• понеделник, 25 ноември 2024
МИА Радио флеш

24 октомври 2024 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски ја пречека пред Владата претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е во официјална посета на државава во рамки на турнејата низ шесте земји од Западен Балкан.

Во моментов во Владата се одржува тет-а-тет средба помеѓу премиерот Мицкоски и претседателката на ЕК Фон дер Лајен, по што ќе се одржи билатерална средба помеѓу двете делегации.

По состанокот ќе се одржи заедничка прес-конференција на премиерот Мицкоски и претседателката Фон дер Лајен во Владата.

Според најавите, за време на посетата на Скопје Фон дер Лајен ќе има средба и со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Скопје – Почна средбата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, денеска, во Скопје. Ова е прва средба на новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна.

Пред почетокот на средбата претседателот на бугарскиот дел од Комисијата Ангел Димитров на прашање од новинарите какви се неговите очекувања од средбата изјави дека не може да каже ништо пред таа да се случи.

-Не ги познаваме новите членови на Комисијата. Претседателот го знаеме, но тоа не е доволно, Комисијата е составена од седум луѓе, вели Димитров.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска прими вакцина против сезонски грип. Во изјава за медиумите при посета на Институтот за јавно здравје Таравари рече дека превентивата е најдобар начин за заштита од сезонскиот грип особено за здравствените работници. 

Досега, како што изјави, вакцинирани се околу 10.000 граѓани, а пријавени се околу 52.000 граѓани кои може да се вакцинираат во 36 пункта низ државата. 

- Има посебна апликација vakcinacija. mk на која може да се пријават сите граѓани. Досега се пријавени 52.000 граѓани кои треба да примат вакцина низ 36 пункта во државата. Ја користам приликата да ги повикам сите граѓани особено оние кои се во ранливите категории да ја примат оваа вакција бидејќи со тоа се оневозможува да се појават компликации особено кај повозрасни луѓе кои имаат и други коморбидитети, рече Таравари.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска повтори дека е направен лекарски превид во лекувањето на 14-месечното дете кое почина на 5 октомври и дека мора да се преземат одредени мерки. 

- Како Министерство испративме до Лекарската комора препораки за одредени мерки што треба да се преземат. Нашата цел е да воочиме дека превид може да направи секој, тука е направен професионален превид. Не сум за казнување или отстранување од работа, меѓутоа одредени мерки мора да се преземат, вели Таравари, додавајќи дека со директорката на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“ се нема слушнато.

Девојчето почина на Детската клиника откако претходно било одбиено за хоспитализација на оваа Клиника и родителите го однеле во болницата „Козле“.

Скопје - По интензивна децениска заложба на државата за враќање на квалитетот и вредноста на средните стручни училишта и за повторно афирмирање на неформалниот систем на обука, денеска можеме да кажеме дека имаме модерен и атрактивен систем на стручно образование и обука, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Во обраќањето на настанот по повод заокружувањето на проектот за зголемување на привлечноста, релевантноста и инклузивноста на стручното образование и образованието на возрасните, Јаневска оцени дека земјава може да се пофали со полни средни стручни училишта во кои учат над 70 отсто од вкупниот број средношколци во државата, како и со добро опремени училишни објекти и реформирани наставни програми со поголема застапеност на практичната обука, за сметка на теоретската настава.

Скопје - Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судиите Осман Кадриу и Татјана Васиќ-Бозаџиева оствариле средба со потпретседателот на Венцијанската комисија, Мартин Кауер. Средбата се одржа пред почетокот на Меѓународната конференција на Балканскиот форум на уставни судови, на која присуствува делегацијата од Уставниот суд, информираат денеска од Судот.  

Костадиновски искажал задоволство за досегашната соработка и поддршката од Венецијанската комисија и изразил подготвеност за интензивирање на соработката. 

-Улогата на Венецијанската комисија е исклучителна во обезбедувањето на фундаменталните права и уставната правда. Правните стандарди и добрите практики кои ги развива преку правните мислења и т.н пријателски мислења (Amicus curiae opinions) се особено значајни во постапките и работењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија, истакнал Костадиновски на средбата. 

Скопје - Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а според пишувањата на дел од медиумите, тоа ќе го стори и градоначалникот на Карпош.

Ваквиот потег го најави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов во објава на Фејсбук каде наведе дека ќе спреми и официјален допис до ЗЕЛС.  

-ЗЕЛС не ја заслужува партиципацијата на Струмица. Го напуштаме ЗЕЛС, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е. Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните! Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права, за уставните права и слободи. За мојата Струмица, компромиси немало, нема и нема да има! Нека ви е со среќа, напиша Костадинов.

Скопје - Повреден мотоциклист кој паднал во провалија на Шар Планина биле спасен синоќа од полициска екипа од станицата Мазрача.

ЦУК соопшти дека вчера во 17:31 часот бил примена пријава за повредено лице по пад со мотор во провалија. Локација била на тешко пристапен терен на место викано „Мала Врата“ кај „Црно Езеро“ на Шар Планина, во делот кај караулата „Мазрача“ на дел кон границата со Косово.

Лицето се движело со мотор, а по падот во провалијата ја скршило ногата. Во 18:15 часот од Полициската станица (ПС) Галате известија дека полицајци од ПС Мазрача успеале да го извлечат и да го спуштат до село Ѓурѓевиште каде што ги чекала екипа на Итна медицинска помош од клиничка болница „Ферит Мурат“ од Гостивар.

Брисел - Советот на ЕУ го усвои пакетот за финансиска поддршка на Украина, кој вклучува вонреден заем за макрофинансиска помош до 35 милијарди евра и Механизам за соработка за позајмици, што треба да и помогне на земјата во отплата на позајмиците во износ од 45 милијарди евра обезбедени од Унијата и нејзините партнери од Г7. 

Одобрувањето од страна на Советот следи откако во вторникот пакетот за помош со големо мнозинство го поддржа и Европскиот парламент. Сега преостанува уште одлуката на Советот да биде објавена во Службениот весник на ЕУ, по што веќе следниот ден Регулативата за финансиска поддршка на Украина ќе стапи во сила.  

Брисел - Европската Унија е сериозно загрижена за ситуацијата во северна Газа и ја повикува израелската Влада да преземе брза акција за да го спречи гладувањето на цивилното население и да ги почитува своите обврски според меѓународното право, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.  

- Агенциите на ОН, вклучувајќи ги УНДП, УНРВА, СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА, известуваат за ужасна хуманитарна ситуација, при што децата умираат со алармантна брзина и им се ускратени основните права на заштита, храна, вода и основна здравствена заштита. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, предупреди дека болниците снемуваат гориво и залихи, а јас се придружувам на неговиот повик за заштита на здравствената заштита, наведува Борел во писмената изјава во врска со најновите случување на Блискиот Исток. 

Москва - Руските сили ги зазедоа селата Серебријанка и Миколаивка во областа Доњецк во источна Украина, соопшти руското Министерство за одбрана, додека воените блогери известуваа за рускиот напредок во близина на клучните градови на фронтот.

Украинскиот Генералштаб соопшти дека неговите сили ги одбиле сите 12 руски напади во областа околу Серебријанка, на северната граница на регионот Доњецк. Се наведува дека жестоки борби ги зафатиле градовите на приодот кон Покровск, следниот клучен логистички град во континуираниот продор на руската војска кон запад во регионот на Доњецк.

Вашингтон - Севернокорејските војници испратени да се борат за Русија против Украина се „легитимна цел“, изјави Џон Кирби, советник за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден.

Да потсетиме дека високи американски функционери, вклучително и министерот за одбрана Лојд Остин, вчера за првпат потврдија дека имаат докази за испраќање севернокорејски војници во Русија, за што претходно информираа украинските и јужнокорејските разузнавачи.

Киев и Сеул велат дека Москва планира да вклучи илјадници севернокорејски војници во својата војна.

Денвер - Синџирот за брза храна Мекдоналдс ја повлече продажбата на хамбургери „квартер пондер“ во една петтина од своите ресторани во Соединетите Американски Држави, откако почна зараза со ешерихија коли, од која по конзумирањето на тој хамбургер се разболеа речиси 50 луѓе во 10 земји, а една жена почина.

Портпаролот на Мекдоналдс изјави дека синџирот за брза храна продал околу еден милион од тие хамбургери во временската рамка кога се појавила болеста, објави Си-Би-Ес Њуз.

Американските центри за контрола и превенција на болести во вторникот констатираа дека бургерите се поврзани со заразата која е забележана во Колорадо, Небраска и други држави. Повеќето од оние кои се разболеле пријавиле дека јаделе таков хамбургер од тој ресторан, а инспекторите работат на тоа да потврдат која состојка на храната била контаминирана.

Чикаго - Работниците на компанијата „Боинг“ гласаа за отфрлање на понудата за договор за работа и за продолжување на штрајкот кој трае повеќе од пет недели. Против договорот, кој предвидуваше зголемување на платите за 35 отсто во следните четири години, гласаа 64 отсто од членовите на синдикатот.

По гласањето, синдикалните лидери изјавија дека се подготвени веднаш да ги продолжат преговорите со „Боинг“ за првиот нов работен договор од 2014 година. Синдикатот бара зголемување на платите за 40 отсто и враќање на пензиската клаузула со дефинирани надоместоци.

Одбивањето на најновата понуда, како што јавуваат странските агенции, претставува голем удар за директорката Кели Ортберг, која ја презеде функцијата во август со ветување дека ќе оствари подобра соработка со работниците од нејзините претходници. 

Сеул - Северна Кореја денеска продолжи да испраќа балони полни со ѓубре кон Јужна Кореја, при што 20 такви балони преминаа во Јужна Кореја, соопшти јужнокорејската војска.

Во поширокото подрачје на Сеул, началниците на Здружениот штаб соопштија дека откриле 10 пакети ѓубре со пропагандни летоци од последното лансирање, објави агенцијата.

По извршената анализа не беа пронајдени опасни материи.

Пјонгјанг почна да лансира илјадници балони полни со ѓубре кон крајот на мај како одмазда за пропагандните летоци против Северна Кореја, испратени до Север од јужнокорејски активисти. Последното лансирање на вакви балони беше во саботата.

Пешавар - Пакистанските безбедносни сили во текот на ноќта убиле девет бунтовници во престрелка во поранешно упориште на пакистанските талибанци во нестабилниот северозападен регион кој се граничи со Авганистан, соопшти денеска пакистанската армија.

Војниците заплениле оружје и муниција од засолниште на бунтовниците по престрелката во Бајур, област во провинцијата Хајбер Патунква.

Во соопштение на војската не се наведени детали за убиените бунтовници, вклучително и нивната припадност, но таквите операции често се насочени кон пакистанските талибанци, познати како Терик-е-талибан Пакистан или ТТП.

Остани поврзан