• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

12 јуни 2025 

Скопје - За три дена од пуштање на телефонската линија  070/355-526,  наменета за повредените лица во пожарот во Кочани и нивните семејства директно да комуницираат со Канцеларијата на Претседателот на Владата, 109 граѓани ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози.

-Ова покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја. Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга, соопшти денеска владината прес-служба. 

Скопје - Предлогот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка поднесен од претседателката и пратеничка на Либерално-демократска партија Моника Зајкова за воведување на една изборна единица, денеска е на дневен ред на 53. седница на Собранието. 

-Воведување на една изборна единица – со цел да се постигне еднаква вредност на гласот на сите граѓани, без оглед на географската распределба; Воведување на преференцијално гласање – со цел да им се овозможи на избирачите поголемо влијание врз изборот на поединечни кандидати на изборните листи и да се зголеми одговорноста на избраните претставници; Поголема застапеност на помалите политички субјекти – преку правично претставување согласно реалната добиена поддршка на национално ниво; Јакнење на довербата во изборниот процес – преку транспарентност, правичност и зголемена отчетност на политичките актери; Унапредување на политичката инклузивност – преку создавање услови за подобра застапеност на жените, младите, лицата со попреченост и другите маргинализирани групи во законодавниот дом; Приближување кон меѓународните стандарди – преку имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и усогласување со добрите европски практики за изборни системи, се наведува во  образложението за измените на Предлог-законот објавен во веб-страна на Собрание.

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат три комисии - Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Законодавно-правната комисија и Комисијата за европски прашања.

Пред членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, во второ читање и Предлог на законот за изменување на Законот за приватните агенции за вработување, во второ читање.

Скопје  - Инфоден за можностите за поддршка на научно-истражувачката дејност во Македонија организираат денеска Машинскиот факултет – Скопје и Министерството за образование и наука во соработка со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија. На настанот ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.

Како што информираат од Факултетот, на Инфоденот ќе бидат презентирани можностите за соработка помеѓу македонските истражувачи и истражувачката мрежа на Европската комисија. Во фокусот ќе бидат енергетската безбедност, одржливите материјали за изградба, паметната специјализација и индустријата 4.0.

Скопје - Ревизорите утврдиле недоследности во работењето на ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје и констатирале дека се соочува со акумулирани загуби од приближно 1,2 милијарди денари и обврски над 268 милиони денари. Застарените сместувачки капацитети, нерационалното трошење на средства и несоодветното управување го доведуваат друштвото до сериозни предизвици во работењето, констатира Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје, за 2023 година.

ДЗР информира дека  ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје се соочува со неповолна финансиска состојба уште од своето основање во 2012 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето која акумулирана до 2023 година изнесува 1.196.650 илјади денари, односно 19.395 илјади евра и претставува 92 проценти од основната главнина.

Скопје - Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје денеска ќе се одржи дебата и промоција на публикацијата „Ткаење солидарност – од раце до срце: осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување“.

Настанот е дел од фестивалот за феминистичка акција и култура „Прво па женско #13“, кој годинава го истражува заедничкото дејствување, алтернативните економски модели и феминистичките одговори на системската нееднаквост.

Охрид - Во Охрид денеска почнува Меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ што ја организира АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија. 

Конференцијата ќе се фокусира на идните предизвици и можности во областа на комуналните услуги – водоснабдување, отпадни води, енергетска ефикасност и управување со отпад – во контекст на урбанизација, климатски промени и технолошки напредок.

Скопје - Finance Think – Институт за економски истражувања и политики заедно со Младинскиот образовен форум (МОФ), Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Македонското лекарско друштво денеска ќе ги презентира наодите од првата година од мониторингот на владините ветувања за периодот 2024–2028 преку платформата КОМПАС.

На презентацијата ќе бидат споделени: Резултатите од првата година од мандатот, Степенот на исполнување на 139 ветувања во пет приоритетни области: социоекономски развој, образование, здравство, родова еднаквост и млади, Усогласеноста на ветувањата со реалните потреби и приоритети на граѓаните, Промоцијата на платформата КОМПАС, на која има квантифицирани и категоризирани постигнувања за секоја мерка, на која може лесно да се следи прогрес.

Скопје - Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје (ИДСЦС) денеска организира тркалезна маса на тема „Една година подоцна: До каде е Собранието со борбата против корупцијата?“. 

Како што соопшти ИДСЦС, на тркалезната маса учесниците ќе анализираат што е постигнато во изминатите 12 месеци и какви предизвици стојат пред институциите во борбата против корупцијата. Ќе се дискутира за мерките кои ги презеде Собранието и Интерпартиската парламентарна група против корупција, како и за пречките во спроведувањето на антикорупциските политики.

Атина - Од 5 часот утрово, новинарите во Грција започнаа нов 24-часовен штрајк што е втор во период од една седмица, а земјата и денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот е организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, а главното барање на медиумските работници е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија. Заклучно со утре наутро телевизиите нема да се емитуваат вести и информативни емисии, а учествуваат и државната телевизија ЕРТ и новинската агенција АНА-МПА, како и голем дел од информативните портали.

Приштина - Косовската влада одлучи да прифати до 50 мигранти од САДво рок од една година, јавија косовските медиуми. Таа одлука е донесена на вчерашната електронска седница на косовската влада.

Според Коха, мигрантите ќе останат во Косово - „со цел да се олесни нивното безбедно враќање во земјата на потекло“.
„Владата на Косово ја одобри одлуката за обезбедување привремена и непосредна заштита на педесет (50) лица, како дел од соработката меѓу Владата на Република Косово и Соединетите Американски Држави. Лицата на кои се однесува оваа Одлука, за време на нивниот престој во Република Косово, ќе постапуваат во согласност со важечките законски прописи и ќе ги уживаат правата дефинирани со важечките законски прописи“, кратко изјавија од косовската влада.

Бечиќи - Регионалниот самит на гувернери, министри за финансии и директори на даночни администрации - „Финансиска и монетарна стабилност на регионот на Западен Балкан во услови на континуиран слаб економски раст во Еврозоната“ - ќе се одржи од денеска до 14 јуни во Бечиќи.

За време на дводневната програма во Црна Гора, најважните креатори на фискалната и монетарната политика - гувернери на централни банки, министри за финансии, директори на даночни администрации, како и претставници на меѓународни финансиски институции и водечки менаџери од банкарскиот и осигурителниот сектор - ќе се соберат во хотелот „Сплендид“.

Тирана - Во Албанија е потврден првиот случај на мајмунски сипаници, заразно заболување кое е дијагностицирано кај млад човек на возраст од триесеттина години, објави Топ чанел. Според медиумот, пациентот бил изолиран веднаш по потврдувањето на дијагнозата. Здравствените власти се мобилизирани за да ги пронајдат неговите контакти и да го спречат понатамошното ширење на болеста.

-Mладиот човек патувал во странство, барем така им кажал на лекарите кои го поврзуваат како причина за инфекцијата, бидејќи досега во Албанија не се идентификувани случаи на мајмунски сипаници или барем не се пријавени случаи од Институтот за јавно здравје, наведува телевизијата.

Киев - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пристигна утринава во Киев за да разговара за воена поддршка на Украина во војната со Русија, јави ДПА.

Писториус планира да разговара со претставници на украинската влада за понатамошна помош за оружје од Берлин.
„Правиме се што можеме за да ја поддржиме Украина за да може да се одбрани и да дојде до позиција каде што Русија е подготвена да влезе во сериозни преговори“, рече Писториус пред да замине.

Франкфурт - Пушачите во ЕУ  се под закана од значителен удар., објави Билд кој нагласува дека Европската комисија под водство на Урсула фон дер Лајен ги повикува земјите-членки значително да ги зголемат даноците на тутун. Целта на мерката е да се намали бројот на случаи на рак и да се намали товарот врз здравствените системи.

Во документот од 196 страници, во кој „Билд“ имале увид, Комисијата повикува на „супресија на потрошувачката на тутун, меѓу другите даночни мерки за намалување на побарувачката“. Во текстот се истакнува дека повисоките даноци би можеле да испратат „ценовен сигнал дека пушењето е навистина штетно и дека треба да се сузбие со сите средства“.

Балимена - Немири избувнаа во различни делови на Северна Ирска трета ноќ по ред  при што демонстрантите фрлаа молотови коктели врз полицијата во Балимена, ецнтарот на немирите, а спортски центар беше запален во градот Ларне.

Стотици маскирани демонстранти ја нападнаа полицијата и запалија куќи и автомобили во северноирскиот град Балимена во вторникот, за време на немирите што полицијата ги осуди како „расистичко насилство“.
Полицијата ги блокира патиштата во Балимена од синоќа. Маскирани млади луѓе фрлаа камења, пиротехнички средства и молотови коктели врз полицијата која распореди водни топови против нив втора ноќ по ред.

Њујорк - Израел, според информации од американски и европски претставници, очигледно се подготвува да  почне напад врз Иран, објави денеска „Њујорк тајмс“, потег што би можел дополнително да го дестабилизира Блискиот Исток и да ги загрози напорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да преговара за договор за спречување на Иран да развива нуклеарно оружје.

Загриженоста за можна израелска воена акција, како и можниот ирански одговор, го натера Вашингтон да повлече дипломати од Ирак во среда и да одобри доброволно повлекување на семејствата на американските војници од земјите на Блискиот Исток.

Њујорк - Сите членови на одборот што ја надгледува програмата Фулбрајт, програма на Стејт департментот за меѓународни академски и културни размени, одлучија да поднесат оставка поради наводно политичко мешање од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, соопшти Одборот.

Администрацијата на Трамп нелегално го „узурпирала авторитетот“ на одборот со тоа што им одзела стипендии на „значаен број“ лица кои веќе биле избрани за академската 2025/2026 година, по едногодишен процес базиран на заслуги, се вели во соопштението на одборот објавено на веб-страницата Substack. Исто така, Стејт департментот одлучи дека 1.200 добитници на стипендии Фулбрајт мора да поминат низ „неовластен процес на ревизија“ што може да доведе до дополнителни одбивања.

Остани поврзан