13 март 2026
Кавадарци - Кавадарчанка се здобила со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа во општина Росоман.
- Вчера во ОВР - Кавадарци било пријавено дека во 10:15 часот, на регионалниот пат Кавадарци - Росоман, во атар на село Рибарци, општина Росоман, се случила сообраќајна несреќа, помеѓу товарно возило „ман“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Ј., на возраст од 27 години од село Батинци, скопско, и патничко возило „форд“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од 49-годишната Д.М. од Кавадарци. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобила Д.М., констатирани во Општата болница - Кавадарци, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Известен бил јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од ОВР - Кавадарци.
Скопје - Времето за претстојниот викенд ќе биде умерено облачно со сончеви периоди, а попладне, претежно во западните делови, со услови за краткотраен повремен дожд. До крајот
на периодов ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд, соопштија денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.
До вторник се очекува да дува слаб до умерен ветер, претежно од јужен правец. Ветерот во среда ќе го смени правецот во источен, а во четврток во североисточен. Дневната температура од вторник ќе има тенденција на опаѓање.
Тетово - СВР Тетово информира дека вчера е лишен од слобода 18-годишник од Тетовско, кој испраќал закани дека ќе постави бомби и ќе изврши убиства во тетовско средно училиште. По пријавите од неколку професори од Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово, приведен е М. Р. (18) од Палатица,
- Тие добиле информации од родители на ученици дека М.б Р. праќал пораки до учениците, односно се заканувал оти ќе постави бомби и ќе изврши убиства во училиштето. Веднаш се преземени соодветни мерки и активности од полициски службеници од СВР Тетово и по добиената судска наредба, извршен е претрес во с. Палатица, Тетовско во домот и во помошните простории на Р. Р. (49). При претресот биле пронајдени повеќе предмети на син му М. Р. (18) за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава - соопшти СВР Тетово.
На 27 февруари 2026 во Палатица исто така беше лишен од слобода М. Р. (18) како осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции, но нема потврда од СВР Тетово дали станува збор за истото лице.
Скопје - Започна реализацијата на проектот за темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, како и изградба на нова пешачка патека во општина Бутел, соопштија денеска од Одделението за односи со јавноста при Град Скопје.
Почетокот на активностите бил означен во присуство на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.
- Проектот опфаќа уредување на просторот покрај реката и изградба на пешачка патека во должина од 1.590 метри, наменета за прошетка, рекреација и дружење на граѓаните. Долж патеката ќе биде поставено современо лед-осветлување, урбана опрема и нови клупи, а просторот ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило. Во рамки на проектот, предвидена е и изградба на нови детски игралишта, со цел создавање безбеден и уреден простор за игра и рекреација на најмладите, информираа од Град Скопје.
Додадоа дека со реализацијата на овој зафат, општина Бутел во соработка со Град Скопје продолжува со активности насочени кон подобрување на јавниот простор и квалитетот на живот на граѓаните.
Дебар - Одделението за внатрешни работи во Дебар информираше дека пристигнуваат пријави од граѓани дека, одредени лица на дел од социјалните мрежи споделуваат фотографии од малолетни лица, на кои, наводно, им биле потребни пари за оперативни зафати со оставен број за контакт за прибирање на паричните средства.
По овој основ, жители на Дебар, веќе оствариле контакт преку мобилниот телефон оставен за контакт и на едно лице му донирале пари со цел да помогнат за наводно лекување на малолетник.
-Ги известуваме граѓаните дека станува збор за лажни информации од одредени лица кои се всушност, класичен обид за измама, со цел противправно стекнување парични средства. Апелираме, граѓаните да бидат внимателни, да не се јавуваат на оставените мобилни броеви за контакт, да не се среќаваат со други лица по овој основ, да не споделуваат лични податоци и да не вршат донирање на парични средства, апелираат од Одделението за внатрешни работи.
Додаваат дека интензивно се работи на идентификација на сторителите на вакви измами, по што, против нив, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Струга - Две лица, во одделни случаи вчера привела струшката полиција поради управување автомобил и мопед без положен возачки испит, соопшти денеска СВР Охрид.
Според информацијата, вчера во 15 часот, на магистралниот пат Струга - Ќафасан, во близина на струшкото село Радолишта, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, од слобода го лишиле К.Т.(29) од Радолишта.
- При извршена сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патнички автомобил „голф“ со струшки регистарски ознаки и притоа, констатирале дека тој немал положено возачки испит и нема право на управување моторно возило, стои во соопштението.
Неколку часа подоцна, односно во 20 часот на улицата „Глобочица“ во Струга, полициски службеници од полициската станица за безбедност на патниот сообраќај, од слобода го лишиле Р.М.(47) од Струга.
Велес - Полициски службеници вчера попладне привеле 26-годишник од Градско, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 20-годишна сопруга, по што дошле неговиот татко и таткото на неговата сопруга и настанала турканица меѓу нив.
Како што информираат денеска од СВР Велес, тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Велес - Во СВР Велес вчера било пријавено дека околу 08:30 часот, на улица „Нада Бутникошарева“ во Велес, настанал пожар на тераса над продажен објект. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од Територијална противпожарна единица, информираат денеска од СВР Велес.
Увид извршила увидна екипа од СВР Велес.
Екипа на Територијалната противпожарна единица Велес со едно противпожарно возило и шест пожарникари по пријавата за пожар на балкон над маркет кај Градскиот пазар во Велес, веднаш излегле на терен.По пристигнувањето за кратко време пожарот бил изгаснат од пожарникарите и било спречено истиот да се прошири.
Воедно апелираат до граѓаните во случај да забележат пожар да се јават на бесплатниот телефонски број 112 или 193.
Штип - По повод светската Недела на борба против глаукомот, Одделот за очни болести при ЈЗУ Клиничка болница –Штип , заедно со катедрата по Офталмологија на Медицинскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип денеска се вклучија во одбележување на Неделата за борба против глаукомот. Раководителот на катедрата за офтамологија при Факултетот за медицински науки при УГД-Штип, Страхил Газепов истакна дека болеста глауком е подмолна болест, која не предизвикува болки на очите, пореметување на видот, ниту пак чешање и црвенило на окото. Тој посочи дека лани од 440 прегледани пациенти кај 23 е дијагностицирано глауком, а 18 биле со симптоми со очен притисок, а 18 со симптоми на глауком.
-Нема никакви симптоми, а перманетно го оштетува очниот нерв и знае оваа болест да биде толку подмолна, кога пациентите ќе дојдат кај очен лекар да имаат сериозни нарушувања на очниот нерв и со тоа да има траен губиток на видот. Апел е еднаш годишно е пациентите да си го прегледат очниот притисок се со цел рано откривање-вели Газепов.
Скопје - Општина Ѓорче Петров, информира дека се стекнала со „CAF Effective User Label“ - престижна европска ознака која ја потврдува успешната примена на високи стандарди за управување со квалитет во јавната администрација.
Со добивањето на ова признание, Општина Ѓорче Петров, како што информираат, станува првата општина во Македонија што успешно го поминала процесот на независна надворешна евалуација и го добила овој реномиран сертификат за институционална извонредност.
-Овој значаен институционален исчекор е резултат на системска и професионална посветеност на општинската администрација, како и на јасната определба за континуирано унапредување на управувањето, зајакнување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните - рече градоначалникот Александар Стојкоски на настанот по повод доделување на признанието.
Вевчани - Изложба со дела од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ ќе биде отворена од 16 до 25 март во „Gallery Mc“ во Њујорк.
Изложбата, како што информира Ефимија Угриновска Кукоска од Meѓународна ликовна Колонија „Вевчански Видувања“, е насловена „Патување низ бои: Духот на Балканот во Њујорк“ и преку современ визуелен израз ја претставува инспирацијата од традицијата, културата и уникатниот дух на Вевчани.
- Изложбата обединува дела инспирирани од препознатливите мотиви на Вевчани – неговата богата културна историја, природните убавини и живописните симболи на познатиот Вевчански карневал. Преку различни уметнички техники и стилови, авторите нудат лични интерпретации на ова место кое претставува значаен дел од македонскиот културен идентитет, соопшти Угриноска - Кукоска.
Целта, според неа, е приближување на македонската култура до меѓународната публика и создавање простор за културна размена и дијалог меѓу уметниците и љубителите на уметноста во Њујорк.
Валандово - Општина Валандово ќе го обнови возниот парк на комуналното претпријатие со ново возило.
На последната седница на Советот на општината се изгласа Одлука за подобрување на комуналните услуги во југоисточен плански регион преку набавка на комунално возило за општина Валандово.
Според градоначалникот Ѓоко Камчев, станува збор за корисен проект за општината кој ќе се реализира во соработка со Центарот за развој на Југоисточен плански регион.
- Повеќе од 15 години не е обновен возниот парк на јавното комунално претпријатие со возила за собирање смет. Овој камион за собирање смет со капацитет од девет метри кубни отпад ќе ги покрие двете камиончиња кои ЈП моментално ги има на располагање - рече Камчев.
Согласно одлуката, проценетата вредност на камионот за собирање комунален отпад е 4 950 000 денари, од кои општината треба да даде 272 500 денари, а останатите треба да ги покрие Центарот за Југоисточен плански регион.
На истата седница советниците усвоија одлука да се даде под закуп поранешниот Дом на култура во населеното место Удово.