МИА Општински пул
- 5 март 2026
5 март 2026
Битола - Општина Битола, Комуната на Власите и Кино клубот „Милтон Манаки“ денеска одбележаа 62. години од смртта на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки.
Според востановената традиција, чествувањето се одвива на влашките гробишта во Битола со полагање цвеќе и давање почит за делото на Манаки.
-Големото Манакиево дело вечно трае. Чест и задоволство е во име на градот, во име на граѓаните на Битола да се положи цвеќе на великанот на кинематографијата, не само балканската, туку и светската. Тоа и времето и историјата го покажа. Приказната на браќата Манаки е една од позитивните историски приказни, значајни, не само за Балканот туку и пошироко и кога ќе ја спомнете Битола несомнено, не можете да го издвоите Манаки од тој историски контекст, истакна градоначалникот Тони Коњановски.
Куманово - Кумановци можат да аплицираат за субвенции за гасификација во 2026 на јавниот оглас што го објави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија на денешната прес-конференција надлежните од ЈП „Куманово-Гас“. Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за приклучок на дистрибутивна гасоводна мрежа или за набавка на гасен котел е објавен пред неколку дена, а субвенцијата изнесува до 30.000 денари по домаќинство, но не повеќе од 70 проценти од направените трошоци. За оваа мерка во буџетот на Министерството се обезбедени вкупно три милиони денари.
Повикот е наменет за физички лица, едно домаќинство може да аплицира само еднаш и да избере една од двете можности субвенција за приклучување на гасоводната мрежа или субвенција за купување гасен котел, за што е потребно да има приклучок кон мрежата. Оние кои се заинтересирани за приклучување најпрво треба да ја комплетираат техничката документација и да склучат договор со претпријатието. Повикот трае до 30 јуни годинава.
Куманово - По 13-ти пат во пресрет на меѓународниот ден на жената фотоклубот „Куманово“ вечер со почеток во 19.30 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе ја отвори националната изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“, информираа денеска од клубот. Станува збор традиционален настан посветен на креативноста, талентот и визијата на жените во фотографијата.
- И оваа година, во пресрет на Осми март – Светскиот ден на жената, изложбата продолжува да биде силна платформа за афирмација на женското фотографско творештво во Македонија. Фотографијата е глас, емоција и лична приказна. Преку објективот, жените авторки создаваат дела исполнети со длабочина, сензибилитет и силна визуелна порака, градејќи препознатлив и автентичен израз- најавија од фотоклубот.
На овогодишното издание пристигнале над 250 фотографии од учеснички од повеќе фото клубови ширум земјата. По селекцијата избрани се 80 дела кои ја претставуваат современата женска фотографска сцена – моќна, искрена и инспиративна.
Битола - Францускиот почесен конзулат и Француската Алијанса во Битола, месецот на Франкофонијата ќе го одбележат со акцент на две значајни годишнини, 30 години конзуларно делување и 25 години Француска Алијанса Битола, институција која веќе четврт век ги промовира францускиот јазик, култура и вредности.
Месецот на Франкофонијата не претставува само програма од настани тоа е прослава на заедничките вредности, на љубовта кон јазикот, уметноста и отвореноста кон светот, информира Калиопа Кривашија Стилиновиќ, почесен конзул на Република Франција во Битола.
-Во текот на март и април ќе понудиме активности за сите вкусови, за сите генерации и публиката ќе има можност да ужива во богата и разновидна програма. На различни локации во градот ќе биде понуден современ француски танц, ќе организираме свечена приредба во изведба на нашите најдраги, учениците со емотивен омаж на франкофонските вредности и на долгогодишната културно образовна мисија, ќе има Вечери со франкофонски филмови и Мала школа на краткометражни детски филмови, а Џез Фабрика Фестивалот ќе биде со француски гости како прослава на слободата, импровизацијата и културната размена, посочи Кривашија Стилиновиќ.
Тетово - Министерот за здравство Азир Алиу и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) проф. д-р Садудин Ибраими, денеска во Тетово потпишаа заеднички Меморандум за соработка меѓу двете институции.
Со овој меморандум на Министерство за здравство и Универзитет на Југоисточна Европа се воспоставува и унапредува институционалната соработка со цел поддршка на процесот на дигитална трансформација и модернизација на здравствениот систем во државата.
- Со ова партнерство ја потврдуваме заедничката заложба за унапредување на квалитетот, ефикасноста и ефективноста на здравствените услуги, преку интегрирање на академското знаење и институционалните капацитети во интерес на граѓаните, истакна при потпишувањето министерот Алиу.
Куманово - Општина Куманово постави нови „лежечки полицајци“ на 24 локации во градот, соопшти денеска градоначалникот Максим Димитриевски.
-Поставени се средства за забавување на сообраќајот, „лежечки полицајци“, на улиците „Народна револуција“, „Јоско Илиевски“, „Поток Серава“, „Веселин Маслеша“, „110“, „Тоде Мендол“, „Студена Вода“, „Васко Карангелески“, „11 Ноември“ и во село Горно Којнаре. Безбедноста во сообраќајот е приоритет, објави Димитриевски.
Граѓаните од повеќе реони реагираат дека е потребно да се постават вакви средства за смирување на сообраќајот, поради несоодветното возење на дел од учесниците во сообраќајот.
Дебар - Општина Дебар продолжува со реализација на проекти за подобрување на патната инфраструктура, со цел создавање подобри услови за жителите на целата територија на општината.
По исполнувањето на сите потребни технички и административни услови, во завршна фаза е целосната реконструкција на патот во село Долно Косоврасти.
-Станува збор за патот од Косоврашки Мост до центарот на селото, како и кракот кој води кон бањските локалитети. Со проектот предвидено се средства во износ од над 5,5 милиони денари со вклучен ДДВ. Можам да кажам дека во завршна фаза е асфалтирањето на патот, рече за МИА, Резона Фетаху, координатор на проектот.
Валандово - Општина Валандово објави повик за поднесување на понуди за реконструкција на општинската зграда и ЈОУ Дом на култура „25-ти Мај”, во рамки на проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор.
Како што е наведено во огласот, за реализација ќе се користат дел од средствата што државата ги добила како заем од Интернационалната банка за обнова и развој (ИБОР), за финансирање од страна на Светска банка на трошоците за проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор.
- Во тек е јавна набавка за проектот кој ќе предвиди енергетска ефикасност за два објекти – општинската зграда и Домот на културата. Во зградата на општината веќе се во тек реконструкција на подот и замена на вратите, а по изборот на најповолна понуда предвидени се замена на кровот, термо фасада, нова топлинска пумпа, поставување фотоволтаици и систем за греење и ладење. Во Домот на културата, меѓу другото, се планира промена на сите прозорци, со оглед на тоа што голем дел од објектот е застаклен, нова фасада и систем за греење, вели градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.
Скопје - Интензивно се работи на реализацијата на еден од најголемите капитални проекти во Скопје, булеварот „Македонија”, со кој за првпат во државата се гради и пушта во употреба првата подземна сообраќајница, објави на Фејсбук градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Станува збор за стратешки проект што значително ќе го подобри сообраќајниот проток и ќе донесе ново, модерно решение за урбана мобилност во главниот град.
- Со неговата реализација, метежот и сообраќајниот хаос во Скопје ќе се намалат за најмалку 33%, што претставува огромен чекот кон пофункционален, поуреден и поефикасен град. Најдоброто, доаѓа!, наведува Ѓорѓиевски.
Скопје - Градежните активности за доградба и проширување на општинското основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“ влегуваат во својата завршна фаза, информираат од Општина Кисела Вода.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денеска изврши увид на терен, каде интензивно се работи на финализирање на овој значаен проект. Со изградбата на нови 390 квадратни метри простор, односно по 130 квадрати на секој кат, трајно се унапредуваат условите за следење на наставата за 953-те ученици во ова училиште.
Проектот се реализира преку договор со Министерството за образование и наука, како дел од проектите одобрени од Владата за реализација на капитални инвестиции низ општините.