• среда, 16 октомври 2024
МИА Радио флеш

   16 октомври 2024

 

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска ќе го означат почетокот на изработка на Национална стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој во државата - Националната ИКТ стратегија.

Велес - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска ќе ја посети општината Велес.

Како што соопшти Министерството за транспорт, Николовски ќе ја посети социјалната зграда во Велес и ќе изврши увид во реконструкцијата на улицата „Луј Пастер“.

Скопје - Висока делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Турција, предводена од началникот на Генералштабот на ВС, генерал Метин Ѓурак, од денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Генерал Метин Ѓурак по пречекот со високи воени почести во Генералштабот на Армијата, ќе оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сaшко Лафчиски. 

Главни теми на средбата, како што соопшти Генералштабот на Армијата, ќе бидат унапредување на билатералната воена соработка, процесот на трансформација и модернизација на Армијата и придонесот на Армијата во меѓународните операции и мисии.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање. На дневен ред на оваа Комисија има една точка - Предлог на Законот за дополнување на Законот за домување во прво читање, предложен од пратениците на политичката партија Левица.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, со Предлог законот ќе се дополни одредбата на членот 65 од матичниот Закон во однос на максималниот износ на висината на закупнината на годишно ниво на стан и ќе се уредат прекршочни одредби за непочитување на оваа одредба.

Скопје – Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска од 10 часот треба да одржи седница на чиј дневен ред се повеќе точки помеѓу кои барања за исклучување на јавноста во постапки по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд, утврдување на престанок на судиска функција поради пензија, избор на судии поротници на Основен Кривичен суд Скопје и формирање на Комисија за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседател на Основен суд Кавадарци.

На дневен ред на  502. седница, покрај усвојување на записници од 496 и 497 седница, е и разгледување и усвојување на Извештај за резултати од проверка на знаење на практична работа со компјутери.

Скопје – Со изведување на докази од страна на Обвинителството во Основниот кривичен суд Скопје денеска во 10 часот треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На минатото рочиште сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката на Жежовски, Ана Киркова и нејзиниот сопруг, Тодор Кирков. 

Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче објави дека е категорично против етнички поделби во науката по идејата за формирање паралелна академија за науки и уметности на Албанците. 

-Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање паралелна нова академија за науки и уметности. Преседан е создавање „етнички чисти" институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици, напиша  Филипче на својот фејсбук-профил.

Скопје - Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ќе го одбележат Светскиот ден на храната под мотото „Право на храна за подобар живот и подобра иднина: Никој да не биде изоставен.“

Настанот ќе се одржи на живинарската фарма на Тони Димевски, во село Огњанци, општина Петровец, во близина на Скопје. 

Скопје - Во просториите на Јуроп хаус во Тетово денеска ќе биде презентирана програмата „Еразмус+“ која поттикнува студентска размена, соработка и мобилност низ Европа.

Настанот е организиран во соработка со земјите-членки на ЕУ и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со цел младите да добијат информации за можностите што ги нудат различните земји-членки на ЕУ и информации за студирањето во Европа. 

Скопје – Во Граѓанскиот ресурсен центар денеска ќе биде одржан форум на тема „Вклучена заедница за отпорност на корупција“ во организација на Фондација за интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21. 

Како што соопштуваат од Метаморфозис, целта на тематскиот форум е да се нагласи важноста од вклучување на сите сегменти од општеството во борбата против корупцијата на локално ниво. 

Скопје - Во рамките на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, денеска во Скопје ќе биде отворена деветтата Меѓународна научна конференција „Mакедонскиот јазик – извор на научни истражувања“.

Како што е најавено, на настанот обраќања ќе имаат директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска и претседателката на Меѓународниот организациски одбор на научната конференција Лидија Тантуровска.

Во рамките на настанот ќе биде промовиран Зборникот од осмата конференција.

Скопје - По повод дваесет и четвртата Недела на италијанскиот јазик во светот, Амбасадата на Италија во Скопје и Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ организираат виртуелна книжевна средба со реномираната писателка Дача Мараини.

Најавено е обраќање на италијанскиот амбасадор во земјава, а разговорот со писателката Мараино ќе се реализира преку видео вклучување. На настанот ќе бидат презентирани и македонските преводи на делата на Мараини, како и преводот на романот „Трио“ кој е резултат на преведувачката работилница со студентите на Катедрата за италијански јазик и книжевност под менторство на м-р Валентина Милошевиќ-Симоновска.

Скопје - Во рамки на Саемот за пракса и вработување на Машинскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска на Машинскиот факултет ќе се одржи форум на тема „За развиена зелена економија потребни се зелени вештини“.

Според агендата, наа форумот ќе учестувуваат генералниот директор на Џонсон Мети, Боријан Борозанов, директорот за приходи во МИКРОСАМ, Веле Самак, потпретседателот на Сојуз на стопански комори и извршен директор на ИКТ комората, Орце Симов, про-ректорот на Универзитет Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Валентина Гечевска, како и потпретседателката на Македонската асоцијација за сончева енергија „Солар Македонија“, проф. д-р Сања Поповска Василевска.

Скопје - Земјава и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред седумнаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

Една од традициите за сеќавање на Тоше е маратонот кој маратонците од Нова Градишка го трчаат до Крушево. И оваа година четиринаесет учесници го трчаат 17-тиот маратон во чест на Тоше.

Маратонот почна завчера од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, ќе пристигнат во Крушево.

Скопје - Во галеријата „Ко-ра“ во Скопје вечер ќе бидат отворени изложбите „Разговор со уметникот“ на Петра Јовановска и „Урбани контрасти“ на Рафаел Ристовски.

Петра Јовановска е родена во 1972 година, во Јесеник во Чешка. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика. До сега има  реализираno  60-тина самостојни изложби.

Петра има учествувано на 40 меѓународни ликовни колонии и симпозиуми. Добитничка е на бројни награди. Има реализирано творечки престој во Париз во Франција. Членка е на ДЛУМ, ИКОМОС.

Скопје – Во Музеј на македонска борба вечер од 20 часот ќе биде одржан концерт на Весна Ѓиновска Илкова – сопран и Кристина Светива – пијано.

На програма се дела од Т. Прокопиев, Р. Аврамовски, С. Стојков, Т. Зографски, Т. Скаловски, С. Голабовски, Ј. Андреевска, Б. Светиев, А. Џамбазов.

Битола - Актерката Соња Михајлова вечер во Битола на матичната сцена ќе ја одигра авторската монодрама „Куфер.МК“ во режија на Благој Мицевски.

Станува збор за проект инспириран од личните искуства на Михајлова во театарот, почнувајќи од првите денови на штитиците што живот значат, се до нејзиното пензионирање.

Скопје - Кабарето „Концерт за лажици и гитара“ на театарот Улисис од Хрватска ќе биде изведена вечерва во рамки на третото издание на Меѓународниот фестивал РУТА во Драмскиот театар во Скопје.

„Концерт за лажици и гитара“ е под менторство на Раде Шербеџија и Ленка Удовички. Настапуваат Никола Недиќ и Марио Јовев. Продукцијата е на театарот Улисис и театарот EXIT. Автор на видеото е на Хрвое Залукар, а фотографиите се на Сашка Мутиќ.

Скопје – Концертот „Балканско виножито“ на мултиинструметалистката Бајса Арифовска ќе биде  одржан вечер од 20 часот во Филхармонија. 

Концерот е најавен како колаж на посовремен етно и и етно џез призвук во изведба на виртуози од регионов.

На Бајса во малата сала на Филхармонија ќе ѝ се придружи и светски докажаниот и врвен инструменталист на кавал Недјалко Недјалков.

Скопје – Во Културно информативниот центар – Скопје денеска ќе биде промовирано списанието „Филозофска трибина“.

Како што соопштуваат од КИЦ, „Филозофска трибина“ е првото македонско стручно списание од областа на општествените науки. Првиот негов број излегува во далечната 1978 година и во него свои статии и научни трудови објавуваат значајни теоретичари и интелектуалци од областа на општествените науки. 

Скопје - Во Културно едукативниот центар „Лабораториум“ денеска повторно ќе биде отворен Re: store, центарот за рестилизирање на стари модни парчиња.

Re: store ја започна својата приказна во скопското Дебар маало во 2012 година, со мисија да го дефинира концептот на продажба на употребена облека и да биде креативен простор за редизајнирање на дизајнерска облека, но и да понуди платформа за младите македонски дизајнери.

Приштина - Поранешниот градоначалник на Косовска Митровица, Агим Бахтири, изјави дека мостот на реката Ибар, што ги дели северните и јужните делови на градот, ќе биде отворен по завршувањето на изборниот процес во Косово, по 5 февруари.

„По завршувањето на изборниот процес, по 5 февруари, мостот ќе биде отворен“, изјави Бахтари и додаде дека целата операција ќе биде изведена во соработка со КФОР и сите институции.

-Состојбата се подобрува, нормално е, нема никакви проблеми, северниот дел можете да го посетите нормално како и јужниот дел, додаде Бахтири.

Лондон - Британската радиодифузна корпорација Би-Би-Си соопшти дека крати 130 работни места во продукцијата на вести и тековните операции, со намалување на трошоците, вклучително и прекин на HARDtalk и приспособениот сервис за вести BBC Asian Network. 

Од корпорацијата најавија дека е тоа дел пошироката кампања за намалување на трошоците, во која ќе бидат укинати 500 работни места до март 2026 година, објави Гардијан.

Брисел - На Западниот Балкан му е потребна ЕУ, но и на Унијата и треба регионот за и донесе нова енергија и нов поттик, да ја зајакне и да ја направи посилна, но проширување на блокот се блокира со билатерализација на пристапниот процес, со што им се нанесуваат штети и на европските стандарди и вредности, но и на блокираната држава, бидејќи и се прекинува дотокот на кислород и се попречуваат нејзините можности да воспостави систем на вредности, владеење на правото и функционална демократија.  

Ова се дел од пораките упатени по вчерашното одржување на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, со што земјата практично ги започна пристапните преговори по кластери и дефинитивно беше одвоена на својот европски пат од Северна Македонија. 

Брисел - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска го покани претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ. 

„Го поканив претседателот Володимир Зеленски на самитот на Европскиот совет во четврток, 17 октомври, за да ги разгледаме најновите настани во руската војна против Украина и тој да го претстави својот план за победа“, напиша Мишел на платформата Х. 

Мадрид - Портпаролката на шпанската влада Пилар Алегрија денеска изјави дека Мадрид се противи на создавање центри за мигранти во земји надвор од ЕУ, според моделот на договорот меѓу Италија и Албанија, откако претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен ги повика лидерите на Унијата да го разгледаат ова прашање.

Ерусалим - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека му рекол на францускиот претседател Емануел Макрон дека нема да се согласи со договор за прекин на огнот во Либан доколку не престане со повторното вооружување и прегрупирање на Хезболах.

Макрон претходно повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран, како и крај на извозот на оружје што се користи во Појасот Газа и Либан.

Тел Авив - Израелската армија тврди дека во воздушен напад го убила командантот на единиците за беспилотни летала на Хамас во северниот дел на Газа, Махмуд ал-Мабух. 

Според соопштението на ИДФ, Ал-Мабух бил одговорен за нападите со дронови врз Израел и израелските војници во Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“. 

Тел Авив - Израелскиот претседател Исак Херцог во врска со изјавата на заменик-шефот на Хезболах, Наим Касем дека милитантната група усвоила „нова борбена стратегија“ за да му нанесе болка на Израел, дури и кога земјата повикува на прекин на огнот, изјави дека Касем не е во право и дека ќе дојде и „неговиот ден“.

Вашингтон - САД синоќа соопштија дека се „против“ бомбардирање на Бејрут, главниот град на Либан, и додадоа дека за тоа ги информирале израелските власти.

„Јасно му ставивме до знаење на Израел дека се спротивставуваме на кампањата за бомбардирање што таа земја ја води во последните недели во Бејрут“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Вашингтон  - Американскиот бизнисмен, милијардерот Илон Маск, вложил околу 75 милиони долари во организација што ја создаде за поддршка на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој е републикански кандидат за претседател на изборите во 2024 година. Овие донации, кои синоќа беа јавно објавени преку федерално соопштение, покажува дека Маск станал клучен дел од напорите на Трамп да победи на претседателските избори на 5 ноември против демократскиот кандидат Камала Харис, како и перзистентното влијание на мега-донаторите во американската политика.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека успешното партнерство меѓу Кина и САД е можност двете земји да бидат двигатели на меѓусебниот развој, а не пречка, јавија кинеските државни медиуми.

-Кина е подготвена да им биде партнер и пријател на САД. Тоа ќе биде од корист не само за двете земји, туку и за светот, рече Си на годишната церемонија на доделување награди за 2024 година на Националниот комитет за односи меѓу САД и Кина, пренесe CCTV.

Сеул - Северна Кореја денеска соопшти дека околу 1,4 милиони млади луѓе се пријавиле да се приклучат или да се вратат во војската оваа недела, обвинувајќи ја Јужна Кореја за провокативен напад со беспилотно летало што „ја доведе тензијата до работ на војна“.

„Младите, вклучително и студенти и претставници на младински организации кои потпишаа петиции за приклучување во армијата, се решени да се борат во светата војна за да го уништат непријателот со оружјето на револуцијата“, се наведува во соопштението на КЦНА. 

Париз - Францускиот новинар Ромен Молина познат по својата истражувачка работа, тврди дека напаѓачот на Реал Мадрид и репрезентацијата на Франција, Килијан Мбапе има проблеми со алкохолот.

Според Молина, 25-годишниот фудбалер често излегува од својот дом за да пие.

Лондон - Познати условите од договорот на Томас Тухел со репрезентацијата на Англија.

Според новинарот Фабрицио Романо, 51-годишниот Германец ќе склучи договор до крајот на јули 2026 година. Се очекува Англиската фудбалска асоцијација (ФА) да го објави назначувањето оваа недела.

Последната работа на Тухел беше Баерн Минхен, кој го водеше од март 2023 до јуни 2024 година. Од јануари 2021 година до септември 2022 година, Германецот беше тренер на Челзи во Лондон.

 

Остани поврзан