• сабота, 27 јули 2024
МИА Радио флеш

1 март 2024

Претседателот Стево Пендаровски денеска на прес-конференција ја најави својата граѓанска кандидатура за втор мандат на претседателските избори. Тој нагласи дека изминативе денови добил јавна поддршка за номинација за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои, вели, го познаваат но и не мал број од оние кои лично не го знаат,  заблагоидарувајќи за оваа пооддршка и дадената доверба. -На 3 март в недела очекувам и СДСМ да ја формализира својата поддршка за мојата кандидатура, а веднаш потоа од понеделник тоа да го направт и останатите 10-тина политички партии од таа коалиција. В недела ќе присуствувам на Конгресот на СДСМ за да им се заблагодарам на поддршката, а од понеделник натаму ќе имам средби со сите десетина партии кои ја најавија својата поддршка за мојата кандодатура, од кои ќе сакам да слушнам предлози што би можел да ги вградам во мојата изборна програма. Како што најавив, станува збор за граѓанска кандидатура, поради тоа ги повикувам сите граѓани почнувајќи  од 3 март, да дадат поддршка за мојата кандиатура со давање потписи во подрачните единици на ДИК, рече Пендаровски. Првата и главна причина поради која се кандидира, вели, е тоа што зад себе има мандат без ниту една стратешка грешка.

-Заменик министерката за правда Викторија Аврамовска - Мадиќ во врска со екстрадицијата на Љупчо Палевски, осомничен за осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, вели се очекува тој да биде екстрадиран веднаш по завршувањето на административните процедури. -Министерот за правда беше во посета на неговиот колега во Турција и како што беше информирана јавноста од Министерството за правда, судската постапка е завршена се чекаат административните документи да се завршат и очекуваме дека Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран, рече Аврамовска - Мадиќ одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција во Влада со директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсоски. На денешната прес-конференција Аврамовска - Мадиќ во одговор на новинарско прашање како го коментира писмото кое Љупчо Палевски преку партијата Десна го испрати до медиумите, вели дека не сака да го коментира, бидејќи се што е поврзано со судската постапка може да биде погрешно сфатено во јавноста и да наштети на самата постапка.

-Со осум гласа „за“, ниту еден против и воздржан, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја донесе Предлог-одлуката за определување на коефициентите за утврдување на платата на претседателот на Република Северна Македонија, на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Република Северна Македонија. Согласно Одлуката, коефициентите за утврдување надоместок на плата и плата на функционерите кои изнесувале од 2,20 до 4,50, се намалуваат и изнесуваат од 1,91 до 3,92. Се намалуваат и коефициентите на платите на пратениците. Тие се движеа од 3,5 до 4, а сега се заменети со коефициентите од 3,04 до 3,92. 

-Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2023 година, стапката на слободни работни места изнесува 1.90 %. Бројот на пополнети работни места изнесувал 491 188, а на слободни 9 518. Највисока стапка на слободни работни места од 3.44 % има секторот Градежништво, додека најмала е стапката во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0.47 %. Деловните субјекти со број на вработени од 250 и повеќе имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2.05 %. Највисока стапка на слободни работни места има Пелагонискиот регион 2.62 %. Најголем број слободни работни места 2 656, има во група на занимања - Работници во услужни дејности и продажба.

-Над 1. 000 граѓани го посетија Собранието од почетокот на 2024 година, користејќи ја можноста преку организираните обиколки одблизу да ги видат знаменитостите во собраниската зграда и да се информираат за активностите на законодавната власт. Како што информира собраниската прес-служба, според евиденцијата на Парламентарниот институт, во првите два месеца од годината се реализирани вкупно 27 обиколки низ Собранието. Имало вкупно 1. 159 посетители, во најголем број ученици и наставници од основните и средните училишта од целата држава. Посетителите имаат можност да се запознаат со функционирањето и организацијата на законодавниот дом, да ги разгледаат најрепрезентативните простории и сали, да научат за историјата на македонскиот парламентаризам и за законодавниот процес.

-Народниот правобранител му укажува на Министерството за внатрешни работи да се реорганизира за да го нормализира издавањето готови лични документи на граѓаните кои веќе се фотографирале за нови исправи откако претходно одвај успеале и да закажат термин. Омбудсманот Насер Зибери на прес-конференција оцени дека се работи за „сериозен проблем“ и „неприродна ситуација“. Соопшти дека во јануари-февруари примиле 50-ина претставки за лични документи по различна основа – покрај за неможноста да се подигне документот, граѓаните се жалат и на неможност да закажат термин, а има и претставки за надомест на трошок затоа што вадат нови документи иако рокот на важноста на старите не е истечен. При посета на двата главни пункта во Скопје – во  МРТВ и во Кисела Вода, тимови на НП ги потврдиле наводите од претставките дека има „сериозен број исправи“ (лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, но и пасоши) „ставени настрана и нема увид органот за нивно распределување односно издавање иако се завршени“.

-Првичните информации од Државниот пазарен инспекторат покажуваат дека дел од маркетите ги немаат зголемено цените, а дел ги имаат, откако од денеска повеќе не важи одлуката на Владата за „гарантирани цени“ на дел од прехранбените производи. Од Пазарниот инспекторат велат дека е можно извесно зголемување на цените, но апелираат на општествена одговорност на трговците на големо и трговците на мало. - Она што исто така го имам како информација е дека снабдувачите на големо веќе ги преправаат цените до трговците на мало со тоа што се очекува да се покачат цените, но повикувам на општествена одговорност од страна на трговците на мало и на трговците на големо со цел доколку има простор и можност цените да ги остават на истото ниво, изјави денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски. 

-Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посетил најелитната специјална единица во рамки на Министерството за внатрешни работи - Специјална антитерористичка единица „Тигар“, која ги извршува најсложените и најтешки полициски задачи во поглед на справување со организирани и терористички криминални групи, соопштија од МВР. Во кругот на единицата Тошковкси ја посетил и спомен собата во која се изложени разни експонати, фотографии, награди и други предмети кои ја отсликуваат богатата историја на единицата, а посебен дел е посветен и на оние припадници на единицата кои го дале својот живот при извршување на работните задачи, бранејќи го територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

-Министерот за здравство Илир Демири заедно со техничкиот премиер Талат Џафери и членови на Владата беа во посета на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар. Владината делегација направи обиколка низ установата и увид во работите кои се во тек. Министерот Демири напомена дека покрај инфраструктурното зајакнување, во установата се вложува и во нова опрема, како и во медицински кадар. - Одделението за невропсихијатрија е во фаза на реконструкција. Покрај инфраструктурното зајакнување, во установата се вложува во нова опрема и во медицински кадар, рече министерот Демири. Тој посочи дека во Гостиварската болница започна да се изведуваат лапароскопски интервенции во областа на урологија, со тоа, како што нагласи, повеќе нема потреба пациентите да се упатуваат во Скопје

-Европската комисија одлучи да одвои дополнителни 68 милиони евра за поддршка на Палестинците во регионот на Блискиот Исток, кои ќе бидат дистрибуирани преку меѓународните партнери на ЕУ, како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Црвената полумесечина, соопшти денеска главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер. - Комисијата одвои 125 милиони евра хуманитарна помош за Палестинците за 2024 година, од кои првите 16 милиони ќе бидат проследени денеска или најдоцна на почетокот на следната недела, додаде Мамер. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, дополнителната помош ќе претставува додаток на предвидената поддршка од 82 милиони евра за 2024 година преку Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), на која следната недела ќе и бидат исплатени 50 милиони евра. 

-Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави денеска дека нема да прифати каква било одлука која би вовлекла германски војници во војната во Украина. „Нема да поддржам ниту една одлука што резултира со тоа германски војници на некој начин да бидат вклучени во воена операција во врска со војната на Русија против Украина“, рече Шолц. „Политико“ претходно денеска објави дека британските официјални претставници приватно ја критикувале Германија поради одбивањето да испрати ракети „Таурус“ во Украина. Германскиот Бундестаг во февруари го отфрли барањето на опозициските демохристијани за испорака на крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина, но го одобри предлогот на владејачката партија за испраќање оружје со долг дострел.

-Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека е „длабоко вознемирена од сликите од Газа“ откако израелските војници вчера отворија оган врз толпата луѓе собрани околу конвојот со хуманитарна помош, јави ДПА. Мора да се направи се што е можно за да се истражи што се случило и да се обезбеди транспарентност“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа „Икс“. „Хуманитарната помош е витално неопходна за луѓето на кои им треба и треба да им биде осигурен пристапот до неа. Застануваме зад граѓаните и бараме нивна заштита во согласност со меѓународното право“, напиша Фон дер Лајен.

-Рускиот претседател Владимир Путин денеска пред Советот за безбедност на Руската Федерација рече дека Москва не планира да распоредува нуклеарно оружје во вселената и дека неутрализирањето на заканите во вселенското пространство треба веднаш да биде во центарот на нивното внимание, јавија руските медиуми. Неименувани американски извори велат дека Русија развива вселенско антисателитско нуклеарно оружје, и покрај тоа што Путин рекол дека се противи на нуклеарното оружје во вселената. Кремљ категорично ги отфрла тврдењата на Вашингтон.

-Речиси 200 луѓе загинаа во Појасот Газа во изминатите 24 часа, според локалните власти на палестинската територија контролирана од исламистичкото движење „Хамас“. Бројките, кои не се независно потврдени, беа објавени по палестинските тврдења за повеќе од 100 жртви кога израелските војници вчера отворија оган врз луѓе кои чекаа да добијат хуманитарна помош. Израелската армија негираше дека имало какво било намерно пукање врз цивили. Министерството за здравство во Газа денеска известисоопшти за вкупно 193 загинати и 920 ранети во последните 24 часа. Вкупниот број жртви на палестинската територија од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел пред речиси пет месеци сега е 30.228, а на повредени - 71.377.

-Во Алжир викендот ќе се одржи седмиот Форум за земјите извознички на нафта (ГЕЦФ), на кој ќе се разговара за прашањата за обезбедување снабдување со гас на глобално ниво, со истовремена контрола на цените за производителите и потрошувачите. Се очекува дека форумот ќе создаде основа за нова геополитичка визија, а потенцијално ќе создаде нов блок за контрола на цените слична на неговиот нафтен пандан, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), во обид да се контролира пазарот и преминот од советодавна природа на форумот на одлучувачка. Алжирскиот министер за енергија и рударство Мохамед Аркаб за катарските медиуми објасни дека „соработката меѓу земјите производители ќе биде едно од најистакнатите прашања на агендата и во центарот на вниманието на форумот“.

-Инфекцијата со денга моментално се шири со невообичаено брзо темпо во Бразил, јави ДПА. Во првите два месеца од годинава во јужноамериканската земја се регистрирани 1.017.278 потврдени или веројатни случаи, соопшти денеска Министерството за здравство. Ова е речиси пет пати повеќе од истиот период лани кога имало 207.475 заразени. Здравствените власти пријавија 214 смртни случаи и во моментов истражуваат дали уште 687 се поврзани со инфекцијата со вирусот. Шест држави и главниот град Бразилија прогласија вонредна состојба. Обилните дождови и високите температури во последните месеци веројатно предизвикаа големиот пораст на бројот на заразени. Во такви услови, видот на комарец кој го носи вирусот на денга може подобро да се размножува и да се развива.

Остани поврзан