите за продлабочување на соработката, како и за важноста на заедничките напори во справувањето со глобалните предизвици.

Скопје - Трошоците на животот во април годинава, во однос на април лани, бележат зголемување од 2.6 %, а индексот на цените на мало од 2.7 %, соопшти Државниот завод за статистика. Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април во однос на март годинава бележи раст од 0.6 %. Индексот на зголемувањето на инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 5.1 %, Облека и обувки за 1.5 %, Рекреација и култура за 1.4 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.5 %, Здравје за 0.4 % и Храна и безалкохолни пијалаци за 0.3 %.

Намалување на трошоците на животот е забележано во групите Разновидни стоки и услуги за 0.7 % и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0.1 %. Трошоците на животот во групите Домување, вода, електрика, гас и други горива, Ресторани и хотели, Комуникации и Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.

Скопје - Граѓаните се уште го поддржуваат зачленувањето на Македонија во Европската Унија, тие остануваат посветени. Ние сакаме  да го комплетираме патот кон ЕУ, 20 години потоа. Извонредни сме во хармонизацијата на законодавството и сите анкети покажуваат дека е нормално да влеземе и политички во ЕУ, бидејќи географски, историски и културно отсекогаш сме биле дел од ЕУ. Меѓутоа, ова навистина е неодржлива состојба која што не говори само за нас, туку и за кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во една од најважните области, областа на проширувањето, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со нејзиниот хрватски колега Зоран Милановиќ кој е во официјална посета на земјава.

- Логично е ако сте добиле речиси 20-тина позитивни извештаи од Европскиот парламент и Европската комисија, дека тие се сериозни и дека имало причина за препораката, но Советот значи велел „не“ на толку многу „да“, не заради неисполнувањето на Копенхагенските критериуми, туку заради прашања што на некој начин значат и бараат ревизија на историјата, и покрај тоа што знам дека многу интелектуалци од просторите на бивша Југославија повикуваа на опасноста од ревизија на историјата, рече Сиљановска Давкова.

Скопје - Планот на Владата за зголемување на приходите по глава на жител на 10.000 долари ќе зависи од стапката на раст, а за повисоки приходи треба да се работи на квалитетно образование, конкурентно опкружување и поголема енергетска ефиканост,  оцени денеска Иваило Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија. 

- Зависи сепак од стапката на раст, ако е многу голема стапката на раст, отприлика 10 проценти, тогаш БДП се удвојува за седум години, така што сегашните 8.000 – 9.000 евра може да се достигнат 17.000, а до 10.000 може да се стаса за многу пократок временски период и сето тоа ќе зависи од стапката на раст, рече Изворски на новинарско прашање  пред презентацијата на Извештајот на Светска банка „Поголеми височини, Раст кон високи приходи во Европа и Централна Азија“ во Скопје. 

Скопје - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев денеска остварил работен состанок со високи претставници од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт (ПОВ), Пол Брејтвејт, регионален лидер за Европа, Сандра Пернар, регионален координатор за Европа и Метју Трамонти, службеник за истражување во Независниот механизам за известување.

Како што информираат од Министерството за јавна администрација, средбата се одржала во рамки на официјалната посета на делегацијата од Секретаријатот на ПОВ на Република Македонија. Разговорите, како што посочуваат од Министерството, биле фокусирани на продлабочување на партнерството, тековните реформски процеси и можностите за зајакнување на принципите на отворено владеење.

Скопје - Засега не назадуваме, но на добар пат сме да почнеме да доцниме доколку Собранието најитно не почне да работи и да се поднесат законите од страна на Министерството за правда, истакна претседателот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски, по заедничката панел-дискусија со Институтот за европска политика од Берлин, која беше посветена на предизвиците и можностите за земјите кандидати за членство во Европската унија.

Според Трошановски, тоа особено ќе се одрази врз перформансот од аспект на обврските што државата ги има во реформската агенда и Планот за раст, со што, како што рече, се поврзани многу финансиски средства. Но, пред сѐ, вели, тоа се реформи за нашата држава и нејзината поголема функционалност и демократичност.

Белград - Во Баку слета свионот со кој српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се упати кон Москва за да присуствува на прославата на Денот на победата, јавија српските медиуми. Авионот не може да го продолжи патувањето кон Москва, бидејќи нема дозвола за летот поради непријателствата меѓу Русија и Украина, наведуваат српските медиуми повикувајќи се на извештај на агенцијата Танјуг чиј новинар ја следи таа посета на српскиот претседател.

„Сите земји претходно даваа дозвола за летот, но сега не можат да дадат дозвола поради борбени операции.Во овој момент, московските аеродроми се исто така затворени. Во претходните неколку дена, аеродромите во неколку руски градови беа затворени поради напади од украински беспилотни летала“, се наведува во извештајот.

Братислава - Словачкиот популистички лидер Роберт Фицо денеска го осуди планот на Европската унија да го запре увозот на руски природен гас до крајот на 2027 година со цел рускиот претседател Владимир Путин да остане без приходи за да води војна во Украина.

Европската комисија ќе презентира детален план следниот месец и ќе се стреми да ги забрани новите договори за гас со Русија до крајот на оваа година и постепено да ги укине постојните што сè уште се во сила во ЕУ до крајот на 2027 година.

Стразбур - Денес кога се навршуваат 80 години откако оружјето замолкна низ цела Европа, со што беше ставен крај на војната што го опустоши нашиот континент, одзеде десетици милиони животи и остави цели нации во урнатини, се сеќаваме на напорите за обнова и длабоко вкоренетата желба на европските народи да кажат: „никогаш повеќе“, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на церемонијата во Европарламентот по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Европа. 

- Од пепелта на Војната се роди смела визија. Визија не само за обнова на Европа, туку и за нејзина фундаментална трансформација. Оваа визија стана она што денес е нашата Европска Унија, еден од најуспешните мировни проекти во човековата историја, рече Кошта. 

Берлин - Сите членки на Европската Унија мора да ги зголемат своите издвојувања за одбраната, со цел да ги пополнат празнините во одбранбените способности на блокот и да обезбедат постојана поддршка за Украина, истакна денеска новиот германски канцелар Фридрих Мерц.

„Само на овој начин можеме постепено да ги намалиме празнините во нашите способности и колективно да ја поддржиме Украина“, изјави Мерц за новинарите во Париз, на заедничката конференција со францускиот претседател Емануел Макрон, за време на која двајцата лидери ветија нов почеток за Европа предводена од француско-германската соработка.

Стразбур - Европскиот парламент на денешното продолжение на овонеделната сесија во Стразбур ги одобри извештаите за Турција, Србија и Косово за 2023 и 2024 година.  

Извештајот за Турција, подготвен од известувачот на ЕП за земјата, шпанскиот европратеник Начо Санчез Амор, беше одобрен со 367 гласа „за“, 74 „против“ и 188 „воздржани“.  

Киев - Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека треба да се изврши посилен притисок врз Москва за да се запре нејзиниот терор врз Украина.

Шефот на украинската дипломатија го изрази овој став на Х по уште еден руски напад врз Украина.

Сибиха истакна дека Русите повторно го нападнале Киев, при што во нападот загинале најмалку две лица, а неколку биле ранети.

Тбилиси - Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе е избран за претседател на владејачката партија „Грузиски сон“ за време на денешниот конгрес, објави јавниот медиум на Грузија, ГПБ.

Претходно претседател на партијата беше Иракли Гарибашвили, кој соопшти дека се повлекува од политиката.

Нејпидо - Хунтата во Мјанмар го продолжи привременото примирје до 31 мај за да ги поддржи напорите за обнова на земјата по земјотресот кон крајот на март во кој загинаа најмалку 3.700 луѓе и беа уништени делови од земјата, објавија државните медиуми.

Хунтата првично објави примирје на почетокот на април, неколку дена по земјотресот што го погоди Мјанмар на 28 март, за да ги поддржи хуманитарните напори, додека вооружените групи што се спротивставуваат на хунтата донесоа слични одлуки. 

Остани поврзан