12 јуни 2025
Скопје - Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ) информира дека денеска од околу 12:00 часот во кругот на поранешната депонија Вардариште на поголема неутврдена површина гаснат запалена сува трева и отпаден материјал. Во моментов во гаснењето учествуваат седум противпожарни возила и најмалку 20-тина пожарникари.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), поради опасноста од зафаќање на трафостаница и електрични водови, превентивно струјата е исклучена и поради тоа поголемиот дел од Општината Аеродром е без електрична енергија.
Скопје - Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА) денеска на редовна седница во полн состав едногласно го избра архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за митрополит на Дебарско-кичевската епархија, изјави порпаролот на Синодот, епископот Климент.
-Светиот архијерејски синод, исто така, го разгледа и предлогот на Претседателот на САС на МПЦ – ОА, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, за избор на иден Митрополит на упразнетата Дебарско-кичевска епархија. Раководен од Светиот Дух, Светиот архијерејски синод едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Достоен!, истакна епископот Климент.
Скопје - Во април годинава се издадени 357 одобренија за градење, што е за 38,9 проценти повеќе во однос на април лани, објави денеска Државниот завод за статистика. Во извештајниот период е предвидена изградба на 729 станови со вкупна корисна површина од 60 833 метри квадратни. Од вкупниот број станови, 266 се во Скопскиот регион, 232 во Југозападниот, 125 во Полошкиот регион, 63 во Источниот регион, 16 во Вардарскиот регион, 14 во Југоисточниот регион, 10 во пелагонискиот и три во Североисточниот регион.
Најмногу одобренија се издадени во Скопскиот регион, 89, по што следуваат Југозападниот со 74, Полошкиот со 62, Источниот со 40, Југоисточниот 31, Вардарскиот 26, Пелагонискиот 23, а најмалку, 12, во Североисточниот регион.
Скопје - Изминатата година покажавме дека Царинската управа е силно посветена на зајакнување на конкурентноста на македонската економија, подобрување на поврзаноста со регионот преку модернизација и отворање нови гранични премини на коишто посветено работиме, како и имплементација на нови технолошко напредни комуникациски системи. Ваквата реформска агенда на која сме силно посветени е клучна во градењето отпорно општество и забрзаната интеграција во ЕУ“.
Ова била клучната порака од обраќањето на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на втората конференција на високо ниво на генералните директори на Царинските управи на Западен Балкан и земјите членки на ЕУ одржан во Тирана насловен „Партнерство на Царинските управи за Поврзана Европа – Зајакнување на царинската соработка за подобра поврзаност“.
Скопје - „Македонска поетика и стилистика“ – прва национална монографија во рамки на едиција посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, беше промовирана денеска во Ректоратот на Скопскиот универзитет. Како трета книга од серијата „Словенска стилистика“, ја објави Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац и излегува по повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови во таа Комисија.
Македонскиот е првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји. Автори се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Трајче Стамески и ас. м-р Иван Антоновски, научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.
Скопје - Државната изборна комисија, денеска ја одржа 125-тата седница на која членовите на комисијата ја разгледаа и усвоија одлуката за измена на Годишниот план за јавни набавки во пресрет на претстојните локални избори. Членовите на ДИК едногласно ги изгласаа и усвоија и решенијата за утврдување на пописите на избирачките места во неколку скопски општини и Радовиш.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко рече дека измената на годишниот план за јавни набавки се однесува на тековно работење во пресрет на изборите. Членот на ДИК, Ангелчо Ристов рече дека измените се предвидени за редовното работење на Државната изборна комисија и се однесуваат на набавка на лиценци за опремата на ДИК, опфатени во делот на организирање и спроведување на локалните избори.
Скопје - Сто и девет лица истапиле со предлози и барања на телефонската линија за повредените од трагедијата во Кочани, беше соопштено на денешната прес-конференција во Владата, на која зборуваа владината портпаролка Марија Митева, доктор Катерина Мирчовска, в.д. директор на болницата во Кочани и доктор Гордана Герогиева.
-До овој момент, Канцеларијата на претседателот на Владата, има остварено контакт со 109 лица, истакнувајќи ги нивните барања и предлози, информираше Митева.
Москва – Русија и Украина разменија воени заробеници, соопшти руското Министерство за одбрана вез да го соопшти точниот број на разменети војници.
- На 12 јуни оваа година, во согласност со руско-украинскиот договор постигнат на 2 јуни годинава во Истанбул, група руски војници беше вратена од територијата контролирана од режимот на Киев. Во замена, беше предадена група воени заробеници од вооружените сили на Украина, наведува во соопштението на руското МО.
Њу Делхи - Повеќе од сто безживотни тела се донесени во болницата во Ахмедабад по уривањето на патничкиот авион на „Ер Индија“, кој летал за Лондон.
Авионот Боинг 787-8, со 232 патници и 12 членови на екипажот, што денеска се урна кратко време по полетувањето од индискиот град Ахмедабад, падна врз студентски дом на Медицинскиот колеџ, во кој се сместени студенти и млади лекари. Спасувачките служби ги пребаруваат урнатините.
Москва - Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека руската армија за еден ден соборила 260 украински дронови, од кои 62 надвор од борбената зона.
Системите за противвоздушна одбрана соборија две наведувани бомби Џејдам и ракетен систем со повеќекратно лансирање ХИМАРС, произведен во САД, како и 260 беспилотни летала, вклучително и 62 надвор од зоната за специјална воена операција, се наведува во соопштението на руското МО.
Багдад - Ирак денеска соопшти дека врз основа на разузнавачки информации и податоци од теренот нема закана по дипломатските мисии во земјата.
Соопштението уследи откако САД најавија намалување на својот персонал во амбасадите на Блиски Исток, поради регионалните немири.
Сеул - Северна Кореја денеска го запре емитувањето на пропагандни пораки преку разглас на границата со Јужна Кореја, соопшти Генералштабот на јужнокорејската армија.
Пропагандните пораки се запрени откако новата јужнокорејска Влада вчера ги стопираше сопствените пропагандни пораки и Кеј-поп (јужнокорејска поп-музика), што се емитуваа 24 часа дневно долж границата.