• четврток, 11 јули 2024
МИА Радио флеш

20 јуни 2024

-Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Австрија, каде ќе учествува на состанок на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и “Пријателите на Западен Балкан”, што се одржува во Виена и Вахау, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг. Како што информираат од МНР, Османи ќе се обрати на двете работи сесии на состанокот, на теми „Поплочување на патот за пристап на Западен Балкан во ЕУ преку постепена интеграција“ и „Проширување на ЕУ со Западен Балкан: Време е да се оствари!“

-Уставниот суд денеска треба да одлучува по седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права помеѓу кои се и Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители. Според подносителот на иницијативата за Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, новите измени ги ограничуваат доверителите да го остварат побарувањето утврдено со правосилен поединечен акт на суд или друг орган, односно да го наплатат долгот по присилен пат, што, според него, е спротивно на член 30 став 3 од Уставот, член 17 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 1 од Протоколот на Европската Конвенција за човековите права.

-Поради верскиот празник Духовден, утре, петок (21.06.2024 год.) и во сабота (22.06.2024 год.) јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен, со исклучок на линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 51, 55, 55В, 56, 56А, 70, 74, 81, 118, 160, 164 и 180, кои ќе сообраќаат по саботен возен ред. Во недела (23.06.2024 год.) сите возила од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред. Утре (21.06.2024 год.) од 7 до 14 часот, дежурни ќе бидат билетарниците во Ѓорче Петров и таа на Транспортен центар, а во сабота (22.06.2024 год.) сите билетарници и центри за персонализација ќе имаат редовно работно време.

-Фрегатата „Псара“ на грчката воена морнарица отплови за Црвеното море за да учествува во европската операција „Аспидес“ (Штитови) и да ја замени фрегатата „Идра“ што откако ја заврши планираната мисија, се врати во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас придружуван од началникот на Генералштабот на армијата Димитрис Хоупис и началникот на морнарицата Димитриос Елефтериос Катара, ја посети фрегатата „Псара“, кусо пред да отплови за Црвеното море и истакна дека „актуелната ситуација во Црвеното Море налага продолжување на операцијата“, а „Псара“ ќе ја продолжи мисијата на „Идра“ и „ќе ја придружува најголемата трговска флота во светот“.

-Словенечката влада на седница одржана синоќа донесе одлука за продолжување на надзорот на границите со Хрватска и Унгарија за шест месеци, односно до 21 декември, поради тензичната ситуација во светот, особено на Блискиот Исток. - Неодамна се појавија нови закани кои сериозно го нарушуваат јавниот ред и внатрешната безбедност како во Словенија, така и во целата Европска унија. Тие произлегуваат од конфликтот на Блискиот исток и заострувањето на односите меѓу Иран и Израел, изјави на прес-конференција словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар.

 -Жителите на Москва се информирани да се воздржат од излегување надвор при лоши временски услови денеска поради поројни врнежи што се очекуваат во главниот град на Русија, соопштија градските власти. „Во главниот град денеска се очекуваат екстремно интензивни врнежи од дожд, постои можност за торнадо... Ги молиме граѓаните да се воздржат од излегување на улица при лоши временски услови, да бидат крајно внимателни, да не се кријат под дрвја, да не паркираат автомобили во близина дрвја, строго се придржуваат до ограничувањата за брзина и растојание“, се наведува во пораката на властите.

-Украинците кои ги напуштија своите домови за да избегаат од руската инвазија се третирани подобро од луѓето раселени поради други војни и вонредни состојби, соопшти ЕКРИ, повикувајќи ги земјите-членки за подеднаква поддршка. Во својот годишен извештај, Антирасистичка комисија на Советот на Европа (ЕКРИ), нагласувадека се направени „извонредни напори“ за поддршка на Украинците од почетокот на војната во февруари 2022 година. Но, се наведува и дека третманот на луѓето од Украина се разликува во зависност од нивната етничка припадност.

-Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска и утре ќе престојува во посета на Австрија, каде ќе има разговори и дискусии посветени на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан, јави дописникот на МИА од Брисел.Како што соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Борел денеска во Виена ќе има средби со претставници на австриските власти, вклучувајќи го и претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен. 

-Во Еквадор во средата попладне беше регистриран целосен прекин на струјата поради што целата нација од околу 18 милиони луѓе беа без електрична енергија најмалку еден час, објави министерот за јавни работи Роберто Луке на Х. „Имаше дефект во далновод што предизвика каскадно исклучување, така што нема струја на национално ниво“, нагласи Луке, кој е и вршител на должноста министер за енергетика. Тој не даде детали за причината за дефектот.

-Американските сили нападнаа цели во областит во Јемен што се под контрола на бунтовниците хути соопшти американската Централна команда. Во Црвеното Море беа уништени и два чамци без екипаж на Хутите. Бунтовниците поддржани од Иран почнаа да истрелуваат беспилотни летала и ракети во ноември во знак на солидарност со палестинските борци во Газа. Во над 70 напади, тие потонаа два брода, заробија уште еден и убија најмалку тројца морнари.

-Кина ги променила имињата на стотици села во регионот Синџијанг со цел да ја избрише муслиманската ујгурска култура, соопшти организацијата за човекови права Хјуман рајтс воч (ХРВ). Во извештајот на ХРВ се наведува дека имињата на стотици села поврзани со ујгурската религија, историја или култура биле променети меѓу 2009 и 2023 година. Во последните години кинеските власти радикално го реорганизираа општеството во Синџијанг во обид да го асимилираат малцинското ујгурско население во кинеската култура, пишува Би-Би-Си.

 

Остани поврзан