• вторник, 17 март 2026
МИА Општински пул

13 март 2026 

Скопје -  Посебен режим на сообраќај ќе има утре во Скопје поради протест, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.

- Во 12:05 часот во организација на Сојуз на синдикатите на Македонија ќе се одржи протест со почеток на траса на движење од пред зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“, лево по „Филип Втори Македонски“, десно по „11-ти Октомври“, право по „Димитрие Чуповски“, десно по „Васил Главинов“, право по булевар „ВМРО“, лево по булевар „Илинден“ до пред Влада на Република Северна Македонија во Скопје. Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по наведените сообраќајници во град Скопје, информираа од МВР.

Се апелира да се почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се движат учесниците.

Дојран - Спанаќ, морков, марула, кромид и лук се првите раноградинарски култури, кои веќе се садат и на отворено во Југоисточниот Регион. Земјоделците велат дека иако пролетната сеидба е во тек, треба да се внимава на ниските утрински температури, кои може да создадат проблеми за посевите на отворено.

- Што се однесува до контролираното производство, условите се добри, со исклучок на ниските утрински температури од 1 или 2 степена. Засадени се раната зелка, краставица, домат. Пролетната зелка може да се сади секаде, компирот уште малку и ќе се сади, а за културите што успеваат на топла клима дневните температури се идеални, само што навечер и наутро се спуштаат блиску до нулата. За житните култури засега е добро бидејќи земјата има доста влага од дождовите што паднаа изминативе месеци. Нов дожд сега не е толку итен, но е добредојден во нормални рамки - вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикатите на земјоделските производители.

Иако јужните краеви предничат со земјоделските активности за разлика од постудените региони, сепак земјоделците велат дека е потребно внимателно да се преземаат следните чекори бидејќи временските услови може да изненадат.

Дебар – Полициски службеници од дебарското одделение за внатрешни работи лишиле од слобода жител на Општина Центар Жупа поради семејно насилство.

-Вчера околу 19 часот, полициски службеници од ОВР Дебар, во неговиот дом во село во општина Центар Жупа, од слобода го лишија Ј.Р.(48). Тој претходно, во семејниот дом, предизвикал вербална расправија со сопругата и малолетната ќерка, по што со тврд предмет ја нападнал малолетната ќерка, нанесувајќи и повреди, информираше Стефан Димоски портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

По консултации со јавен обвинител и по целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Кочани - Пожар избувна синоќа во Прочистителната станица за отпадни води во селото Мојанци. Според информации од ТППЕ од Кочани, огнот се појавил на инсталација од системот за пренос на метан, при што се запалиле цевки од системот. Ова се случило околу 20:30 часот.

-Добивме дојава за пожар во прочистителната станица во Мојанци и веднаш интервениравме со четири возила и осум пожарникари. Со нас беше и возило од ДПД . Пожарот од наша страна брзо е локализиран и изгаснат . Беше запален и зафатен дел од прочистувањето на метанот, но сега веќе  нема опасност. Фабриката продолжува да работи, ни изјави доцна  синоќа, Драган Апостолов, командир на кочанската ТППЕ.

Предизвикана е само материјална штета, причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат. 

Брзата реакција на кочанските пожарникари спречила  проширување на огнот во балонот каде што се собира метанот и евентуална негово експлодирање.

Куманово - Привршува реконструкцијата на внатрешноста од занаетчискиот дом во Куманово во поранешен архив, соопштија денеска надлежните.

-Во завршна фаза е реконструкцијата на Државниот архив во склоп на Занаетчиски дом. Извршена е санација и адаптација на внатрешните простории, ходникот и терасата, информираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Внатрешноста на просторот се реконструира со претходно добиено одобрение од Министерство за транспорт и врски, бидејќи се работи за објект за посебно значење од градот, споменик на културата, со претходно одобрено конзерваторско одобрение, информираа, претходно од секторот за урбанизам од општина Куманово. Тие појаснуваат дека автентичноста целосно ќе се задржи во внатрешноста, ќе се промени водоводната и електричната инсталација, ќе се адаптира дел од просторот за поголема функционалност.

Скопје - Во дворот на Општина Кисела Вода денеска се реализира инклузивна акција за садење цвеќе, во која, како што информираат од Општината учествувале децата со церебрална парализа, нивните родители, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, советниците од општинскиот Совет, како и волонтери од здруженијата „КрафтКонект Дубица“ и „Златни Ангели“.

Оваа активност, се вели во соопштението, испрати силна порака за важноста на вистинската инклузија и потребата секое дете да биде активно вклучено во општеството.

-Инклузијата на дело е најубавата слика за нашата Кисела Вода. Денес, дворот на општината беше исполнет со искрена радост и позитивна енергија. Заедно со децата со церебрална парализа, нивните родители и волонтерите од здруженијата „КрафтКонект Дубица“ и „Златни Ангели“, како и со советниците од нашиот Совет, садевме цвеќе. Искрената среќа и песната што спонтано ја запеаја децата на крајот од настанот беа најубавиот доказ за тоа колку значат ваквите моменти на поврзување. Како локална самоуправа, продолжуваме со нашите системски заложби за поддршка на децата со церебрална парализа и нивните семејства. Кисела Вода континуирано создава услови каде инклузивноста е секојдневна пракса, а секој поединец е целосно прифатен-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска. 

Куманово - Креативното уметничко дело на авторот Стојан Трајковиќ, со мотив: „Куманово – град на традицијата и единство“, е избрано за „Сувенир на Општина Куманово“ за 2025 година, информираа денеска од општина Куманово. Избраниот сувенир е приспособен за масовно производство, со цел да се користи за промоција на Куманово.

На претходно објавениот Конкурс за избор на сувенир на Општина Куманово за 2025 година, учествуваа девет автори со свои креации, во кои беа содржани елементи на препознатливост, отсликување на традицијата и културно – историските, духовни, материјални и природни богатства на Куманово.

Куманово неодамна доби сувенирница, сместена во простор на занаетчискиот дом. Таа претставува траен симбол на посветеноста кон промовирањето на занаетчиството и туризмот. Занаетчиите ја користат просторијата каде беше сместена фризерницата „Боро Менков“. Домот на занаетчиите е изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните, белег на Куманово. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град.

Туристите кои транзитираат во Куманово најмногу купуваат сувенири со обележја на Куманово, информираа претходно од регионалната занаетчиска комора. Од таму велат дека најчесто се продаваат магнети со значајните културно-историски споменици од градот. Локалните занаетчии имаат простор за презентацијата на своите дела. Општина Куманово со неколку мерки ги поддржува занаетчиите кои, пак, придонесуваат за локалниот развој на градот. 

 

 

 

Остани поврзан