• сабота, 28 декември 2024
МИА Радио флеш

  27 декември 2024

 

Скопје - Забрана за сообраќај на тешки товарни возила има на патниот правец Тетово – Попова Шапка. Патниот правец од Крива Паланка кон ГП Голема Црцорија – Голеш“ на околу 600 метри пред преминот, односно од селските гробишта во с. Голема Црцорија, не е прооден од снежни наноси и навеви од снег, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.

Скопје - Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 28-та седница на која на дневен ред се Дополнетиот предлог на закон за стручно образование и обука, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, Предлог на законот за престанување на важењето на Законот за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија, Предлог на законот за Националната рамка на квалификации, Дополнетиот предлог на закон за учебници во основно и средно образование и Дополнетиот предлог на закон за образование на возрасните, сите во второ читање.

Скопје - Во салата на киното „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ќе ги презентира резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи за изминатата година.

На настанот, како што информираат од МВР, ќе присуствуваат претседателот на Владата, Христијан Мицковски, министри, раководството на министерството и други официјални гости.

Скопје - Во Спомен-собата на Миладиновци ‒ „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје денеска ќе бидат промовирани на книгите на Брајово писмо Приказни за Зоки Поки од Оливера Николова, Сказна за детето Вилен од Глигор Поповски и Белото циганче од Видое Подгорец, како дел од одбележувањето на 200 години од Брајовото писмо и Светскиот ден на Брајовото писмо - 4 Јануари.

Скопје - Умерено со алкохолот, редовна терапија за хроничните болни, воздржување од разни пиротехнички средства и оружје, препорачуваат здравствените работници, во изјава за МИА, пред новогодишните и божикните празници.  

- Редовно земање на терапија кај хроничните болни, умерено користење на алкохолни пијалаци за да се избегнат несаканите последици - алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди, велат од ЈЗУ Здравствен дом - Скопје.

Скопје - По повод 80-годишнината од почетокот на работата на Македонското Радио денеска во Скопје ќе биде презентиран пригоден свечен постер насловен „Зборуе Радио Скопје“.

-На 27 декември, во предвечерјето на овој исклучително значаен јубилеј за македонската државност и култура, Канал 103 во соработка со Партизанска штампа, 5060 и Фликер студио, го претставува пригодниот свечен постер во авторство на македонскиот ликовен уметник Иван Ивановски, едноставно насловен „Зборуе Радио Скопје“. Се работи за графика во сито печат техника, достапна во ексклузивен лимитиран тираж, информираат од Радио 103 кои ја организираат промоцијата.

Скопје - Во продукција на „Музичка кутија“, денеска во Скопје ќе биде изведена музичката претстава за деца „Трите самовили го бараат Дедо Мраз“.

„Музичка кутија“ е нова продукција којашто се занимава со музичко-сценски изведби наменети за деца од 5 до 13 годишна возраст. Станува збор за едукативни проекти со автентични, оригинални приказни (сценарија) и избор од класична музика наменета за камерни ансамбли. 

Скопје - Самостојна изложба насловена „No escape from reality” на уметникот Сашо Блажес ќе биде отворена денеска во Касарна хаб од Охрид. Изложбата ја истражува комплексноста на перцепцијата и размислувањето преку една серија на досега неизложени дела.

После самостојните излагања во  Грац, Париз и Венеција оваа година почувствував потреба да претставам дел од моите досега неизложени дела од моите најнови циклуси во Охрид но овој пат во еден неконвенционален, ‘’експериментален’’  простор, во Касарна Хаб, (во просториите на бившата касарна во Охрид), вели Блажес.

Белград - Во моментов се води хибридна војна против Србија и претседателот Александар Вучиќ, тврди српскиот вицепремиер Александар Вулин во изјава за белградски медиуми.

Тој за телевизија Пинк изјави дека нападите врз Србија од Сараево и Загреб се координирани, дека притисокот расте, и според него - се е координирано од еден центар.

Загреб - Од вчера (Св. Стефан/ Štefanje/ Stjepandan) во повеќето жупи во Хрватска почна благословувањето на куќите кое трае генерално до 6 јануари и се очекува Католичката црква во таа држава  да заработи повеќе од лани, јавија хрватски медиуми.

Во една жупа во Славонија, Надбискупијата пропиша надоместот на верниците да изнесува 30 евра по брачен пар. Ова е т.н милостина што се плаќа на црквата и нема врска со благословот. Многу луѓе го плаќаат тоа во времето на семејните благослови, јавија хрватски медиуми.

Загреб  -  До денеска на полноќ кога почнува дводневниот изборен молк, останува кандидатите за претседател на Хрватска да ги убедат гласачите дека еден од нив е најдобриот избор за следниот петгодишен мандат.
Дводневниот изборен молк пред изборите в недела на 29 декември ќе трае цела сабота и недела до 19 часот или до затворање на избирачките места, од кои 6.755 ќе бидат отворени во Хрватска и во странство.

Осум кандидати учествуваат на осмите претседателски избори од независноста, в недела на 29 декември.

Тирана - Националната управа за кибер безбедност на Албанија отвори лабораторија за кибер безбедност - напредна платформа за обработка и симулирање на дигитални закани.

Според објавата на социјалните мрежи, таа лабораторија е создадена за да ги зајакне експертите за кибер безбедност, обезбедувајќи интензивна обука за заштита на критичните инфраструктури и справување со глобалните технолошки предизвици.

Њујорк - Портпаролот на генералниот секретар на ОН, синоќа ја осуди ескалацијата меѓу Израел и Јемен и рече дека израелските воздушни напади врз меѓународниот аеродром во Сана, пристаништата на брегот на Црвеното Море и јеменските електрани се причина за загриженост.

Израел синоќа соопшти дека нападнал повеќе цели поврзани со бунтовниците хути поддржани од Иран во Јемен, вклучително и меѓународниот аеродром во Сана, а медиумите на хутите соопштија дека најмалку шест лица биле убиени.

Берлин - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска се очекува да ја соопшти својата одлука дали ќе го распушти Долниот дом на германскиот парламент, со што ќе се отвори патот за предвремени парламентарни избори во февруари, јави ДПА.

Се верува дека Штајнмаер речиси сигурно ќе го исполни барањето на канцеларот Олаф Шолц за распуштање на Бундестагот.

Хелсинки - Финските власти задржаа брод поврзан со Русија, кој моментално се наоѓа во фински територијални води, додека се истражува дали тој го оштетил електричниот кабел за пренос на струја во Балтичкото Море, како и неколку подморски кабли за пренос на податоци, соопшти денеска финската полиција.

Финската полиција и граничната служба утринава се качија на бродот „Eagle S“ и ја презедоа контролата врз него, изјави на прес-конференција началникот на полицијата во Хелсинки, Јари Лиуку.

Вашингтон - Водечка организација која ги надгледува светските кризи со храна предупреди за претстојниот глад во северниот дел на Газа поради таканаречената „речиси целосна блокада“ на Израел. Но неделава таа го повлекла извештајот откако САД наводно го побарале тоа.

Американската администрација се соочува со критики од хуманитарни организации и поборници за човекови права поради наводната политичка интервенција во независниот мониторинг.

Брисел - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека американското поседување и контрола на Гренланд е неопходност, но Европската унија нема коментар за тоа. Иако огромното мнозинство жители на Гренлан се граѓани на ЕУ, дипломатската служба на ЕУ, позната како Европска служба за надворешни работи (ЕЕАС), даде само кратки одговори на прашањата на Политико.

„Можам да ви понудам брз одговор: не коментираме коментари“, рече Ануар Ел Ануни, портпарол на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Москва - Заради безбедност на летовите на цивилните авиони, утрово беа воведени привремени ограничувања за работата на аеродромите во Сочи и Казањ, соопшти руската агенција Росавијација.

Во соопштението се наведува дека аеродромите привремено „не прифаќаат ниту испраќаат летови“.

Причините за тие ограничувања не се наведени.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Русија во 2025 година, соопшти денеска рускиот амбасадор во Пекинг Игор Моргулов.

„Што се однесува до конкретни билатерални настани, можам да кажам дека активно се изработуваат релевантните планови“, изјави Моргулов, пренесува БТА.

- Она што не е тајна е дека претседателот на Народна Република Кина се очекува во Русија следната година, додаде тој.

Ерусалим - Јавниот обвинител на Израел и нареди на полицијата да отвори истрага против сопругата на премиерот Бенјамин Нетанјаху поради сомневање дека малтретирала политички противници и сведоци во судењето за корупција на израелскиот лидер.

Тоа доцна синоќа го соопшти израелското Министерство за правда, во кое се наведува дека истрагата ќе се фокусира на наодите од неодамнешниот извештај на програмата „Увда“ за Сара Нетанјаху.

Сеул - Јужнокорејските пратеници го отповикаа денеска од фукција вршителот на должноста претседател Хан Дак-су, образложувајќи дека тој „активно учествувал во бунтот“ откако неговиот претходник прогласи воена состојба претходно овој месец.

„Објавувам дека предлогот за импичмент на премиерот Хан Дак-су е усвоен. Од 192 пратеници кои гласаа, 192 гласаа за импичмент“, рече претседателот на Националното собрание Ву Вон-шик.

Остани поврзан