• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

4 јуни 2025 

Скопје - Директорката на Централен регистар Анита Стамнова и директорката на Бирото за јавни набавки Маре Богева-Мицевска потпишаа Договор за соработка со кој се уредуваат содржината, начинот на доставување и објава на податоци за вистинските сопственици на субјектите што склучиле договор за јавни набавки на електронскиот систем за е-набавки (ЕСЈН). 

-Податоците ќе се користат за остварување на дел од целите дефинирани во Заложбата 1.2 – „Јавно објавување на вистинските сопственици на фирмите што имаат склучено договори за јавни набавки, за концесии (при Министерството за економија) и за воспоставување јавно-приватно партнерство“, која е составен дел на Националниот акциски план за партнерство за отворена власт, односно за обезбедување транспарентност во вистинската сопственост на носителите на јавни набавки, идентификација на потенцијален судир на интереси, откривање и спречување корупција во јавните набавки, информира Централниот регистар. 

Скопје - Членовите на Судскиот совет на РСМ го изгласа Аритон Ала за заменик-претседател. Тој беше избран неколку дена пред истекот на мандатот на Ханиф Зендели, бидејќи како што беше кажано во дискусиите на 524-та седница на Судскиот совет следува период на годишни одмори и отсуства на членовите. Претседателот Камбовски напомна дека функцијата на заменик-претседател на судски совет истекува на 8 јуни и потребно е да се гласа денес. Ала беше предлог на Камбовски и единствен предложен кандидат. Мандатот на новиот заменик-претседател ќе важи од 9 јуни.

Судскиот совет на последната седница го разгледа извештај на Комисијата по оглас за избор на судии за апелациски суд Штип, каде само една пријава не била комплетна. Според извештајот, на конкурсот за тројца судии во Виш управен суд за три места имало само една пријава. Комисијата за проверка на комплетноста и доставата на документите констатираше дека нема пријавено кандидати за претседател на судовите во Берово, Делчево и Радовиш по огласите кои беа објавени.

Скопје - Советот на амбасадори денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија организираше тркалезна маса за Планот за раст на Западен Балкан, пред лидерскиот Самит во Скопје, чиј домаќин ќе биде премиерот Христијан Мицкоски, на кој ќе се дискутира новиот План за раст на ЕУ и за придобвките кои земјите од регионот можат да ги искористат од овој него со цел да ги зајакнат економиите и да го зајакнат процесот на интегрирање пред се кон европскиот економски пазар.

Амбасадорот Зоран Јолевски истакна дека приватниот сектор очекува од овој економски план за раст големи придобивки. -Приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ е мошне значајно, во предвид е и регионалниот заеднички пазар, којшто е вториот столб на овој план. Приватниот сектор даде некои предлози, на пример еден од интересните предлози е тоа што договорот преговара одредени спогодби со трети земји да се создаде можност земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да може да се приклучат на овие преговори, рече Јолевски.

Скопје  - На 40. седница на Советот за рамномерен регионален развој, со која денеска претседаваше министерот за локална самоуправа Златко Перински, беа разгледани и усвоени предлог-одлуките за распределба на средства од Програмата за рамномерен регионален развој. Практично, со ова заврши првата фаза за распределба на средствата од буџетската Програма за рамномерен регионален развој и одлуките ќе бидат доставени до Владата на усвојување со што ќе се овозможи финансирање на 47 проекти во вкупна вредност од приближно 116 милиони денари.

Како што се истакнува во соопштението од Министерството, проектите што ќе бидат поддржани се насочени кон развојот на планските региони, подрачјата со специфични развојни потреби, селата и урбаните подрачја, бидејќи оваа програма претставува клучен инструмент за обезбедување рамномерен развој во целата држава, а средствата се распределуваат според степенот на развиеност на регионите, при што најголема поддршка добиваат регионите со најнизок степен на развој.

Скопје  - На иницијатива на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) со поддршка на Парламентарното собрание на ОБСЕ, претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Жаклина Пешевска учествуваше на дводневната работилница на тема „Остварување на еднаквите можности меѓу жените и мажите во и од парламентите“ која се одржа вчера и денеска во Хелсинки, Република Финска.

Целта на работилницата, како што информира собраниската прес-служба, е разгледување на националните законодавства и практики на парламентите од Европа и Централна Азија во поглед на еднаквите можности на жените и мажите.

Скопје - Пратеничката група на Европскиот фронт вчера до претседателот на Собранието Африм Гаши поднела интерпелација за претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. 

Пратеникот Илир Хасани денеска на прес-конференција образложи дека интерпелацијата е поднесена за работата на Костадиновски врз основа на член 72, став 1 и став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Според Хасани, Костадиновски свесно го прекршил Законот за употреба на јазиците и членот 101 од Законот за  Уставниот суд. 

Скопје - Собранието денеска требаше да ја продолжи 51. пленарна седница, но пратениците од Левица повторно побараа пауза од еден час. Седницата ќе продолжи во 14 часот. 

Пратеникот Крмов го обрaзложи барањето со фактот дека генералната секретарка на Собранието повторно не одговорила на прашањето на пратеничката на Левица Јована Мојсовска за трошење на патни трошоци на пратениците. 

Скопје - Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, го разгледа  Годишниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2024 година и без заклучоци го проследи на понатамошно постапување во Собранието.

Претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, за известител го определи пратеникот Бране Петрушевски. Пратеничката Весна Бендевска, која е поранешен претседател на КСЗД, посочи дека ова е извештај за четвртата година од постоењето на Комисијата и можеби е доволен период да ги споредиме и статистичките и содржинските податоци за тоа во која насока се движи ова тело. Како Собрание ако сакаме почитување на париските принципи, нагласи Бендевска, треба да работиме на повеќе буџет, повеќе ресурси и стручна служба за КСЗД и предложи многу посериозен пристап во промотивните и едукативни функции на КСЗД при буџетирањето за следната година. 

Тетово - Претседателот на Движење Беса и тетовски градоначалник Биљал Касами смета дека е комплексно прашање дали при парламентарни избори треба да има една наместо шест изборни единици. Во рамки на коалицијата „Вреди“ сè уште немаат формирано став за ова прашање, но Касами со најава дека тоа ќе се направи по што ќе дадат и образложение.

- Ова е едно комплексно прашање. Не е едноставно да се произнесеме сè уште во рамките на „Вреди“ се формира како став за тоа што посебните партиите дел на „Вреди“ во минатото, имале свои ставови дали за една, дали за три или за осум изборни единици, но на крај на денот треба да имаме предвид дека секоја промена на изборниот законик и реорганизација на нели изборните единици треба да пазиме да нема етнички реперкусии. Затоа ние кога ќе изградиме заеднички став, тоа ќе го објасниме и ќе дадеме и наши образложение зашто стоиме одзади тој став, истакна Касами денеска во Тетово.

Скопје - Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова денеска на прес-конференција во Собранието информираше дека на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика е разгледан Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи, со кој се предлага намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 отсто на 5 отсто во Економско социјалниот совет (ЕСС). 

Како што кажа, оваа измена има јасна цел – да создаде поправедни и поинклузивни услови за синдикално здружување и претставување во Економско - социјалниот совет.

Според неа, намалувањето на прагот ќе овозможи повеќе синдикати да добијат право на учество во ЕСС, каде што се носат важни одлуки за работниците, работодавачите и државата. Панова рече дека на вчерашната средба со претставници од КСС, КСОМ и УНАСМ, имало поддршка за оваа иницијатива.

Радовиш - Заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ заедно со амбасадарот на Турција во нашата држава Фатих Улусој денеска остварија работна посета на двете подрачни основни училишта во општина Радовиш – ПУ „Никола Карев“ во селата Бучим и Тополница. Целта на посетата беше да се истакне важноста на унапредувањето на образованието на мајчин јазик, како и да се потврди континуираната поддршка на Владата кон етничките заедници во земјата.

Во овие училишта наставата од прво до петто одделение се изведува на турски наставен јазик што, вели Столковиќ, претставува значаен чекор во зачувувањето на културниот и јазичниот идентитет на турската заедница.

Скопје - Одложувањето на гласањето на Предлог-извештајот за земјава во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), во кој главните забелешки беа барањата на бугарските европратеници околу македонскиот јазик и идентитет, за дел од македонските амбасадори значи голема победа на македонската дипломатија и излегување на вистината на виделина.

Амбасадорот Ивица Боцевски и поранешен специјален претставник при унгарското претседателство во ЕУ, за одложувањето на денешното гласање за 24 јуни, вели дека без разлика какво ќе биде финалето на сето ова јасно е дека македонската дипломатија извојува една огромна победа во една огромна битка, која се однесува на прашањето да се изнесе на виделина кој е бугарскиот став.

Скопје - Навреме е и позитивно е одговорено од Министерството за финансии за вработувањата во тетовската болница, рече денеска, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференција.

Таа посочи дека во Министерството за финансии секое барање се евидентира, архивира и за кој било предмет може да се побара информација и порача до здравствените институции да ја почитуваат процедурата при барање на согласности за вработување.

Тирана - Комисијата за европски прашања го одобри финансискиот договор со Европската комисија за повеќегодишната оперативна програма за вработување на млади во Албанија, во рамки на ИПА III Програмата, за периодот 2024-2027 година.

Заменик-министерката за економија, култура и иновации, Олта Мањани, изјави дека програмата има за цел целосно вклучување на младите луѓе на пазарот на трудот, со посебен фокус на групата NEET, млади луѓе кои не се во образование  или обука, на возраст од 15 до 29 години.

Брисел - Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент усвои извештај со кој се повикува Босна и Херцеговина да спроведе итни реформи за да започне ефективни преговори за членство во ЕУ. Извештајот, усвоен со 56 гласа „за“, 13 „против“ и пет „воздржани“, ја потврдува поддршката за кандидатурата на БиХ, нагласувајќи го почитувањето на критериумите од Копенхаген, единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Во Извештајот се изразува загриженост за бавниот напредок во спроведувањето на клучните реформи и ги повикува политичките лидери во БиХ да ги исполнат препораките на Европската комисија од октомври 2022 година за усвојување на преговарачката рамка. Се бараат уставни и изборни реформи, зајакнување на демократичните институции, владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Хаг - Поранешниот воен лидер на босанските Срби, Ратко Младиќ, преку својот адвокат, побара привремено ослободување од затвор поради влошена здравствена состојба, јави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на соопштение од Меѓународниот резидуален механизам за кривичните судови во Хаг.

Во барањето се наведува дека медицинската служба на судот го информирала Младиќ и неговото семејство дека болеста му е неизлечива и дека е преминато на палијативна нега со фокус на крајот на животот.

Атина - Четворица обвинети за катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во кој загинаа 104 лица, добија петгодишна затворска казна, без можност за откупување, додека пак останатите шестмина проласени за виновни можат казната од пет години да ја откупат по десет евра од ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Апелацискиот суд во Атина утрово продолжи последното рочиште од судскиот процес на втор степен по поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда, што започна вчера кога десетмина од 21 обвинет беа прогласени за виновни.

Анкара - Претседателот на Големото народно собрание на Турција и пратеник од владејачката Партија за правда и развој (АКП), Нуман Куртулмуш, доби нов мандат на функцијата.

Во третата рунда од гласањето во парламентот што брои 600 пратеници, Куртулмуш доби поддршка од 329 членови.

Букурешт - Во Романија во мај се регистрирани 1.015 случаи на сипаници - морбили, соопшти Националниот институт за јавно здравје, пренесува Аџерпрес. Најголем број случаи се забележани во окрузите Васлуј (107), Бакау (95) во источна Романија и Сату Маре (88) во северозападна Романија.

Од 1 јануари 2023 до 31 мај 2025 година, во Романија се потврдени 34.650 случаи на морбили, вклучително 30 смртни случаи, покажуваат податоците на институтот. Во мај биле искористени 20.968 дози од вакцината MMR од националните резерви.

Тирана - Албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК) ќе набави специјална опрема за прислушување или следење, во вредност од над милион евра.

Во објавата на официјална веб-страница за податоците покрај трошоците за секојдневна работа, впечатливо е што една четвртина од буџетот ќе оди за специјалната опрема. Според регистарот, во текот на оваа година СПАК очекува да потроши вкупно три милиони евра за инвестиции, но од нив 1.104.994 евра да одат за специјалната опрема.

Анкара - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изрази надеж дека преговорите меѓу Русија и Украина ќе продолжат, нагласувајќи дека двете страни ја препознаваат важноста на дијалогот, објави „Туркие тудеј“.

-Очекуваме нов круг преговори, бидејќи и двете страни разбираат дека седнувањето на иста маса е во нивен интерес, изјави Фидан синоќа, потенцирајќи дека ставот на Турција за итно прекинување на конфликтот во Украина останува непроменет од самиот почеток.

Брисел - Бугарија ги исполнува условите за приклучување кон еврозоната од 1 јануари наредната година, соопшти денеска Европската комисија при претставувањето на вонредниот извештај за подготвеноста на земјата за воведување на заедничката европска валута.

ЕК препорачува Советот на ЕУ да го одобри влезот на Бугарија во еврозоната од почетокот на 2026 година. Комисијата потсетува дека сите држави членки на ЕУ стануваат дел од еврозоната штом ги исполнат критериумите, освен Данска, која пред пристапувањето побарала изземање од обврската за воведување на еврото.

Брисел - Четири германски авиони-ловци „Eurofighter“ учествуваа во НАТО-обука во Северна Шведска, кои полетаа од германска база за да фрлат прецизно наведувани бомби врз воен објект, јави ДПА.

Според германските воздухопловни сили, леталата полетале од базата Норвених во Западна Германија кон Шведска, каде што фрлиле бомби GBU-48 врз цел во близина на селото Видсел.

Москва - Следниот датум за преговори меѓу Русија и Украина ќе се утврди кога двете страни ќе бидат подготвени, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Очигледно е дека ќе биде потребно време за да се разгледаат разменетите нацрт-меморандуми. Кога страните ќе бидат подготвени, ќе се договорат за датумот на следната рунда преговор, посочи Песков.

Остани поврзан