• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

12 мај 2025

Скопје - На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ од денеска до 17 мај ќе се одржува 13. Меѓународен студентски натпревар и работилница во роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција – Робомак (Robomac). Ќе учествуваат околу 60 домашни и странски студенти, а по петти пат ќе биде организиран и натпреварот „Робомак јуниор“ на кој ќе се натпреваруваат 54 средношколци од 20 училишта во државава. Финалето на натпреварувачките тимови ќе биде  в сабота, на последниот ден од Робомак. 

Студентите се распоредени во пет натпреварувачки категории - ќе развиваат роботски системи што препознаваат визуелни и звучни команди, ќе дизајнираат интелигентни агенти за динамични сценарија, ќе комбинираат машински вид роботика за автоматизирано сортирање и ќе програмираат автономни тркачки возила.  Покрај натпреварот ќе има и предавања од експерти. Средношколците талентирани за иновации на натпреварот „Робомак јунуор“ се поделени во две категории. 

Скопје - Неинформирани и неедуцирани почнавме да градиме пазарна економија. Владата треба да биде мала, ефикасна и да се грижи за основните работи на граѓаните, а ниски даноци и големи расходи за социјални програми не одат заедно, тоа треба да го прифатиме. Социјалната помош се смета за статус, нејзините приматели по домаќинство имаат повисок приход од оној на семејство во кое работат двајца возрасни со минимална плата. Цела плејада работна сила не користиме, а младите се уште повеќе сакаат да се вработуваат во јавната администрација, наместо да почнат свој бизнис. Ова беа само дел од забелешките што денеска ги изнесе извршната директорка на Македонија 2025 Никица Мојсоска Блажески по завршувањето на првите панели од Самитот што се одржува во Скопје. 

На прес-конференција, Мојсоска Блажески, членот на Одборот на директори Кати Ицева која е и дел од „Мајкрософт“, како и Васко Кроневски, основач и извршен директор на „Некст сенс“ ја сумираа пораката - дека дигитализацијата е единствениот начин за градење успешна држава и конкурентна економија. Овој процес, рекоа, освен раст и развој, ќе испорача и поефикасна државна управа, подобри јавни услуги, подобро граѓанско општество и уште повисок степен на демократија. Дигитализацијата е воедно и една од главните алатки за борба против корупцијата, а не може и не треба да ја движат само лидерите во технолошките сектори, таа треба да биде дел од сите сфери на живеењето - социјалата, здравството, индустријата, земјоделството, граѓанството,...

Скопје -  За нас е неприфатливо да седиме во иста влада со субјект кој се договара со нереформирано ДУИ. Движењето ЗНАМ и во својата предизборна програма говореше за итна потреба од „дедуизација” на општеството. Под „дуизација” неподразбираме албанофобија, туку напротив, „дуизацијата” значеше систем на коруптивно и криминално владеење. Систем кој го разори институционалниот систем, рече денеска потпретседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и потпретседател на Собранието Весна Бендевска.

На новинарско прашање како ја оценува владината коалиција, откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека лидерот на едното крило од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари си заминува од Владата, Бендевска рече дека премиерот вчера го соопштил својот став.

Штип – Средните училишта од Штип веќе знаат каде матурантите ќе ја полагаат државната матура, односно во кои простории и амфитеатри на Универзитетот „Гоце Делчев“, истакна денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска која одговараше на прашање за подготовката на полагање на државната матура во Штип и во училиштата низ цела држава.

- Кампус 4 е определен за регионалниот центар и Гиманзијата и во Кампус 2 се останатите училишта. Сите училишта од Штип, кои кажале дека имале потреба од соодветен простор ќе полгаат во амфитеатрите на УГД, затоа што исто така му благодарам на ректорот за разбирањето и на деканите се разбира за разбирањето на оваа потреба, вели Јаневска.

Штип - Заврши реконструкцијата на просториите за продолжена настава за учениците од Општинското основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“- Штип. Во овие училиници веќе се одвива воспитно-образовен процес за 80 ученици, а проектот се реализира на барање на родителите. По тој повод министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Штип Иван Јорданов денеска го посетија подрачниот објект на основното училиште „Ванчо Прке“ во населеното место Ново Село, каде локалната самоуправа со поддршка на министерството инвестираше во подобрување на условите за настава и воведување на продолжен престој.

-Инвестицијата ќе одговори на барањето на родителите на учениците од ова населено место, но и ќе ја реализира иницијативата на Владата за воведување на едносменска настава, од која придобивките многупати досега сум ги споменала. Првенствено ќе ги задржиме децата повеќе на училиште, со оглед на тоа што имаат 900 часови помалку во споредба со европските врсници, повеќе ќе се социјализираат и значително ќе го подобрат своето знаење. Со едносменско работење се решава и предизвикот со вишокот наставници, кои остануваат да работат со учениците преку додатни активности, изјави Јаневска.

Тетово - Во Основниот суд во Тетово денеска се одржаа завршните зборови на Обвинителството, одбраната, обвинетите и правните застапници на оштетените семејства во рамки на повторниот судски процес во кој обвинети се двајца директори и тетовската болница во врска со пожарот во модуларната болница на 8 септемврри 2021 година при што животот го загубија 14 лица. Директорите Флорин Бесими и Артан Етеми и ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, како правно лице се обвинуваат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“.

Претставникот на Обвинителството посочи дека со изведените материјални и вербални докази и сведочења обвинетите ги сториле кривичните дела и побара судот да ги огласи за виновни. Според Обвинителството, двајцата обвинети директори имале обврска да постават противпожарни апарат, а тоа не го направиле според пропишаните прописи.

Дебар - Дебарското одделението за внатрешни работи поднесе кривична пријава против албански државјанин поради кривично дело „полов напад“.

- Кривична пријава е поднесена против М.Ф.(39) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полов напад“. На 6 мај годинава во Дебар, пријавениот физички нападнал 52 – годишна албанска државјанка и се обидел да изврши обљуба врз неа, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Никозија - Сириската влада се согласи да ги прифати назад мигрантите кои се обидуваат да стигнат до бреговите на Кипар, објави кипарскиот весник во своето онлајн издание. „Филелефтерос“. Ова се случи по консултациите меѓу Никозија и Дамаск, а според весникот, првите враќања на нелегални мигранти веќе се извршени.

Ова се патниците на два брода што се упатуваат кон брегот на Кипар, идентификувани во петокот и саботата од страна на Кипарската крајбрежна стража. На бродот имало вкупно 62 сириски мигранти - 34 на првиот и 28 на вториот. Бродовите беа запрени, по што патниците, како и обично, се обидоа да ги потонат за да бидат спасени од кипарските власти и да обезбедат влез во Република Кипар.

Брисел - Српските студенти кои попладнево треба да пристигна во Брисел како дел од штафетниот маратон „Од Нови Сад до Брисел - Патување од 1.950 километри за правда“ в четврток ќе се сретнат со еврокомесарката за проширување Марта Кос и со еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкал Мекграт, соопшти портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие. 

Одговарајќи на новинарско прашање со кого ќе се сретнат студентите откако тие наводно одбиле да бидат примени од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, затоа што, според нив, таа е „на страната српскиот претседател Александар Вучиќ“, Мерсие рече дека ЕК неколку пати јасно ја искажала својата позиција во однос на актуелната состојба во Србија.  

Белград - Меѓународен научен и стручен форум „Западен Балкан во енергетска транзиција“, на кој ќе се анализира спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност, користењето на ОИЕ, користењето на отпад и отпадна енергија, користењето на водород, користењето на нуклеарна енергија по укинувањето на мораториумот за нуклеарна енергија во Србија, ќе се одржи утре и задутре во Стопанската комора на Србија.

Форумот ќе ги собере учесниците на меѓународниот проект INITIATE, што е „Поддршка на европските истражувања и иновации преку соработка меѓу засегнатите страни и институционална реформа“. Проектот се спроведува во рамките на програмата Хоризонт Европа, а целта е да се подобрат целокупните истражувачки и иновативни капацитети на научните институции во областа на зелената енергија и дигиталната транзиција. 

Белград - Според податоци на Народна банка на Србија (НБС) за првите два месеца од оваа година, приливот на странски директни инвестиции е остварен на слично ниво како и во претходните пет години (без лани) - 225 односно 210 милиони евра, јави дописникот на МИА од Белград. Лани тие цифри биле, како што нагласуваат српски медиуми - шампионски - 604 и 462 милиони евра.
 
Во 2020 година, за јануари и февруари, износот на инвестициите беше 233 и 271 милиони евра. Следната година, во 2021 година, за истиот период, 266 и 216 милиони евра, во 2022 година, нешто помалку во износ од 199 и 247 милиони евра. Во првите два месеци од 2023 година, 188 и 249 милиони евра.

Лондон - Рускиот претседател Владимир Путин треба да „започне сериозно да се вклучува“ во мировните преговори, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.

Тој го пофали украинскиот претседател Володимир Зеленски за „неговата подготвеност да учествува во разговори“ во момент кога европските министри за надворешни работи се собраа во Лондон за да разговараат за безбедноста на континентот.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека телефонски разговарал со папата Лав Четиринаесетти и го поканил да ја посети Украина.

Зеленски и поглаварот на Римокатоличката црква разговарале за украинските деца кои насилно се одведени во Русија, за предлогот за 30-дневен прекин на огнот помеѓу Украина и Русија.

Будимпешта – Унгарија го откажа експертскиот состанок за правата на малцинствата со Украина, што беше закажан за денеска, поради тензичните односи помеѓу соседните држави, по протерувањето на дипломатите и меѓусебните обвинувања за шпионажа.

Државниот секретар на унгарското Министерство за надворешни работи, Левенте Маѓар синоќа изјави дека Унгарија го откажала планираниот состанок во Украина бидејќи неодамнешните случувања во билатералните односи не дозволуваат „конструктивни разговори за толку важна и чувствителна тема како што се правата на малцинствата“.

Брисел - Портпарол на Европската комисија денеска изјави дека доколку Русија продолжи со нападите врз Украина, нема да има можност за мировни преговори. На прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, тој нагласи дека Европската Унија ќе продолжи да врши притисок врз Москва и не ја исклучи можноста следните европски санкции да го опфатат гасоводот „Северен тек“.

Според портпаролот, вклучувањето на „Северен тек“ во санкциите би испратило јасна порака дека инвестициите во овој проект не се исплатливи. Тој додаде дека ЕУ очекува европските министри за надворешни работи, кои ќе одржат три состаноци до крајот на месецот, да ги одобрат дополнителните санкции.

Љубљана - Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека Словенија би била почестена доколку Русија и Украина ја прифатат поканата за одржување мировни преговори меѓу двете земји во Љубљана, објави словенечката телевизија РТВ.

Во саботата, Голоб учествуваше на видеоконференција за Украина, која делумно се одржа во живо, додека францускиот претседател Емануел Макрон, полскиот премиер Доналд Туск, британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Фридрих Мерц го посетија украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Некои од соговорниците учествуваа од далечина, вклучувајќи претставници на неколку земји, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Рим - Новиот папа Лав Четиринаесетти повика на ослободување на новинарите затворени низ целиот свет. Папата денеска одржа средба со новинари, што е негова прва таква средба откако беше избран за наследник на папата Франциск, кој почина на 21 април.

За време средбата, Лав Четиринаесетти ја изразил солидарноста на Црквата со новинарите кои моментално се во затвор затоа што се обидуваат да ја кажат вистината.

Тел Авив - Израел планира да ги интензивира своите напади во Појасот Газа дури и по очекуваното ослободување на израелско-американски заложник од страна на Хамас, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

- Преговорите ќе продолжат под оган за време на подготовките за интензивирање на борбите, рече израелскиот лидер во изјава.

Остани поврзан