• сабота, 28 декември 2024
МИА Радио флеш

27 декември 2024

Скопје - Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Република Северна Македонија во третиот квартал од 2024 година. Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен, а донесена е одлука за унапредување на регулативата за идентификување системски значајни банки, соопштија од Народната банка.

Советот, како што е наведено во соопштението, донел нова Одлука за методологијата за идентификување системски значајни банки со која се унапредува постојната методологија врз основа на која Народната банкa ги идентификува системски значајните банки во земјава и за нив го утврдува заштитниот слој на капиталот.

-Ова претставува макропрудентен инструмент за јакнење на отпорноста на банкарскиот систем преку јакнење на солвентноста и стабилноста на системски значајните банки на неочекувани шокови или загуби коишто можат да настанат во текот на нивното работење. Измените на одлуката за системски значајни банки се прави и заради натамошно приближување кон Насоките од Европскиот банкарски орган (ЕБА) за идентификување на домашните системски значајни банки, велат од Народна банка.

Скопје - Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска им го честита на Евреите празникот на духовната победа и на светлината Ханука.

Таа честитката ја упати до претседателот на ЕЗРМ, Пепо Леви како и до сите членови на Еврејската заедница во Македонија.

-По повторното завземање на еврејскиот храм и отстранувањето на сите пагански идоли, верниците во него нашле масло со кое свеќите во храмот можеле да горат само една ноќ. Но, за чудо, свеќите во храмот останале да горат цели осум дена. И оваа година, нека светлината на свеќникот кој симболично се пали секоја година во спомен на овој празник, го осветли секое темно ќоше од Вашите домови. Нека донесе сила и единство во Вашата заедница и во сечие срце. Кога е најтемно, велат големите еврејски мудреци, светлината свети најсилно, и секое добро дело може да донесе топлина на оние на коишто им е најпотребно. Или како што е запишано во светите книги: „земете елеј маслинов, чист, без талог, да гори за светење, и да гори секогаш, пишува Трајковска.

Струмица - Со премиерата на претставата „Празнина“, која е закажана за задутре, Народниот театар „Антон Панов“ ќе ја спушти завесата на годинашниве нови остварувања. Претставата е работена според драмска предлошка, драматизација, работена по мотиви на издвоени сцени од драмскиот текст „Празно“ од авторката Алис Бирч.

Според најавата за претставата, секоја сцена е засебна „приказна“, а пак логичната поврзаност помеѓу сцените не е очигледна, туку таа се насетува некогаш преку реплика, некогаш преку зададена состојба, некогаш поради потребата да се надгради една или повеќе драмски ситуации, некогаш преку драмската атмосфера, некогаш во драмската пауза, некогаш во она што го нема, а сепак е присутно.

-Позицијата на жената и децата во општеството се слика низ сцени во кои тие се поставени во ситуација на соочување со правосудниот систем, соочување со кривичен прогон, одземена слобода, затворски услови, соочување со злосторство, личната трансформација при преиспитување на сопствената вина, личната трансформација при состојба на каење, личната трансформација преточена во резигнација..., напишано е во најавата за оваа премиера.

Белград - Во моментов се води хибридна војна против Србија и претседателот Александар Вучиќ, тврди српскиот вицепремиер Александар Вулин во изјава за белградски медиуми.

Тој за телевизија Пинк изјави дека нападите врз Србија од Сараево и Загреб се координирани, дека притисокот расте, и според него - се е координирано од еден центар.

„Јавните личности од целиот регион ги поддржуваат оние кои се против Вучиќ. Можно ли е да нема ниту еден фудбалер, кошаркар, актер што на пример го поддржува Вучиќ? Не, одеднаш во истиот момент сите северини и сите спортисти се против Вучиќ. Тоа не е случајно. Тоа се прави од еден центар“, рече Вулин.

Според него, студентите се подложни на манипулации и повеќето од нив имаат искрена желба за промени, но предводниците на блокадите се платеници.

Нови Сад - Припадници на полциијата се во зградата на Радио телевизијата Војводина (РТВ) во Нови Сад поради најавен студентски протест, потврдија за агенцијата Бета вработени во медиумот.
На видео снимката доставена до Бета се гледа како полицијата влегува во зградата на јавниот медиумски сервис со опрема за разбивање демонстрации.

Студентите од Нови Сад денеска во 11:52 часот ги повикаа колегите, професорите и граѓаните да се соберат пред зградата на РТВ во тој град.

Студентите изјавија дека на овој начин сакаат да ги поддржат вработените во РТВ кои секој петок излегуваат по 15 минути во спомен на 15-те жртви од трагедијата во Нови Сад и кои бараат разрешување на главниот уредник на Првата програма. на РТВ, Ненад Чаќиќ.

Атина – Поради силниот ветер што достигнува до осум и десет Бофори, односно над 40 километри на час, од утрово во сила е забрана за пловидба од неколку грчки пристаништа меѓу кои и трите атински, јави дописничката на МИА од Атина.

Бродовите и траектите останаа закотвени на пристаништата во Лаврио, Рафина и најголемото Пиреа во Атина, а единствено сообраќаат оние што пловат кон малите острови во близина на грчката метропола.

Веќе неколку дена Грција е зафатена од невремето „Елена“ што донесе обилни врнежи од дожд во областа Атика, поширокиот регион на Атина и на островот Евија, како и снег на планините.

За помалку од 24 часа, од средата вечерта до вчера попладне, противпожарната служба примила над 100 повици во областа Атика. 

Братислава -  Словачка ја информираше Украина за подготвеноста да помогне во решавањето на конфликтот преку обезбедување платформа за преговори, изјави словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар.

Тој на платформата Х објави дека словачката дипломатија е подготвена на тој начин активно да придонесе во мировниот процес.

Бланар изјави дека Братислава за оваа можност ги информирала своите украински партнери на заедничката средба на владите на двете земји на почетокот на октомври годинава во Ужхород, Украина.

Брисел – Изминаа 200 дена од јунските парламентарни избори во Белгија, а засега на повидок нема конечен договор за формирање на нова белгиска Влада. 

По Божиќните празници, вчера беа обновени преговорите меѓу петте идни потенцијални владини партнери - десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), валонското либерално Реформско движење (МР), валонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), фламанската социјалдемократска партија Напред (Вуројт) и десноцентристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ). Вчерашните преговори беa на техничко ниво, а средби на партиските лидери се предвидени за викендов. 

Последниот состанок на лидерите на партиите од потенцијалната „Аризона“ коалиција се одржаа во понеделникот и на нив, според партиски извори, се разговарало за социо-економските реформи предложени од мандатарот и прв човек на Н-ВА, Барт Де Вевер. 

Истите извори за белгиската државна новинска агенција Белга посочија дека преговорите минале во „смирена и конструктивна“ атмосфера. 

Тел Авив - Постара жена која беше избодена и тешко ранета во терористички напад во градот Херцлија во Израел, им подлегна на повредите, соопштија денеска израелските здравствени власти.

Од болницата во Тел Авив, каде што била пренесена, соопштиле дека жената има 80 години и дека била неколку пати избодена со нож.

Напаѓачот бил застрелан во ногата од страна на обезбедувањето во близина, а полицијата го привела, пренесува Тајмс оф Израел. 

Тел Авив - Иранските Хути од Јемен презедоа одговорност за ноќниот балистички ракетен напад врз Израел, тврдејќи дека цел бил аеродромот „Бен Гурион“.

Хутите тврдат дека „ракетата успеала да ја достигне целта и покрај одбраната на непријателот, а операцијата резултирала со жртви и прекин на навигацијата на аеродромот“.

Меѓутоа, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека ракетата била успешно пресретната од воздушната одбрана и нема извештаи за оштетувања на аеродромот. Пристигнувањето на летови било привремено запрено на 30 минути.

Хутите дополнително тврдат дека извршиле напад со дронови врз „витална цел“ во областа на Тел Авив. Израелските власти соопштија дека во изминатото деноноќие нема извештаи за дронови кои пристигнале од Јемен.

Москва – Русија ја предупреди идната администрација на новоизбраниот американски претседател дека разгледува низа можни чекори поврзани со тестирањето на нуклеарно оружје поради радикалниот став на Доналд Трамп по ова прашање

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во интервју за весникот „Комерсант“ изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат, имал радикален став кон Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови.

- Меѓународната ситуација во моментов е исклучително тешка, американската политика во нејзините различни аспекти денес е крајно непријателски настроена кон нас. Затоа не исклучуваме никакви опции за акција од наша страна во интерес на обезбедување безбедност и испраќање политички соодветни сигнали покрај ова, истакна Рјабков.

Москва – Американскиот државјанин Еуген Спектор е осуден на 15 години затвор поради собирање генетски податоци за руски државјани за Пентагон, објави денеска руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Според ФСБ, Спектор собирал и пренесувал доверливи биотехнолошки и биомедицински информации, вклучително и државни тајни, на странски субјекти поврзани со Пентагон. Целта била да се создаде систем за генетски скрининг за руските граѓани.

Спектор покрај затворската казна треба да плати и парична казна во висина од 14 милиони рубљи (134.000 евра).

Судењето се одвиваше зад затворени врати и не се познати детали од обвинението.

Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Франција неколкупати преку тајни канали стапила во контакт со Москва за да разговара за ситуацијата во Украина, но без вклучување на Киев во преговорите.

- Нашите француски колеги неколкупати нè контактираа преку затворени канали... Но, без Украина,  рече Лавров во интервју за неколку медиуми.

Оваа изјава предизвика немир во дипломатските кругови, а Франција веднаш реагираше, инсистирајќи дека Русија мора да ја преземе целосната одговорност за војната која ја започна и дека мирот може да се постигне само според условите што ќе ги одреди Украина.

Руските власти се навикнати да даваат непромислени изјави со цел манипулација со војната на агресија, за која тие сносат целосна одговорност. Ако Русија сака мир, треба да ја запре војната – изјави француски дипломат, кој побарал да не биде именуван.

Сеул - Севернокорејскиот војник заробен од украинските сили им подлегнал на раните, соопшти денеска јужнокорејската разузнавачка агенција.

„Потврдено е, преку сојузничката разузнавачка агенција, дека севернокорејски војник бил фатен жив на 26 декември, но им подлегнал на повредите“, се вели во соопштението на разузнавачката агенција.

Украинските сили заробиле ранет севернокорејски војник кој се борел на страната на Русија, соопшти претходно денеска јужнокорејската разузнавачка служба.

Ова е првиот познат случај на заробен Севернокореец откако Киев и Западот соопштија дека Пјонгјанг испраќа војници во Русија.

Њујорк - Околу две третини од возрасните Американци нагласуваат дека неодамна почувствувале потреба да го ограничат нивното следење вести за владата и политиката поради преоптоварување, според истражувањето на Асошиејтед прес и американскиот Центар за истражување на јавното мислење.

Помал процент од Американците го ограничуваат покривањето на вести за конфликти во другите делови на светот, економијата или климатските промени, покажа истражувањето.

Анкетата, спроведена на почетокот на декември, покажа дека околу седум од 10 поддржувачи на демократите велат дека помалку ќе следат политички вести. Процентот не е толку висок за републиканците, кои имаат причина да ја слават победата на Трамп. Сепак, околу шест од 10 републиканци велат дека исто така чувствувале потреба да се одморат, а процентот е сличен за независните гласачи.

Сеул - Јужнокорејските пратеници го отповикаа денеска од фукција вршителот на должноста претседател Хан Дак-су, образложувајќи дека тој „активно учествувал во бунтот“ откако неговиот претходник прогласи воена состојба претходно овој месец.

„Објавувам дека предлогот за импичмент на премиерот Хан Дак-су е усвоен. Од 192 пратеници кои гласаа, 192 гласаа за импичмент“, рече претседателот на Националното собрание Ву Вон-шик.

Хан Дак-су  одби да назначи тројца нови судии во Уставниот суд, каде што треба да се одржи првото рочиште за судењето за суспендираниот претседател Јун Сук Јеол.

Сеул - Научници од Јужна Кореја анализирале податоци на околу 5,4 милиони поранешни и сегашни пушачи и непушачи и откриле дека, понекогаш, може да бидат потребни и до 25 години за повторно да се намали опасноста од срцеви заболувања, откако едно лице ќе се откаже од цигарите. Наодите се објавени во списанието „Јама нетворк опен“ (Jama Network Open).

Јужнокорејскиот истражувачки тим предводен од Џун Хван-чо проучувале податоци од Корејската национална служба за здравствено осигурување. По речиси 15 години следење, истражувањето открива дека сегашните пушачи имаат најлоши последици. Пушењето и опасноста од кардиоваскуларни болести, како што пренесува списанието „Сити магазин“ (City Magazine), зависат од бројот на испушени цигари, без оглед на откажувањето од пушењето - вели заклучокот на научниците.

Кај сите поранешни пушачи, откажувањето од пушење било поврзано со значително намалување на опасностите. Сепак, ова зависи и од кумулативната изложеност на чад и повеќе години по откажувањето. Во споредба со сегашните пушачи, луѓето кои пушеле помалку, имале помала можност за појава на болести околу срцето во првите пет до 10 години по откажувањето.

Остани поврзан