• вторник, 17 март 2026
МИА Општински пул

Скопје - Еврејската заедница во Република Македонија (ЕЗРМ) и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ја одбележуваат 83-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка.

По тој повод, премиерот Христијан Мицкоски ќе положи цвеќе пред спомен обележјето во поранешниот Монопол во Скопје, а ќе се обрати и на настанот организиран по повод одбележувањето на годишнината. 

Исто така, и собраниска делегација во состав: Љупчо Пренџов, Дафина Стојаноска и Даниела Николова ќе положи цвеќе на споменикот во поранешниот Монопол, како и на Споменикот на депортираните Евреи и Споменикот на паднатите борци во НОБ на Еврејските гробишта и на Градските гробишта Бутел.

Скопје - Поради уличен дефект ф-150 мм на улица „Периша Савелиќ“ 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.

Поради изведување на водоводен приклучок ф -100 мм на Кеј „13 Ноември“ бб, пак, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците „Истарска“ и Маџирмаало.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санација на дефектот.

Денеска, исто така поради реконструкција на водоводна мрежа Ф250мм и промена на шибер Ф250мм на улица „Среќко Пужалка“ бр 67 Б, општина Гази Баба, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од оваа и од улиците „Жегљане“, „Фуштанска“, „Товарник“, „Јужноморавски бригадии“ и село Стајковци во периодот од 09:00 часот до завршување на активностите.

Неготино - Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор - Михајлово при Регионалниот центар за гранични работи - Југ и од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај - Неготино, вчера во близина на клучка Неготино, лишија од слобода 24-годишно лице од село Студеничани, скопско. Претходно, по добиени сознанија дека превезува мигранти на патот Гевгелија -Демир Капија, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор - Михајлово дале знак за запирање, но, лицето не застанало и по преземени мерки, возилото е присилно запрено. Подоцна, по пребарување на теренот, пронајдени се 10 лица - мигранти од Египет, информираа утрово од Министерството за внатрешни работи.

-Mигрантите се сместени во Прифатно - транзитен центар - Винојуг во Гевгелија за понатамошна постапка. Додека, против возачот е поднесена кривична пријава за „криумчарење мигранти“ и од судија на претходна постапка, изречена му е мерка притвор во траење од 30 дена, соопштија од МВР.

Скопје - Изречена била итна мерка за отстранување од дом на насилник од Скопје поради извршено семејно насилство, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи.

- Вчера од страна на Единицата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи - Скопје е поднесено барање до скопскиот Основен граѓански суд за итна мерка за отстранување од дом за Љ.Б., 68-годишен скопјанец, поради извршено семејно насилство. На 9 март во 22:30 часот во градот, полициски службеници од СВР - Скопје го лишија од слобода Љ.Б., постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом на подрачјето на Кисела Вода, упатувал закани со остар предмет кон неговиот 35-годишен син, информираа од МВР.

Од страна на Судот, изготвено било решение со што на Љ.Б., како сторител на семејно насилство, му се изрекува итна мерка за заштита од семејно насилство - отстранување од домот во времетраење од 30 дена.

Неготино - Општина Неготино, преку Оделението за урбанизам и заштита на животната средина, организира акција за пошумување со цел зголемување на зелените површини и унапредување на животната средина, информираше денеска градоначалничката Марија Нацева.

- Акцијата се реализира во соработка со „Мен енд маунтенс“ (МАМ), организатори на „Генералка викенд“, кои обезбедуваат донација на садници. Како резултат на нашето активно учество, Општина Неготино доби насади што официјално го носат името „Сончева гора“, појасни Нацева.

Градоначалничката најави дека во петок ќе се засадат 100 садници „свилен багрем“ - „кинеска мимоза“ со висина од два метра. Предвидено е локацијата да биде споменикот „Манчо Малиминов“, со почеток во 9:30 часот. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски денеска изврши увид во градежните активности на улицата „2“ во населеното место Расадник. при што оцени дека улицата во најбрз можен рок е целосно рекностуирана и завршена.

-Продолжуваме со градежната офанзива и ги реализираме ветувањата. Направив увид во градежните активности на улица „2“ во населеното место Расадник која во најбрз можен рок е целосно реконструирана. Ова е улица во должина од 250 метри и површина од 1000 квадратни метри, напиша Костовски на својот фејсбук профил.

Најави дека во ова населено место наскоро ќе се реконструираат и улиците „Ангел Мојсковски“, „Александар Грличков“ и „Љубинка Басотова“.

 

 

Остани поврзан