МИА Општински пул
- 5 март 2026
5 март 2026
Струга - Општина Струга информира дека на 16 овој месец ќе се одржи аукција за продажба на автомобилот Ауди А6 со почетна цена од 1.344.636 денари или околу 21.800 евра.
Аукцијата, како што соопшти општинската прес-служба, ќе почне во 10 часот на интернет страницата e-stvari.mk.
- Со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот, стои во информацијата.
Оттаму информираат дека огласот бр. 1/2026 за продажба на подвижни предмети – патничко моторно возило, преку електронска аукција е објавен и во Службен весник.
Дебар - На граничниот премин „Блато" на македонско - албанската граница приведен е албански државјанин, баран со меѓународна потерница.
- Вчера во 15:05 часот на граничниот премин „Блато" на влез во државата, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Блато" го лишија од слобода А.Б.(38) од Република Албанија, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
При пасошка и гранична контрола, полициските службеници констатирале дека бил баран со меѓународна потерница од Интерпол-Унгарија.
Тој е пренесен во Одделението за внатрешни работи - Дебар за понатамошна постапка.
Дојран - Интернет платформата ptici.mk, која ја одржува Македонското еколошко друштво (МЕД), за неполни две години собра над 34.000 податоци за видовите птици во Македонија од 30 активни корисници.
Платформата се состои од веб-сајт на кој се прикажуваат наодите за птиците и андроид апликација што се користи како алатка за собирање на податоците. Во моментов преку неа се евидентирани 287 видови птици.
Како најнови видови од почетокот на оваа година се забележани големиот црноглав галеб, белочелната гуска и златното блатарче, додека египетската гуска и големиот славеј за првпат се регистрирани во Македонија.
Биологот-орнитолог и заменик-директор на МЕД, д-р Методија Велевски, вели дека се задоволни од досегашните резултати од користењето на оваа современа алатка за прибирање податоци за птиците на целата територија на државата.
Гевгелија - Археолошкиот локалитет „Бистерна“ во гевгелиското село Прдејци повторно се истражува од страна на тимови на Завод и музеј Струмица и Музејот од Гевгелија.
Истражувањата кои почнале неделава треба да ги дополнат информациите за оваа населба од римско време лоцирана на 500-тини метри северозападно од Прдејци, во близина на магистралниот пат Скопје – Гевгелија.
- Моментално истражуваме на трасата на гасоводот меѓу Македонија и Грција. Откривме 6 локалитети на оваа позиција, а прв на кој ќе работиме е Бистерна каде што имаме првични остатоци од населба. Се работи за римскиот период, а некои од локалитетите ни се од претходно познати, додека некои се сосема нови, вели м-р Зоран Рујак, од Националната установа Завод за заштита на спомениците и Музеј од Струмица.
Неготино - Без вода за пиење од синоќа е високата зона во Неготино.
Од Јавното претпријатие „Комуналец“ - Неготино информираа дека причината е дефект на главната линија за висока зона под резервоарот.
Најавија дека на санирање на дефектот ќе се работи во текот на денов.
- Водата ќе биде пуштена веднаш по санирањето на дефектот, соопштија од претпријатието.