• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

4 јуни 2025 

Скопје - Собранието денеска ќе ја продолжи 51. седница на која меѓу точките на дневен ред се Предлог на закон за прогласување на Просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона, по скратена постапка - Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2024 година.

За законот за прогласување на просторот околу Собранието за безбедна зона, пратеникот Никола Мицески, во образложение на предлогот, вчера при утвртдување на дневниот ред на пленарната седница рече дека по подолг временски период и консултација со работната група, заедно со сите координатори на пратенички групи консензуално се договориле за поднесување на ова законско решение по скратена постапка. 

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат четири комисии - Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно правната комисија.

Пред членовите на Комисијата за одбрана и безбедност се Предлог на законот за прогласување на Просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и спасување и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за управување со кризи, сите по скратена постапка.

Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на чиј дневен ред е Годишниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2024 година.

Во Извештајот на КСЗД се посочува дека во текот на 2024 година, Комисијата работела на вкупно 485 предмети за заштита од дискриминација, од кои 407 нови отворени од ланската година и 78 предмети пренесени од претходната година. Од новите 407 предмети, 405 се претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите два се постапки кои КСЗД ги поведе по службена должност.

Скопје - Заменик-претседателот во Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, денеска, е во посета на подрачните училишта на ООУ „Никола Карев“ во Бучим и Тополница

Како што информираат од Министерството за односи меѓу заедниците, министерот ќе ги посети двете основни училишта во Радовиш во кои се изведува настава од прво до петто одделение на турски јазик, каде ќе присуствува делегација од Амбасадата на Република Туркије во Скопје, предводена од амбасадорот Фатих Улусој.

Скопје - По повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик денеска ќе се одржи промоција на јубилејна поштенска марка.

Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, на промоцијата што ќе се одржи во Порта Македонијаќе се обрати ресорниот министер Зоран Љутков.

Брисел - Членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на денешната седница треба да гласаат за усвојување на Предлог-извештајот за 2023 и 2024 година за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.  

Во документот се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.  

Скопје - Регионалната ЕСГ конференција насловена „Градење отпорност во свет што се менува“, посветена на стандардите за животна средина, општествени прашања и корпоративно управување (ESG), ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Американските стопански комори (АмЧам) од Северна Македонија и Србија, во соработка со АмЧам Албанија и Косово, а со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и кофинансирање од Европската унија.

Како што соопштуваат организаторите, настанот ќе биде отворен од страна на Живко Мукаетов, член на Управниот одбор на АмЧам Северна Македонија, и Фатих Туркменоглу, шеф на канцеларијата на ЕБОР во Скопје.

Скопје - Конференција на Блумберг Адриа за потрошувачките трендови (Bloomberg Adria Consumer Trends) ќе се одржи денеска во Скопје. Конференцијата ги обединува клучните играчи од македонскиот сектор за малопродажба, банкарство, телекомуникации и е-трговија, со силен фокус на малопродажниот аспект на бизнис-операциите.

Според организаторот, настанот е замислен како динамична платформа за соработка и размена на знаење помеѓу малопродажбата, финансиските институции, телекомуникациските компании и експертите за дигитална трговија, користејќи ги најновите аналитики за потрошувачките трендови обезбедени од Bloomberg Adria, мултиплатформска мрежа за деловни вести во ЈИЕ.

Скопје - Во Градски парк на Школка денеска со почеток во 15 часот ќе се одржи настан Еуромеланома, на кој граѓаните ќе имаат можност за бесплатен преглед на бемки, лезии или дамки сомнителни за рак на кожа со дермоскоп од страна на искусни дерматолози.

Како што соопштија организаторите, дерматолозите ќе советуваат, едуцираат и информираат за соодветната заштита и превенција.

Скопје - Во Музејот на РС Македонија денеска ќе биде отворена Спомен соба и ќе се одржи промоција на биографски филм за Вера Кличкова - основачот на Етнолошкиот музеј и пионерот во создавањето етнолошки филмови во Македонија.

Како што наведуваат од Музејот, во спомен собата се презентирани реставрирани оргинални предмети, документи и лични предмети, како и мебелот од канцеларијата во која Кличкова работела како директор цели 26 години.

Скопје – Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ од Скопје, денеска во „Europe House“ Скопје, ќе одржи јавна презентација на европскиот проект „Pathways to Creative Careers / Патеки до креативни кариери (P2CC)“.

Како што информираат од Здружението, презентацијата ќе понуди увид во целите, методологијата и досегашните резултати на проектот на Еразмус+, фокусиран на развој на менторски практики во визуелните уметности, музиката и изведувачките уметности, со акцент на работа со млади креативци.

Скопје - По повод 20-годишнината од основањето на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА) при Природно-математичкиот факултет во Скопје (ПМФ), денеска, ќе се одржи советување на тема „Дигитализација на културното наследство во Македонија: предизвици, искуства и перспективи“.

Како што стои во соопштението на Институтот, на настанот ќе бидат опфатени теми поврзани со законската регулатива за дигитализација на културното наследство, улогата на Управата за заштита на културното наследство во процесот на дигитализација, презентации на примери од меѓународна пракса, како и презентација на предизвиците и техничките решенија на дигиталниот Архив за етнолошки и антрополошки ресурси на ПМФ при УКИМ во насока на зачувување и промоција на нематеријалното наследство.

Скопје - Изложба на фотографии „Секојдневен живот“ во организација на Национална установа Центар за култура на турската заедница во Република Северна Македонија – Скопје, ќе биде отворена вечер со почеток во 19:00 часот, во Музејот на град Скопје.

На изложбата ќе бидат претставени 60 фотографии од три локални аматерски фотографи, по 20 дела од секој автор. Преку објективот на авторите, публиката ќе има можност да ја доживее убавината на обичните моменти од секојдневието, пренесени со искреност и естетика.

Брисел - Надежите на Бугарија за приклучување кон еврото денеска може да добијат клучен поттик, кога Европската комисија ќе го даде своето мислење за тоа дали земјата ги исполнила условите за приклучување кон заедничката валута, јави ДПА.

Владата во Софија на почетокот на годината најави дека презема нов притисок за приклучување кон еврозоната до јануари 2026 година. Бугарија е членка на Европската унија од 2007 година и претходно планираше да ја замени својата национална валута, левот, со еврото во 2024 година, но усвојувањето беше одложено поради релативно високата стапка на инфлација од 9,5 проценти во тоа време.

Лондон - Велика Британија денеска вети дека ќе и испорача 100.000 дронови на Украина до крајот на тековната фискална година, април 2026 година.

Ова претставува десеткратно зголемување во однос на претходните години, откако беше истакнато дека беспилотните летала го промениле начинот на војување. Владата во Лондон ја поддржа независно подготвената Стратешка одбранбена ревизија, која повикува на посилна, технолошки понапредна војска за да се одговори на новите закани, вклучувајќи ја и можната руска агресија.

Киев - Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси вчера предупреди на постоечкиот ризик од нуклеарен инцидент во Украина по неодамнешниот пораст на руските воздушни напади.

- Јасно е дека опасностите за нуклеарната безбедност продолжуваат да бидат многу реални и секогаш присутни. Моите тимови известуваат дека ова беше најинтензивниот ден со аларми за воздушни напади што го доживеале од крајот на минатата година, изјави Гроси, за време на неговата еднодневна посета на Киев.

Рим - Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера во Рим го прими францускиот претседател Емануел Макрон, средба која многумина ја протолкуваа како знак на дипломатско приближување, пренесе ДПА.

По тричасовна дискусија, двајцата лидери издадоа заедничка изјава во која ветија „непоколеблива“ поддршка за Украина, нарекувајќи ја неопходна за постигнување „праведно и трајно решение“ на конфликтот.

Вилнус – Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди на заканата што ја претставува Белорусија, чиј лидер Александар Лукашенко важи за најблизок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.

- Прашајте ги вашите разузнавачки служби што планира Русија ова лето во Белорусија, изјави Зеленски вчера во Вилнус, Литванија. Неговиот коментар дојде откако владата во Минск соопшти дека стратешките воени вежби Запад-2025, кои ги организира со Русија, ќе се одржат подлабоко во внатрешноста на Белорусија.

Москва - Воените вежби на НАТО во Балтичкиот регион се дел од подготовките на алијансата за можен воен конфликт со Русија, изјави заменик-рускиот министер за надворешни работи Александар Грушко.

- Воената активност на НАТО ја оценуваме како дел од подготовките за воени конфликти со Русија, рекол Грушко, пренесе Тас. - Ако го погледнеме фокусот на овие вежби, концептот, структурата на распоредувањето на силите, самите сили, нивниот квалитет, задачите што се поставени за овие вежби, тогаш е јасно дека станува збор за борба против споредлив противник, наведе тој.

Брисел - Во пресрет на утрешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, попладнево во седиштето на Алијансата во Брисел ќе се одржи состанок на Контакт-групата за одбрана на Украина. 

Според најавите, состанокот ќе започне со воведни обраќање на министрите за одбрана на Велика Британија, Џон Хили, на Германија, Борис Писториус и на Украина, Рустем Умеров. 

Тел Авив - По извештаите дека израелските сили убиле луѓе во близина на место за дистрибуција на храна во Газа, сите центри за помош во енклавата денеска остануваат затворени, соопшти израелската војска.

Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ)Авичај Адраи на X соопшти дека објектите ќе останат затворени поради „работи на реновирање, организација и подобрување на ефикасноста“, цитирајќи ја Газанската хуманитарна фондација (GHF), која ги води операциите за помош.

Остани поврзан