• вторник, 21 мај 2024
МИА Радио флеш

5 април 2024

 

- Претседателот на државата треба да биде сврзно ткиво на различните политички и етнички наративи. Неговата улога е татко на нацијата и треба да е креатор и постојано да повикува на постигнување на државен консензус - државен политички консензус, меѓутоа и државен економски консензус. Пред се, консензус за забрзано членство во Европската Унија, истакнува во интервју за МИА претседателскиот кандидат на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи.  Тој наведува дека меѓу столбовите на неговата изборна програма ќе биде Европската Унија до 2030 година, ќе понуди повеќе интеграција пред членство во Унијата, а во интервјуто за МИА најави и иницирање на економски рамковен договор. Нагласува и дека се созреани условите граѓаните да гласаат за компетентноста, а не за етничка припадност и очекува поддршка од граѓаните од сите етнички заедници. Оценува дека постојат сериозни шанси граѓаните овој пат да ги надминат етничките линии и да се одлучат за кандидат којшто може да обезбеди прогрес на државата

 

 - Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски имаше средба со претседателот на Државна изборна комисија, Александар Даштевски и со членови на ова тело, информираат денеска од ЗЕЛС. -На средбата иницирана на барање на ДИК, беше побарана соодветна техничка и логистичка поддршка од општините во процесот на спроведување на изборните активности. Општините се законски обврзани да обезбедат простор за спроведувањето на гласањето, но беше посочено дека во одредени изборни пунктови потребна е поддршка и во обезбедување на одредени технички помагала, како компјутери, печатачи и слично, се вели во соопштението од ЗЕЛС. Од ДИК, на средбата што се одржа вчера, информирале дека веќе се утврдени сите локации, што во најголем дел се наоѓаат во простории на училиштата, училишни сали или градинките. При тоа било посочено дека воделе грижа тие да се наоѓаат во приземниот дел од објектите и воедно да имаат обезбеден пристап за лицата со посебни потреби.

 

 - Последното деноноќие имало 21 пожар на отворено, утрово четири пожари сѐ уште се евидентирани како активни, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). - Регионалниот ЦУК - Скопје, известува дека вчера од БППЗ на градот Скопје, во 12.37 часот добиле информација дека пожарот пријавен во месноста Китка, кај селото Варвара, се наоѓа на особено непристапен терен, поради што не е возможно да интервенираат екипи. Од ЦУК известени се ЈП „Национални шуми“, подружница „Караџица“ - Скопје. Регионалниот ЦУК -Охрид информира дека од ТППЕ Македонски Брод известиле оти високо над селото Горно Ботушје има активен пожар, но, истиот не предизвикува опасност. Регионалниот ЦУК - Штип известува дека ТППЕ Берово, од 17.30 часот, со два пожарникара и едно ПП возило, како и четворица вработени во ЈП „Национални шуми“, подружница „Малеш“ од Берово, интервенирале на запалена букова и дабова шума во близина на селото Русиново. Регионалниот ЦУК - Тетово, известува дека кај селото Дебарце, општина Желино, има активен пожар. Според информациите од терен од ЈП „Национални шуми“, подружница „Лешница“ од Тетово, на терен биле со тројца вработени, но, во 16 часот се повлекле, заради силен ветар. Теренот е непристапен за пожарникарите од ТППЕ Тетово. Во утринските часови се предвидува  повторно да интервенираат со екипа од „Лешница“ од Тетово, појаснуваат од ЦУК.

 

 - Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе изврши увид во изградба на браната на река Отиња во Штип. Браната е инвестиција на Владата, во износ од преку 300 милиони денари. Со проектот е предвидено да се изведе камено-земјена брана во висина од 33 метри. Таа пред сè ќе биде наменета за водоснабдување со технолошка вода за потребите во градот и интервентно дополнување на водоводниот систем со сурова вода. Како што е најавено, предвидени се изјави за медиуми на браната Отиња во Штип. 

 

– Партијата на косовските Срби (ПКС) ги повика Србите во Косово да го бојкотираат пописот на населението што започнува денеска, со оглед на тоа дека пописот во овој момент го смета за „неприфатлив“ и дека станува збор за „политички и безбедносно најпредизвикувачки и најнеповолен момент за Србите во Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина. Главниот одбор на оваа партија заседавал синоќа, при што, како што е соопштено, се разгледани последните политички случувања, но и ситуацијата која, според ПКС, „кулминира со антисрпската политика на Владата на Косово“. Од ПКС сметаат дека граѓаните во моментов се целосно неинформирани за пописот, а од друга страна наведуваат дека косовските институции не се способни да го спроведат процесот како што треба.

 

– Шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Арбен Гаши вели дека за време на владеењето на премиерот Албин Курти, кога е во прашање косовскиот север, населен со мнозинство Срби, „секогаш имало тензии пред да се направат отстапки“ кон Белград, јави дописникот на МИА од Приштина. Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Гаши наброја некои од, според него, отстапките што Курти ги направил за време на владеењето, меѓу кои регистерските таблички, личните документи на косовските Срби, доделувањето на земјиштето на православниот Манастир во Дечане и други. - Она што е очигледно во овие три години од владата на господинот Курти во однос на ситуацијата на северот секогаш било тензичноста на состојбата пред попуштањето. Значи, секогаш се создавала тензична ситуација, потоа се правела отстапка, почнувајќи од регистарските таблички, личните документи, енергетската криза, бриселскиот и охридскиот договор, доделувањето на имотот на православната црква... Сега веќе го имаме и договорот за прашањето на употребата на српската валута, како и договорот за одржување вонредни (локални) избори на северот, рече Гаши.

 

– По повеќе од две години одлагање, во Косово денеска ќе започне пописот на населението, домаќинствата и становите/куќите, вклучително и на северот на земјата, населен со мнозинско српско население, во процес кој ќе трае шест недели, односно до 17 мај годинава, јави дописникот на МИА од Приштина. Во пописот ќе бидат ангажирани околу 3.500 попишувачи и 891 набљудувач, како и персоналот на Агенцијата за статистика на Косово (АСК). Овојпат има седум прашалници што треба да се пополнат, а во овој попис е додаден и прашалникот за штетите од војната во 1998-99 година и прашалникот за регистрација на дијаспората. Собирањето на овие податоци АСК го оправдува со важноста за градење подобри политики за државата, планирање на буџетот и инвестициите, подобрување на условите за живот во земјата и за странски инвестиции.

 

- Израел ќе дозволи привремена испорака на помошта до Појасот Газа преку преминот Ерез, соопшти денеска кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.  „Воениот кабинет ги овласти премиерот Нетанјаху, министерот а одбрана, Гоав Галант, и министерот Бени Ганц да преземат итни чекори за зголемување на хуманитарната помош за цивилното население во Појасот Газа“, се наведува во соопштението. Како што се додава, помошта ќе придонесе за спречување на хуманитарната криза, но „таа е неопходна и да се обезбеди продолжување на борбите и да се постигнат целите на војната“.

 

 - Руските сили собориле или пресретнале 53 украински беспилотни летала во неколку региони, соопшти денеска Министерството за одбрана. „Во текот на ноќта и утрото беа спречени неколку обиди на режимот во Киев да изврши терористички напади со помош на дронови“, се наведува во соопштението. Соборени или пресретнати се вкупно 53 беспилотни летала, од кои 44 над јужниот Ростовски регион. Седиштето на руската операција во Украина се наоѓа во градот Ростов.

 

 - Јапонија ќе ја прошири забраната за извоз во Русија на уште 164 индустриски производи, како што се литиум-јонски батерии, гасни цевки и автомобилски моторни масла, соопшти Министерството за трговија, пренесуваат британските медиуми. Најновото дополнување на списокот за контрола на јапонскиот извоз, како дел од нејзините санкции против акциите на Москва во Украина, што вклучуваат и термостати, производи од нитроцелулоза и машини за обработка на дрво, ќе стапи на сила на 17 април, соопшти Министерството. На 10 мај ќе стапи на сила забраната за увоз на руски дијаманти за неиндустриска употреба, мерка што беше објавена во декември откако Јапонија и другите земји од Г-7 се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

 

– Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, изјави дека е „уморен од тоа секогаш да мора да ги убедува западните сојузници дека треба да донесат брзи, конкретни и силни одлуки“ за да ја поддржат неговата земја во војната против Русија. -Слушам зборови на солидарност. Меѓутоа, сега мора да се донесат силни и конкретни одлуки за зајакнување на украинската одбрана, рече Кулеба, враќајќи се од министерскиот состанок на НАТО во Брисел. Кулеба зборуваше преку видео врска на конференција организирана од Францускиот институт за меѓународни односи. -Во НАТО имав само една тема за разговор: „Патриот“, тие проектили што се користат во воздушната одбрана, што на Украина очајно и требаат за да се спротивстави на руските напади, рече Кулеба. „Моите колеги ме поддржуваат, но ми велат – тоа што го барате е комплицирано“, додаде украинскиот министер, наведувајќи дека доколку министрите за надворешни работи поминеле една ноќ во Харков, нема да речат дека е „комплицирана“.

 

-  Неколку луѓе загинаа, а поголем број се повредени во одделни инциденти во Њујорк, Пенсилванија и Њу Хемпшир, додека невремето, придружено со силен дожд и снег, го погоди североисточниот дел на САД. Силните ветрови и обилните врнежи урнаа дрвја и далноводи, а во еден момент речиси 700.000 домови и деловни објекти останаа без струја. Повеќето корисници останаа без струја во Мејн и Њу Хемпшир, а локалните власти соопштија дека далноводите биле оштетени и урнати од обилниот снег. Една жена загина кога дрво откорнато од ветрови до 80 км/ч паднало врз нејзиниот автомобил во предградие на Њујорк во средата, а друга жена загинала во четвртокот во пожар во Њу Хемпшир по експлозија на гас во куќа до која дошло кога дрво паднало врз куќата. Нејзината ќерка е повредена и хоспитализирана, соопштија властите.

 

 - Со концерт на ученици и студенти од музичките училишта и факултети во државата, вечер во КИЦ-Скопје (Салон 19:19) ќе биде отворен шестиот Меѓународен фестивал за кларинети Кларифест - Скопје 2024.  Фестивалот ќе трае до 7 април и се состои од семинари, презентации и концерти за кларинет. Гости оваа година ќе бидат реномираните професори и интернационални солисти на кларинет: Барбара Борович од Полска (професор на Музичката академија во Краков) и Весли Фереира од САД (професор на Факултетот за музика, театар и танц на Државниот универзитет во Колорадо). Ќе следат дводневни семинари за кларинет и презентација на кларинети од брендот Селмер-Париз.

 

- Водачот на ирачките џихадисти во северозападна Сирија, кој го основаше поранешниот огранок на Ал Каеда, е убиен во четвртокот кога бомбаш-самоубиец се разнел во неговата гостинска куќа, соопштија џихадистички извори. Според нив, Абу Марија ал-Кахтани, чие вистинско име е Мајср ал-Џабури, починал откако пристигнал во болница со тешки рани здобиени кога бомбаш-самоубиец се активирал неколку секунди откако го поздравил во градот Сармада. Неколку лица се повредени. Кахтани беше еден од основачите на Фронтот Нусра, поранешен огранок на Ал Каеда во Сирија, кој се преименуваше во Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) откако ги прекина врските со Ал Каеда.

 

 - Спасувачите во Тајван денеска ја продолжија потрагата по 18 лица кои се водат како исчезнати по земјотресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што го погоди планинскиот источен брег на островот.  Во земјотресот што во средата го погоди ретко населениот источен округ Хуалиен загинаа 10 лица, а стотици останаа блокирани во национален парк, бидејќи карпите кои се тркалаа по планината го прекинаа сообраќајот.  Противпожарната служба проценува дека 18 лица се уште се водат како исчезнати, вклучително и четворица странци за кои претходно беше пријавено дека се државјани на Индија, Канада и Австралија. Шест лица се водат за исчезнати на планинарска патека, а спасувачки тим од 45 луѓе се обидува да стигне до нив, јавуваат британските медиуми. 

 

- Непознат напаѓач го избодел со нож гувернерот на руската арктичка област Мурманск, ранувајќи го во стомакот, откако тој одржал состанок со жителите на регионот во четвртокот, објавија руските агенции, повикувајќи се на прес-службата на гувернерот. Како што е наведено, мажот му се обратил на гувернерот Андреј Чибис додека заминувал од состанокот во локалната градска куќа Апатитија, јужно од северното пристаниште Мурманск. „Имаше вооружен напад и тој се здоби со рана со нож во пределот на стомакот. Напаѓачот е приведен. Гувернерот моментално е на операција. Тој е свесен и самиот стигнал до својот автомобил“, соопшти прес-службата на гувернерот. Нема информации за можниот мотив за нападот.

 

- Верувам во единството на Европа и САД во НАТО, затоа што заедно сме посилни, изјави генералниот секретар на пактот Јенс Столтенберг на денешното одбележување на 75-годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор. -На Европа и се потребни САД за нејзината безбедност. Праведно споделување на тежината е од решавачко значење. Европа троши повеќе, а оваа година повеќето сојузници ќе потрошат најмалку два отсто од БДП за одбрана. На Северна Америка и е потребна Европа. Со НАТО, САД имаат повеќе пријатели и сојузници од која било друга голема сила. Не верувам во самостојноста ниту на САД, ниту на Европа, додаде Столтенберг на церемонијата во седиштето на Алијансата во Брисел.

Остани поврзан