• среда, 25 декември 2024
МИА Радио флеш

   25 декември 2024

 

 

Скопје – Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во своето годишно обраќање во Собранието повика оти е време за храбар ЕУ исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што, како што нагласи ќе означи реунификација, односно реинтеграција на регионот во ЕУ.

- Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија подржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир, истакна Сиљановска Давкова.

Скопје - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска го потпиша првиот Договор за јавна набавка со избраниот најповолен понудувач за набавка на мерни инструменти за далечинско отчитување со инсталација и конфигурација на опрема за отчитување, во општина Кавадарци, информираат од Министерството.

Договорот e во висина од 300.000 евра и ќе биде со времетраење од 12 месеци од денот на потпишување. 

Скопје - Доколку трговците не покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на нивните маржи и цени, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што истакна на денешната прес - конференција, екипите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки со одлука на Владата. 

Скопје - Препораките се едно, а тоа што ние го креираме како држава е сосема друга работа, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во врска со препораката на Светска банка за укинување на субвенциите за тутунот.

Според Трипуновски, тутунопроизводството е многу важна гранка за нашата држава, а и произведуваме многу квалитетен тутун што е многу баран од надвор.

Скопје - Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности (АВМУ) донесе одлука со која ја одзеде дозволата за телевизиско емитување на телевизија Канал ВИС од Струмица.

На јавен состанок во АВМУ, директорот на АВМУ Зоран Трајчевски истакна дека ТВ Канал ВИС од Струмица не ги исполнува минималните законски услови за работа.

Скопје - Агенцијата за пошти денеска одржа јавна седница на која директорот Сретен Миладиноски информира дека се зајакнати се надзорните механизми и зголемена е заштитата на правата на корисниците.

Во своето обраќање, меѓу другото, директорот рече дека во поглед на годишната програма за вршење на надзор, таа целосно била имплементирана и дека надзорните механизми на Агенцијата се зајакнуваат, како и дека во 2024 година биле извршени вкупно 25 надзори. Констатирани биле прекршоци кај осум даватели на поштенски услуги по разни основи од Законот за поштенските услуги, за што биле издадени прекршочни платни налози и за правните лица и за одговорните лица во правните лица.

Скопје - Стопанската комора на Северна Македонија и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска потпишале Меморандум за соработка во борбата со корупцијата. Како што соопшти Комората, иницијативата е дел од проектот „Граѓаните против корупцијата“ поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Скопје - По повод шест месеци од работата на Владата, опозициската СДСМ денеска на прес-конференција ги критикуваше политиките на сегашната владејачка коалиција, пред се во економијата и судството.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека се воведува „тотална партизација во институциите и се узурпира судството“, а етничките тензии во општеството ги нарече „таканаречен конфликт“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да се оттргне вниманието од реалните проблемите. 

Скопје - Европските интеграции се во заложништво на интересите на експоненти на Владата, истакна претседателот на Алијансата за Албанците и дел од „Европскиот фронт“, Зијадин Села при оценувањето на политичките случувања во државава во годината што изминува.

На сите граѓани им ги честиташе новогодишните празници посакувајќи им 2025-та да биде постабилна, Македонија да се најде поблиску зачленувањето во Европската Унија.

Скопје - Во Министерството за јавна администрација денеска се одржала втората седница на Секретаријатот за реформа на јавната администрација, со која претседавал заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски.

На седницата биле разгледани и усвоени точки на дневниот ред поврзани со нацрт-годишниот извештај за имплементација на Акцискиот план на Стратегијата за реформа на јавната администрација (2023 – 2030) за 2023 година.

Скопје - Признанија на Црвениот крст „Златен поддржувач“ и „Сребрен подрджувач˝ во знак на благодарност на партнерите за остварената плодна соработка и поддршка, денеска беа доделени на пригоден настан што се одржа во Црвениот крст на РСМ.

На настанот се обратил Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија, кој истакнал дека со поддршка на претпријатијата како општествено одговорни,

Рим - Папата Франциск денеска во божиќното обраќање повика на прекин на војните во Газа и Украина и изрази надеж дека мирот ќе се постигне преку дијалог.

Во пораката „Urbi et Orbi“ („Кон градот и светот“) што ја упати од централниот балкон на базиликата „Свети Петар“ во Рим, тој на верниците собрани на истоимениот плоштад им порача дека сега е потребна „храброст да се отворат вратите за преговори“ со цел завршување на војната во Украина.

„Нека прекине звукот на оружјето во разурнатата Украина!“, рече папата и повика на „гестови на дијалог и средби, за да се постигне праведен и траен мир“.

Варшава – Полска го прогласи јаболкото за официјално овошје за претстојното шестмесечно претседавање со Европска Унија.

Полска е најголем европски и четврти во светот производител на јаболка. Полските јаболка се во регистарот на ЕУ како производ заштитен со географска ознака.

Насадите со јаболка во Полска се простираат на 150.000 хектари, на кои се произведуваат околу четири милиони тони. Додека органските овоштарници со јаболка се на 5.500 хектари.

Во 2023 година Полска извезла 817.000 тони јаболка.

Тирана – Премиерот Еди Рама изјави дека Албанија цврсто верува во решение две држави за израелско-палестинскиот конфликт, притоа изразувајќи убедување дека „не е можно одржливо решение сè додека Хамас е дел од сликата“.

На традиционална предновогодишна вечера со претставниците на дипломатскиот кор акредитиран во Албанија, Рама посакал Новата година да донесе мир меѓу Израел и Палестина.

Букурешт - Според истражувањето на „Ривијл Маркетинг Рисрч“, Романците ќе потрошат 13 отсто повеќе за зимските празници оваа година, но порастот главно ја одразува инфлацијата, а не зголемена потрошувачка. Просечниот буџет за празниците е проценет на 1340 леи (околу 270 евра), во споредба со минатогодишните 1188 леи (околу 240 евра).

Жените, за разлика од мажите, имаат повнимателен пристап, зборувајќи за помал буџет од минатата година (37 отсто наспроти 31 отсто кај мажите). Само 12 проценти велат дека нивниот буџет ќе биде поголем, со значително повеќе такви испитаници во возрасната група од 44 до 55 години (25 проценти).

Лондон – Британската полиција уапси маж откако синоќа, 45 минути по полноќ, со автомобил удри во пешаци во лондонскиот кварт „Вест енд“.

Во инцидентот повредени се четворица пешаци, кои се хоспитализирани, а еден од нив е во тешка здравствена состојба.

Возачот (31) е приведен под обвинение за обид за убиство.

Москва – Руското Министерство за одбрана, по денешниот напад врз украинскиот енергетски систем, соопшти дека „Целта е постигната“.

Руските сили извршија масовен напад со прецизно оружје со долг дострел и беспилотни летала врз објектите на критичната енергетска инфраструктура во Украина кои обезбедуваат работа на воено-индустрискиот комплекс, се наведува о соопштението на руското Министерство за одбрана.

Во соопштението се тврди дека е постигната целта на нападот и оти „се погодени сите мети“.

Исламабад – Претставник на авганистанската талибанска Влада изјави дека при нападот на пакистанската армија врз источниот дел на Авганистан загинале 46 луѓе, од кои најголемиот број жени и деца, а шест лица се повредени.

Портпаролот на пакистанските талибанци тврди дека загинале 50 луѓе од кои 27 жени и деца.

Официјален Исламабад не го коментираше нападот, но пакистанската армија соопшти дека безбедносните сили убиле 13 бунтовници во операцијата во Јужен Вазиристан, округ долж источната авганистанска провинција Пактика.

Лондон – Спортскиот портал „Goal“ ја претстави ажурираната ранг листа на фудбалери кои се главни претенденти за освојување на Златната топка следната година.

На врвот на листата е напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах. На второ место е напаѓачот на Реал Мадрид Винисиус Јуниор, а на третото е Рафиња од Барселона.

Остани поврзан